Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено
Независен - пред 10 часа
Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено Тоа би била најсилната „шлаканица“ што треба да им ја удриме, не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој Ерол Ризаов 02/02/2023 15:09 Можеме ли на Бугарите што ќе дојдат на 4 февруари, да го одбележат роденденот на Гоце Делчев во Скопје, да им одржиме една лекција за културно однесување? Да ги пречекаме учтиво, достоинствено, воздржано и студено. Тоа би била најсилната засрамувачка „шлаканица“ што треба да им ја удриме на јавна сцена не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој. Сите знаеме зошто баш сега наеднаш им текна да дојдат како неканети гости. Не е за арно. Освен некои бугарски политичари при официјални посети на Македонија и ретки бугарски туристи кои се поклониле пред великнатот Делчев, никогаш од Бугарија немало ниту една организирана посета. Затоа непоканетите гости кои најавуваат „инвазија“ на Скопје на 4 февруари не може поинаку да се прифатат освен како провокација на која треба да наседнат не само некои граѓани, туку и политички партии, македонски и бугарски, кои во таа игра и манипулација со чувствата на граѓаните гледаат добри предизборни поени. Нивните веќе најавени активности, иако се прикажуваат како самоорганизирани, можат лесно да излезат од контрола и да предизвикаат трагични последици. Што подраматични настани на граничните премини, на патиштата и во Скопје, толку повеќе штета во односите меѓу двете земји, кои по инцидентот во Охрид со физичкиот напад на секретарат на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ се крена на ниво на закана со војна. Не може да се игнорира, а ни целосно да се контролира опасноста ако во едни вакви напрегнати моменти се замешаат и разузнувачки служби на други земји кои имаат и тоа каков голем интерес за дестабилизација на Балканот. Ако вандалскиот напад на македонскиот Бугарин во Охрид Христијан Пендиков предизвика студена војна, иако веднаш се уапсени напаѓачите, тогаш, некој божем заталкан истрел од огнено оружје на професионален разузнавач може да ја погоди најтрагичната мета и да предизвика многу потешки последици во односите меѓу двете земји кои најмногу ќе ѝ наштетат на Македонија. Патриотски екскурзии можат да го запалат бурето барут Воопшто не е време на овој 4 февруари за вакви политички, партиски и балканско патриотски екскурзии и „свечени“ пречеци, кои колку и да е големо обезбедувањето можат да го запалат краткиот фитил на бурето барут. Исто така, сега не е времето да се потсетуваме на немили настани од пред повеќе години, но треба да се каже како лошо искуство дека не така одамна кога Македонците од Бугарија и од Македонија одеа на Пирин да му оддадат почит на Јане Сандански повеќепати беа претепувани не само од „самоорганизирани“ параполициски служби, туку и директно од бугарската полиција. После секој таков настан она малку што беше постигнувано со повеќегодишни напори на културен, научен и деловен план брзо беше уништувано на голема радост на оние кои никогаш не сакаат да има добри односи меѓу Бугарија и Македонија. Имајќи ги предвид овие болни искуства и сѐ она што ѝ се случува на Македонија со бугарските блокади и вета, ако веќе не може да се одбегне со фанфари најавуваната посета на светилиштето каде е саркофагот на Гоце Делчев – црквата „Св. Спас“ во центарот на Скопје, тогаш најдобрата работа што може да се направи е да се покаже граѓанска воздржаност, игнорирање на евентуалните провокации и целосно запазување на редот и мирот со почитување на сите правила при посетата на ова македонско светилиште. Црквата „Св. Спас“, како и сите светилишта и мавзолеи во светот, има свое работно време, ред и строги правила на однесување на посетителите. Малото дворче каде што се наоѓа саркофагот на Гоце Делчев не може да прими повеќе од 15-20 луѓе во исто време. На 4 февруари нема да дојдат само „гости“ од Бугарија, туку и од Македонија кои сакаат да му оддадат почит на Гоце Делчев. Во зависност од бројноста на официјалните делегации кои не чекаат на ред, туку влегуваат со посебен протокол, можно е да се создадат долги редици на граѓани и „блиски“ запаливи средби. Ова ли е културен натпревар меѓу народите? Би било полезно на бугарските граѓани при влезот во Македонија тие денови да им се даде една брошура, или флаер за значењето на оваа црква, но и за работното време на црквата која е под заштита на државата, за правилата на однесување при посетата со напомена дека секое отстапување и нарушување на редот и мирот ќе бидат строго санкционирани. Така е секаде во светот. Ја имав таа можност да посетам повеќе мавзолеи, светилишта, музеи, цркви и џамии каде се наоѓаат моштите на значајни историски личности. За сите нив заедничка карактеристика е тишината и атмосферата на пиетет кон личноста и неговото почивалиште. Така, во сабота, на 4 февруари, треба да биде и во дворчето на „Св. Спас“, но и пред неа, во редиците граѓани од Македонија и од Бугарија кои ќе дојдат да му оддадат почит на Гоце Делчев, чија големина и значење ги надминува границите и на Македонија и на Бугарија. Секој скандал на овој ден, или немил настан би бил голем срам, дијаметрално спротивен на една општо позната мисла која му се припишува на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. За голема жал на цивилизираните луѓе и на голема радост на милитантните националисти и шовинисти, менливи и минорни политичари чии имиња се забораваат веднаш по мандатот, аманетот на Гоце Делчев во двете соседни држави, Македонија и Бугарија, кои го сметаат великанот за свој, натпреварот не се одвива на културно поле, туку на полето на омразата и блокадите. Сѐ уште, и по 151 година од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт, денес, и во третата декада на 21. век, секој обид за добри и пријателски односи меѓу Бугарите и Македонците завршува со победа на силите што влечат назад. Од една страна, посилната, сѐ уште тегне накај 1878 година и го сонува неостварениот сон од Сан Стефано, денешен Јешиљќој, безмалку среде Истанбул. Само таа промена на историјата и на географијата и 145-годишната реалност на непостоечки договор, без да се навлегува во други историски факти, јасно ја кажува големината на будалштината која може да се негува со векови во лулката на национализмот која прави пустош во главите на луѓето. Од другата страна, пак, послабата, со истата силина на националистички вознес квази патриотските сили успешно со децении ја одржуваат улогата на „ем шуто ем боде“, секогаш на штета на шутото. (Линк до колумната во Дојче веле овде) Поврзани содржини Прерано е за глобален оптимизам 01/02/2023 09:02 Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“ 29/01/2023 15:01 Каде е оној мој колега Николај Милков од Букурешт? 28/01/2023 09:01 Месечарење на планината на мегазаканите 26/01/2023 09:01 Од каде се идеите за влада на широка коалиција? 25/01/2023 09:01 Соочување со реалноста во Србија и во Македонија 24/01/2023 16:01 До кога ќе наседнуваме на евтините бугарски сценарија? 23/01/2023 16:01 Низ руското огледало 18/01/2023 15:01 Најчитани Земјата прими радиосигнал испратен од галаксија која е оддалечена 9 милијарди светлосни години 27/01/2023 11:10 Вибер воведува две нови опции кои секојдневно ќе ги користите 26/01/2023 20:40 Дефинитивно оваа намирница го топи салото, задолжително јадете за доручек 31/01/2023 09:56 Стјуардеси ни откриваат кои осум работи во авионот се бесплатни: Од патниците ова ретко кој го знае 31/01/2023 10:19 Каде е оној мој колега Николај Милков од Букурешт? 28/01/2023 09:30 На 45 години почина Ени Вершинг, позната по серијата „24“ 30/01/2023 08:17...
Убивање, ама онака, по нашки
Слободен Печат - пред 12 часа
Не знам кој е среќен деновиве во кралството наше обединето. Во низата штрајкови, главно за повисоки плати, на вработените на универзитетите, на возачите на возови, на автобуси, на јавната администрација, деновиве се приклучија и учителите, па повеќе од 20.000 училишта останаа затворени. Можеби децата? Обично, колку што се сеќавам, кога „губевме часови“ на училиште, среќата ни беше краткотрајна, зашто загубеното требаше да се надомести, и тоа обично во саботите, што беше доволно да се намали радоста за мошне кусо време, обратнопропорционално со уништениот викенд. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Губење часови и рејтинг Има и протести, организирани од синдикатите, зашто владата сака да наметне минимална задолжителна работа за време на штрајковите. И, што се случува? Родителите останаа дома, прво затоа што и да сакаа, голем дел од нив не можеа да стигнат на работа, па се вратија на „работа од дома“, како во „најдобрите денови“ за време на пандемијата. И, згора на тоа, мораа истовремено од дома да ги образуваат своите наследници, онака како што умеат и знаат, да напишат некое домашно, да прочитаат нешто интересно, да решат некоја задача, нешто што ќе ги држи во форма и ќе им го окупира вниманието додека не тргнат пак во училиште, што ќе биде на општо задоволство и со колективно здивнување на илјадниците родители, учители, возачи, административци и, се разбира, на премиерот Риши Сунак. Штрајковите стануваат сериозен проблем во земјата и извор на постојани грижи на владата, која и онака во просек еднаш недело ја потресува плус некоја афера од сопствено производство. За најновата брчка на челото и за уште некое бело влакно во ѕифт црната коса на Сунак, придонесе и најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд кој предвидува дека британската економија годинава ќе влезе во рикверц. ММФ предупреди дека Британија ќе има најлоши перформанси од сите развиени земји и додаде сол на раната – растот ќе биде понизок и од оној на Русија. Ауч. Болно. Ама, нели, надежта умира последна, а можеби и оние од ММФ станале на лева нога, не им бил денот или… Ништо сериозно Не можам, а да не се сетам на тоа како изгледаше мојот прв уредник во Би-би-си, Стивен Ашли, кога првпат му кажав дека ќе го убијам. Мислам, каков беше неговиот лик. За еден миг лепеза од емоции. Прво ме погледна со неверување, па со сомневање, па во дел од секундата како молскавично да размислуваше и да ја проценуваше и преоценуваше ситуацијата на која ѝ претходеше оваа, според него со ништо предизвикана, а сепак сериозна закана. Па, конечно, сиот здрвен и збунет, и натаму без да знае што да каже и како да реагира (а бегството не беше опција зашто јас бев пред него, тој беше метро и педесет и шеесет кила жива мера, а јас со сите мои метро и шеесет и пет и… добро, за килограмите дама ниту се прашува ниту кажува) единствено што успеа да пропелтечи беше: Уај? Зошто… Потоа речиси еден час и повеќе му објаснував дека тоа не беше ништо сериозно, дека немам никаква намера да го лишам од животот и дека тоа „ќе те убијам“ е нешто што ние на Балканот го употребуваме онака, кога се шегуваме, кога сме малку изнервирани, кога се караме и се расправаме, ама не сме сериозни. Им го кажуваме на најблиските и на нешто подалечните. Добро, секако, има и случаи кога „ќе те убијам“ кажано лично, писмено, онлајн или преку посредници треба задолжително да се пријави во полиција и во други надлежни служби и може да биде исклучително сериозно. Ама во случајот со Стивен, не беше. Му објаснував јас како кај нас многу зборови се изрекуваат така лесно ама не значат она што значат и дека кога мајката ќе му каже на детето изнервирана, ако не се вратиш дома на време, подобро не се враќај, таа не го мисли тоа сериозно и детето подобро да се врати ако знае што е добро за него. И дека кога тетките го штипкаат бебето и му велат дека ќе го изедат, кај нас не владее прикриен канибализам, туку тетките само го сакаат и му се восхитуваат на детенцето, со вцрвенети од штипкање и бацување образи. И дека кога… добро, знаете на што мислам… Потоа едно време многу внимавав што му велам и како му се обраќам на Стивен, со кого денес сме одлични пријатели и се тешев дека тоа беше само во првите години на мојот живот во Англија, кога ваквите грешки, рака на срце, не беа ретки. Но, во оваа пригода, кога тргнав со признавањето, да кажам и дека и по Стивен, повеќепати го „убивав“ Џонатан, па потоа и Ричард и Сајмон, а еднаш за малку и еден дипломат што беше на служба во мојата прва татковина. Интересно, со мојот драг Душан, а и со Бранко и Алекса немав вакви ситуации, само со Англичаните. Моите знаеја. Сите други од домашното население беа луѓе кои ми беа многу драги и со кои станавме пријатели и покрај тоа што во некоја прилика сум им упатила „закана со убиство“. Но, во убав разговор, со многу забава и смеење и шегување. Ова потоа стана наша интерна шега, во вечерите поминати со разговори за менталитетите, културата на однесување, навиките и фолклорот. И Т‘га за југ и преводите на нашите народни песни, некои од нив со содржини како криминалистички филмови, а богами и понекој хорор. (Сестра кани брата на вечера…). Ама тоа е друга приказна. БоЏо и сè е можно И ете ти го сега поранешниот премиер тука, Борис Џонсон, кој најверојатно сакајќи да привлече внимание врз себе, деновиве одеднаш се присети дека рускиот претседател Владимир Путин во еден телефонски разговор, пред инвазијата врз Украина, кога тој бил премиер, му се заканил дека ќе го убие со ракета. Ќе го гаѓа директно Москва-Лондон. Немав воопшто намера да го бранам рускиот претседател, ама веднаш штом го слушнав ова помислив на мојот муабет со Стивен, во моите рани лондонски денови. Путин, си помислив, најверојатно се шегувал и се мајтапел со Џонсон, а во краен случај покажувал дека има лоша смисла за хумор. И, нормално, потоа Путин ја негираше изјавата на Џонсон, па се појави записникот од разговорот на Даунинг стрит 10 од кој се гледа дека Путин имал право(!) и излезе дека БоЏо пак брка публицитет, има „сомнително“ сеќавање, а кога се обелодени дека тој снима и документарец за времето кога бил премиер, работите станаа појасни. Борис, и сè е можно. А ни беше премиер. Авторката е новинарка....
Колкав удел имаат светските настани во американската демократија
Нова Македонија - пред 13 часа
Ричард Хас Повеќе од 75 години, САД играа огромна конструктивна улога во светот. Секако, имаа големи грешки, вклучувајќи ги и Виетнамската војна и војната во Ирак во 2003 година, но САД многу почесто постапуваа правилно. Резултатите зборуваат сами за себе. Влегувањето на САД во Втората светска војна се покажа како одлучувачко. Делумно поради американскиот поттик, колонијалната ера дојде до брз, ако не и секогаш мирен крај. Создавањето повоен поредок на сојузи помогна Студената војна да остане студена и да заврши под услови во согласност со западните интереси и вредности. Низа институции и политики ја обезбедија основата за невиден глобален економски раст и продолжување на животниот век. Но способноста на САД да продолжат да играат голема и влијателна глобална улога е сè понеизвесна. Некои причини немаат врска со САД, но сепак влијаат на нивната позиција. Работата е во тоа што има нови надворешни предизвици. Американската економија, одговорна за половина од светското производство по Втората светска војна, сега произведува само една четвртина. Воената сила сега е широко распределена меѓу другите земји и групи. Енергетските и минералните ресурси, заедно со производствените центри од кои зависат САД и другите, се распределени насекаде. Оваа распределба на моќ и богатство им дава на другите способност да се спротивстават или да бидат отпорни на влијанието и моќта на САД. Позицијата на Америка во овој свет е севкупен примат, но не и доминација. Способноста на Америка да го следи својот пат е дополнително ограничена од глобализацијата. Без разлика дали се климатските промени или вирусите, САД не можат да се оградат од скапите последици од случувањата надвор од нивните граници или сами да дадат решенија. Ниту изолационизмот ниту унилатерализмот не се остварлива опција. Она што може да биде најсериозната закана за глобалната безбедност и стабилност, сепак, произлегува од случувањата во САД, од длабоките политички и општествени поделби што ја загрозуваат конкурентноста на земјата, нејзината способност да создава и спроведува конзистентна политика, па дури и нејзината стабилност. Без сомнение, некои читатели ќе пронајдат повеќе од обично задоволство и ќе се насладуваат на тешкотиите со кои се соочуваат САД, откако со децении го следеле водството на Америка. Но секое такво задоволство ќе биде краткотрајно, бидејќи во свет што понекогаш е насилен и секогаш глобален, тешкотиите на Америка можат и брзо ќе станат нивни. Понатамошното поткопување на американската демократија ќе биде искористено од антидемократските влади во други региони за да ја оправдаат и прошират нивната репресија врз сопственото население. И, без силна американска економија, економиите на другите земји ќе растат побавно бидејќи нивниот извоз ќе заостанува. Доколку САД би биле послаби и помалку предвидливи, би ја расипале структурата на сојузите, кои за да бидат ефективни, потребна е заемна помош за да бидат речиси сигурни. Слично на тоа, непријателите ќе се охрабрат во верувањето дека можат да дејствуваат неказнето. Резултатот би бил свет на почести конфликти, во кој напредното оружје се зголемува пошироко, а агресивните земји имаат поголемо влијание. Згора на тоа, на САД, кои се расеани и поделени дома, ќе им недостигаат капацитет и консензус за лидерство во глобалните предизвици, како што се климатските промени. Без американски ресурси и лидерство, и онака големиот јаз помеѓу овие глобални предизвици и глобалните одговори речиси сигурно ќе се продлабочи. Не постои друга земја или група земји што сакаат и можат да го заземат местото на Америка на светската сцена. Тогаш, прашањето е дали САД наскоро ќе ја вратат својата положба и ќе личат на земјата од изминатите 75 години. За ова постојат некои смирувачки знаци. Американската економска и воена поддршка за Украина е силна. Резултатите од конгресните избори во ноември 2022 година беа охрабрувачки, со тоа што многу од најекстремните кандидати што претставуваат најголема закана за американската демократија беа поразени. Но има и случувања што не се охрабрувачки. Неодамна во САД се одбележи втората годишнина од нападот на американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година, кој беше блиску до уништување на американската демократија. Никој не може да претпостави дека вакви насилни протести нема да се повторат. Сега таа поделена американска влада повторно е реалност, но останува да се види дали демократскиот претседател и Сенатот можат да најдат заеднички јазик со Претставничкиот дом предводен од републиканците. Раните знаци не се добри, бидејќи со новостекнатото мнозинство републиканците изгледаат повеќе фокусирани на истрага и опструкција отколку на законодавство и водење. Винстон Черчил славно рече: „Секогаш можете да сметате на Американците да ја направат вистинската работа, откако ќе пробаат сè друго“. Тој совет е подготвен да биде ставен на тест. Проблемот за остатокот од светот е што ќе биде погоден на значителен начин од она што се случува во САД, но има мала или никаква способност да влијае на случувањата таму. Тоа е непријатна, но неизбежна реалност. Автор: Ричард Хас, претседател на Советот за надворешни односи, претходно беше директор за политичко планирање во американскиот Стејт департмент (2001-2003), а беше специјален пратеник на претседателот Џорџ В. Буш во Северна Ирска и координатор за иднината на Авганистан...
Сите се губитници во свет полн со поделби
Нова Македонија - пред 13 часа
Ендру Шенг На последниот годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, понуди невообичаено искрена оцена за моменталната ситуација на меѓународниот поредок. Тој рече дека во светот „што е зафатен од совршена бура на повеќе фронта е потребна соработка, но сепак е соочен со поделби“. Всушност, совршената бура е подобро да се спореди со цунами. Неговите компоненти, вклучувајќи и прекини во синџирот на снабдување, енергетска криза, криза на трошоците за живот, забавување на глобалниот раст и патот кон климатска катастрофа, се барем делумно последици на тектонскиот јаз меѓу Кина и САД. Ако се оствари она што Гутереш го нарекува „големата поделба“, светот ќе има две различни групи трговски правила, две доминантни валути, два интернета и две спротивставени стратегии за вештачката интелигенција. Во тој случај, трошоците би биле огромни. Светскиот БДП би се намалил за 1,5 отсто, или повеќе од 1,4 илјади милијарда долари на годишно ниво, цените би се зголемиле практично насекаде, а испораката на глобалните јавни добра би била сериозно намалена. Не е тешко да се разбере зошто. Од крајот на Втората светска војна, светот уживаше во огромни придобивки од мирот. Со оглед на тоа што САД го надгледуваа релативно стабилниот светски поредок заснован на правила, глобализацијата започна, што ги овозможи повоеното закрепнување на Европа во 1950-тите и 1960-тите, чудото во Источна Азија во 1970-тите и 1980-тите, развојот на Централна и Источна Европа во 1990-тите и 2010-тите, како и забрзаниот економски пораст на Кина. Иако оваа трансформација беше овозможена од глобалното лидерство на САД, таа исто така постепено ја разводни американската хегемонија, додека другите земји почнаа да се истакнуваат. Оваа динамика помага да се објасни реакцијата во САД против глобализацијата и земјите што имаат корист од неа. Американците што останаа да ја идеализираат ерата на униполарност во чиј центар се САД ги обвинија „ревизионистичките“ растечки сили – особено Кина – за наводно поткопување на нивниот просперитет. Тоа го постави теренот за формирање на „големата поделба“. Но поделбата меѓу Исток и Запад не е единствениот јаз што ја загрозува колективната иднина. Гутереш исто така ги истакна ризиците предизвикани од продлабочувањето на јазот меѓу Северот и Југот, истакнувајќи дека жителите на побогатиот Север се чини дека не го разбираат „степенот на фрустрација, па дури и гнев во глобалниот Југ“. На крајот од краиштата, додека Северот ужива во сите придобивки од индустријализацијата и најсовремената технологија, Југот надарен со ресурси останува опколен од сиромаштија и нестабилност, благодарение на наследството на колонијализмот. Всушност, потпретседателот на „Ес-енд-пи глобал“, Даниел Јергин, ја смета поделбата меѓу Северот и Југот како суштински предизвик за енергетска транзиција. Од индустриската револуција со јаглен до информациската ера со електрична енергија, енергијата е составен дел од подемот на Западот до глобална доминација. Сега, Северот се обидува да се оддалечи од фосилните горива, без да го жртвува богатството стекнато од неговите минати емисии, истовремено повикувајќи го Југот да продолжи со развој што ќе ја има предвид заштитата на климата. Ова ја илустрира пошироката реалност: интересите на северните помали, побогати, општества што стареат остро се разликуваат од оние на поголемите, посиромашните, помладите популации на Југот. Повеќето земји од глобалниот Југ се обидуваат да избегнат да заземат страна во геополитичките конфликти, особено во кинеско-американското ривалство, затоа што тие се повеќе загрижени за обезбедување сопствен развој. За овие земји, бесмислениот конфликт меѓу Истокот и Западот се чини дека ќе доведе до меѓусебен сигурен колапс, ако не и до меѓусебно сигурно уништување. Затоа, тие се обидуваат да останат настрана. Но Југот не може да ги избегне последиците од постапките на Северот. Ако се оствари големата поделба, ако нуклеарните сили се судрат во жешка војна и ако Северот не успее да ја доведе во ред својата климатска политика, Југот ќе стане колатерална штета. На крајот од краиштата, ниту една земја на глобалниот Југ, дури ни Индија, нема економска, политичка или воена тежина да го предизвика Северот. Глобалниот Север често ги истакнува своите демократски достигнувања. Но демократијата се заснова на способноста на системот да застапува различни мислења, култури и вредности, не само оние на најбогатите или најмоќните. Ако сака да опстане светскиот поредок, тој ќе мора да функционира суштински како глобална демократија, а тоа значи балансирање на потребите и приоритетите на Северот со оние на Југот. Во исто време, клучно е да се затвори јазот меѓу Истокот и Западот. Големата поделба подразбира маѓепсан круг: кога во други ја бараме вината за нашите проблеми, ги пренасочуваме вредните ресурси подалеку од ефективни решенија, влошувајќи ги проблемите и зголемувајќи го количеството на потрошени ресурси. Тоа ги намалува нашите шанси да одговориме на меѓусебно поврзаните предизвици со кои се соочуваме, истовремено зголемувајќи го ризикот од конфликт. Но поагресивните политичари во националната безбедност сè уште доминираат во глобалната агенда, така што размислувањата за одбрана продолжуваат да ја нарушуваат економската политика. Освен ако водечките светски сили веродостојно не се посветат на покооперативна и инклузивна иднина, може да се најдеме себеси како живееме во неповратно поделен свет, разочаран од климатските промени и се движи кон глобален конфликт. Автори: Ендру Шенг е истакнат соработник на институтот „Глобална Азија“ при Универзитетот во Хонгконг. Сиао Генг е професор и директор на Институтот за политика и практика на институтот за финансии „Шенжен“ при Хонгконшкиот кинески универзитет во Шенжен....
Шоа
Слободен Печат - пред 13 часа
На дваесет и седми јануари се одбележува Светскиот ден на холокаустот, во знак на сеќавање на 27 јануари 1945 година, кога единиците на Црвената армија го ослободиле најголемиот нацистички логор Аушвиц-Биркенау. Во време кога се повампируваат сеништата од минатото, односно кога војната повторно дивее на европскиот континент, корисно е да се потсетиме на овој, еден од најтешките периоди на современата светска историја. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber По 1945 година, еврејските лингвисти, долго во еврејскиот/хебрејскиот јазик барале збор што најдобро би го отсликал ужасот што им се случил на Евреите за време на Втората светска војна. Во современиот хебрејски јазик таков збор не постоел. Таков збор немало ниту во многубројните библиски легенди, иако знаеме дека во нив изобилуваат историски настани поврзани со војни, насилство, малтретирање на робовите и разни сцени на пустошење, суровост и други страотни случувања. Стручњаците за Библијата и лингвистите во сета таа литература не можеле да најдат збор што најсоодветно би ги опишал страдањата на Евреите во периодот од 1933 до 1945 година. Конечно, во некои апокалиптични визии на старозаветните автори пронајден е зборот ШОА, кој опишувал нешто страотно, што не може ни да се замисли, ужас што дотогаш не се случил, но кој можеби некогаш ќе се случи. Талмудистите и другите еврејски интерпретатори на Библијата од средниот век (период во кој исто така Евреите многу страдале), сметале дека зборот шоа не е обичен збор за кој може да се најде соодветна дефиниција, бидејќи тој подразбира ужаси и злосторства дотогаш недоживеани и невидени, а со тоа и необјаснети. Од тие причини овој збор (кој во Библијата се споменува само петпати) редовно бил дополнуван со други зборови како: пропаст, уништување, несреќа, зло, мачнина, страв и ужас. Секој од овие зборови се подразбира во зборот шоа, но никој поединечно не ја опфаќа целината на тој поим. Тоа што за Евреите е шоа, за нас, другите, е познато како холокауст, термин што го опишува систематското и планско убивање на околу шест милиони Евреи за време на Втората светска војна од страна на нацистичкиот режим предводен од Адолф Хитлер. Злогласниот фирер во својата книга „Мојата борба“, а и во многубројните говори со кои просто ја маѓепсуваше масата, ги обвинуваше Евреите за поразот на Германија во Првата светска војна и за економските тешкотии кои земјата ги има пред тој да дојде на власт, со што го посеал семето на злото што ќе резултира со т.н. „Кристална ноќ“ , што историјата ја смета за официјален почеток на холокаустот, а е предизвикана од атентатот што еден Евреин го извршил врз германскиот амбасадор во Париз во ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 1938 година. Само таа вечер, беа уапсени околу 30.000 Евреи низ Германија, биле демолирани 1.668 синагоги, од кои, 267 беа запалени. Со почетокот на Втората светска војна, нападот врз Полска, а подоцна и на Советскиот Сојуз од страна на силите на оската Рим, Берлин и Токио, како и окупацијата на речиси цела Европа се „наметнуваше потребата од ефикасно, брзо и дефинитивно решавање на еврејското прашање“. Она што подоцна ќе биде наречено „конечно решение“ на еврејското прашање, ќе резултира со востановувањето на концентрационите логори во кои својата смрт ќе ја најдат речиси шест милиони еврејски мажи, жени и деца, но и делови од ромскиот и словенските народи, како и припадници на други заедници од различен вид, како што се Јеховините сведоци, хомосексуалците, масоните и други, кои нацистичките идеолози ги сметале за инфериорни во споредба со супериорната ариевска раса, односно закана за Третиот рајх. Злата судбина на еврејскиот народ не ги одмина ниту претставниците на оваа заедница што со столетија мирно живееја на територијата на Македонија. Беа депортирани 7.144 Евреи од Македонија, а поголемиот дел од нив и ги изгубија своите животи во злогласните концентрациони логори на Третиот рајх. За време на Втората светска војна, поголемиот дел од Македонија (познато е) е окупиран од Царството Бугарија, како земја потписничка на Тројниот пакт. Бугарскиот народ, интелигенцијата и особено Бугарската православна црква негуваа позитивен однос кон Евреите што живеат во Бугарија; бугарската еврејската заедница е една од ретките во светот што не била систематски депортирана и „решена“ во концентрационите логори на смртта. Под притисок на јавноста, а особено од Бугарската православна црква и дел од политичките лидери предводени од ќустендилчанецот Димитар Пешев (во тоа време потпретседател на бугарскиот парламент), премиерот Богран Филов и царот Борис Трети (инаку докажани германофили) во тоа време ја менуваат одлуката за депортација на Евреите од територијата на царството Бугарија, со што се спасени животите на околу 50.000 бугарски Евреи. За жал, нивната судбина не ја делат и Евреите од окупираните територии на Јужна Србија, Македонија и Тракија (регион во Грција). Бугарската фашистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дала согласност за потпишување Договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за еврејските прашања, во името на бугарската Влада, и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија – потпишуваат Договор за иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии. Според овој договор, на 11 март 1943 година бугарската фашистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип и во други градови низ Македонија, ги апсат и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен центар, во Монополот (тутунскиот комбинат) во Скопје. Оттаму, 98 отсто од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија, во три одделни транспорти, на 22, 25 и на 29 март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за еврејски прашања и со логистика на бугарската железница, се депортирани и предадени на нацистите во концентрациониот логор Треблинка. Од сите депортирани само неколкумина, благодарејќи на неверојатната среќа, ја избегнале својата сигурна смрт во логорските комплекси. Во годината кога ќе ја одбележиме осумдесетгодишнината од депортацијата на македонските Евреи од страна на Царството Бугарија за време на Втората светска војна, сведоци сме на повампирувањето на духовите на минатото. Во Европа се води војна помеѓу Русија и Украина во која секојдневно гледаме убиени цивили – старци, немоќни лица – уништена инфраструктура и засекогаш уништени цивилни цели од страна на руската војска, која не можејќи да го поднесе поразот на бојното поле му се одмаздува на цивилното население. Сведоци сме на интензивната ревизија на историјата. Во Македонија, пак, оние што за време на Втората светска војна беа окупатори и по чија вина беше истребена целокупната еврејска заедница во нашата земја, како и голем број цивилно македонско население, сега, прикривајќи се како жртва, се обидуваат да ги превртат работите наопаку и наместо да се извинат за злосторствата сторени во Македонија за време на Втората светска војна, новопечените претставници на бугарскиот народ во Македонија себеси се претставуваат како дискриминирани и обесправени. Да не е темата сериозна, би била дел од некоја нова епизода на Монти Пајтон. Ова ненормално извртување на фактите и претворањето на џелатот во жртва, само е доказ дека човештвото ги нема извлечено поуките од минатото и дека сè уште злото е тоа што надвладува над доброто, невистината над вистината итн. Тоа ќе биде така сè додека човештвото не стане свесно дека со војни, истребувања и уништувања, со нови уште пострашни и посвирепи „шои“ светот оди кон самоуништување и пропаст и дека единствениот начин на кој ќе може да се спасиме е да го примениме лозунгот изречен од македонскиот револуционерен гениј – Гоце Делчев и да го сметаме светот како поле за културен, а никако за воен натпревар помеѓу народите. Само така во светот ќе има прогрес, а меѓу народите разбирање и добрососедски односи. На крајот само би додал: Смрт на фашизмот, слобода на народот! Авторот е адвокат....
Третата светска војна, конечно објавена
Слободен Печат - пред 15 часа
Кога една влада на земја со огледна демократија и владеење на правото донесува одлуки кои не произлегле од политичките програми според коишто е избрана, чиишто пак последици во многу им го отежнуваат животот на граѓаните, во голема мера им го намалуваат стандардот на живеење и згора им ги буди стравовите за сопствената безбедност и иднина, тогаш без многу двоумење можеме да заклучиме дека се работи за извонредна ситуација во која фактичката демократија во таа земја е суспендирана или е значително редуцирана, а можеби и сосем укината. Сите сомнежи во исправноста на заклучокот би требало да исчезнат, доколку еден од водечките министри отворено изјави дека владата нема намера да ја смени политиката без оглед на тоа што за неа мислеле гласачите што ја избрале. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Изгледа неверојатно, но тоа деновиве ѝ се случи на Германија, најголемата и најмоќната, а безбели и најодличната демократија во Европа. Нејзината министерка за надворешни работи, некни, на Форумот 2000 на невладините организации, го изјави токму незамисливото – дека ќе работи спротивно на интересите на граѓаните на Германија, без оглед што нејзините германски гласачи мислеле за тоа. За да не помислите дека брзоплето заклучувам врз основа на зборови извадени од контекст, целата изјава на Аналена Бербок гласи вака: „Кога им ветувам на граѓаните на Украина – ние сме со вас, толку долго колку што ви требаме – тогаш јас сакам тоа и да го остварам. Без оглед што моите германски гласачи мислеле, јас сакам (помошта м.з.) да ја испорачам на граѓаните на Украина“. Да се работеше за грешка во говорот или за злоупотреба на положбата на еден министер на германската влада, тоа веднаш (или следниот ден) ќе го сознаевме. Или Бербок ќе им се извинеше на граѓаните на Германија или ќе мораше уште утредента да си поднесе оставка. Но, тоа не само што не се случи, туку таа гордо и самоуверено продолжи да ја врши својата функција во остварување на политиките на владата. Дека на германската влада ѝ се поважни ветувањата што ги емитирала во етер на граѓаните на друга држава, отколку ветувањата што претходно им ги дала на своите гласачи и на сите граѓани на сопствената земја за да биде избрана, тоа до неодамна и не беше во доменот на замисливото. Што сега човек да мисли за германската демократија? Ако се замисли, ќе си припомне дека кога вакви изјави и дела што произлегуваат од лични одлуки на политичките елити што се спротивни на интересите на граѓаните, и очигледно ги кршат основните начела и вредности на демократијата, се случуваат во Бананастан или, да речеме, во Македоња, тогаш целиот напреден демократски свет здружно таа состојба ќе ја препознае како укинување на демократијата, а политичката состојба ќе ја нарече „украдена држава“. И, за да нема никакви погрешни интерпретации, со горново не сакав да ја релативизирам вината на фашизоидната мафиократија на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски и неговата клика – кога ја укинаа кревката македонска демократија и ја „заробија државата“, туку обратно, зачуден сум како „заробената држава“ никој не ја препознава во современа Германија? Како денес авторитарното одлучување на политичките елити на повеќе европски земји (не само на Германија), но и на практично сите земји од т.н. колективен Запад, и тоа за прашања што се од највисок интерес за сите нивни граѓани, во преовладувачката јавност не се препознава како криза, суспензија или укинување на демократијата, туку како политичка доблест, како вистинско „лидерство“? Се разбира, само што си ги поставив горниве проблематични прашања, кога агилната германска министерка, зборувајќи минатиот вторник во Европскиот парламент во Стразбур, ми ги разреши дилемите изјавувајќи буквално дека членките на Европската Унија не треба да се обвинуваат меѓусебно и дека треба да бидат обединети зашто „тие водат војна против Русија, а не меѓу себе“. Оваа изјава носи со себе две тешки вистини, едната објаснувачка, но не и утешна, а другата ужасна самата по себе. Првата е дека укинувањето на демократијата, пазарната економија и владеењето на правото во земјите на Европската Унија е нешто само по себе разбирливо и неизбежно, зашто сите знаеме дека демократските земји во војна ја суспендираат или ја укинуваат демократијата – таа е невозможна во војна, јасно ви е на сите, нели – и преоѓаат на управување на земјите во воени услови, со извонредни состојби, со воена субординација, командна воена економија и слично. Но, втората е, како што реков, ужасна по себе: Европа е во војна, но не географски, туку дека Европската Унија активно војува против Русија, дека е дефакто во војна со Русија?! Па нас никој не ни кажал такво нешто, дури европските, американските и челниците на НАТО си ги изабија јазиците изјавувајќи упорно, до ден-денес, дека тие – ние? – во никој случај не се во војна со Русија, туку само ѝ даваат поддршка на Украина во нејзината војна со агресорот. А, најстрашното е дека оваа изјава не заслужи ниту да биде ударна вест, туку помина незабележана и неважна, како и секој од овие перверзни, влажни полузимски денови. Но, сепак, треба човек добро да се замисли над фактот дека тоа што Европа ѝ објавила војна на Русија и не е некоја вест?! Тишината со која беше обвиткана објавата на војна на министерката Бербок е уште поголем доказ за вистинитоста на нејзините зборови: ние веќе подолго живееме со континентално или ќе да е глобално укината демократија и владеење на правото, во извонредна состојба на која веќе сме се навикнале, и која тапо ја живееме со пола уво и четвртинка мозок, слушајќи ги вестите за светот и за сопствената земја што – како и секогаш во војна – се произведуваат од едно министерство за пропаганда и потоа се делат на сите за разработка, постапување и гувеење. Оваа ужасна, но отрезнувачка, вистина што ја обнароди храбрата Аналена наеднаш ги објаснува и сите неодамнешни бродоломи што ја снајдоа Македоња на нејзината голгота по ендеците на патот за Европа. Војната била таа што ја натера Европа да ни врачи ултиматум во форма на ѓоа компромисниот „француски предлог“, зашто кога тоа до сега и за која тоа земја кандидатка Унијата испорачувала ултиматум што треба да се третира како финален чин на избор, како „земи или остави“, всушност како предлог што не може да се одбие, особено поради пиштолот што предлагачот го држи на слепоочницата на кандидатката? Ах, сега станува јасно зошто кутрата Европа не можеше во македонскиот случај да испочитува ниту една од сопствените темелни вредности, и мораше да ги инкорпорира бугарските фашистички и иредентистички барања како наша обврска во целиот бескраен процес на преговори со Унијата. Сега е јасно дека и Европа немала избор, зашто веќе била претворена во воена краина, во гарнизон на периферијата, во огранок на НАТО во кој веќе вежбала „строев корак“, па морала нас со ултиматум да не стави на „брз колосек“ спротивен на нашите интереси. Откровението на Аналена објаснува уште многу други работи, на пример, зошто веќе година дена сите срања на целиов свет се објаснуваат дека се причинети од една единствена причина: од руската агресија. Такво интерконтинентално глупавило е можно само во светска војна. Но, најголемото откровение и воедно најверодостојниот доказ за вистинитоста на објавата на Третата светска војна е токму бугарското вето, бугарските ултиматуми и бесната колерична грозница што излегува од нивното нетрпение повторно на каков и да е начин да „администрираат“ со саканата Македоња. Бугарската психопатија влегува во емисија, дури еруптира, секогаш кога соседите ќе препознаат светска војна, и кога во големите геополитички делења карти ќе препознаат сила што ќе ѝ ја понуди македонската земја во замена за лојалност во војната. Тоа се случи во Првата светска војна, тоа се случи и во Втората светска војна, а тоа се случува и деновиве во Третата светска војна. Секоја чест, братја, никој на планетава не е во состојба да ја препознае својата шанса во светска војна како вас! Авторот е архитект....
Трета светска војна или втора студена војна (2)?
Нова Македонија - пред 15 часа
Една од ретките, ако не единствена работа што ја прави добро Владата на ДУИ и СДСМ е усогласеноста на надворешната политика на Македонија со таа на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија и воената помош на Украина Минатата недела, во коментарот што го продолжувам сега, напишав дека во мала земја како Македонија геополитиката е далечна како можеби ракетната наука, но баш поради малата големина, и политички, и економски, и демографски, и воено, Македонија мора со внимание да ја следи геополитиката. Позната американска изрека вели „кога слоновите се борат, страда тревата“, на што Ли Куан Ју, основачот на Сингапур, додал „но и кога (слоновите) водат љубов, пак тревата страда“. Се чини овие изреки одлично ја отсликуваат важноста на геополитиката за малите земји. Со започнувањето на војната во Украина, неколку геополитички коментатори, како Велина Чакарова, сметаат дека започнува „втората студена војна“, каде што на една страна е Западот предводен од САД, а на другата страна е „Змејот-мечка“ (Dragonbear), или Кина и Русија. Со почетокот на годината „Ле фигаро“ објави интервју со водечкиот француски интелектуалец Емануел Тод, кој станува познат во 1976 година, кога само на 25 години во свој есеј го предвидува колапсот на СССР врз основа на демографски показатели. Според Емануел Тод, третата светска војна започна со војната во Украина. Тој вели „очигледно е дека конфликтот, кој започна како ограничена територијална војна и ескалира до глобална економска конфронтација, меѓу целиот Запад од една страна и Русија и Кина од друга страна, стана светска војна“. Според Тод, војната е егзистенцијална не само за Русија туку и за Соединетите Американски Држави, и двете не можат да се повлечат од конфликтот и „тоа е причината зошто ние сега сме во бескрајна војна, во конфронтација чиј исход мора да биде колапс на едното или другото“. И доколку ваквите оцени на Емануел Тод за трета светска војна се претерани, бидејќи и покрај сѐ уште постои воздржаност за директна конфронтација, сепак, во најмала рака, доколку не може да се говори за трета светска војна, може да се говори за втора студена војна. Тогаш прашањето за нас е што значи тоа за Македонија. Емануел Тод се повикува на книгата на С. Џаишанкар, индиски министер за надворешни работи (The India Way), објавена пред војната во Украина. Според индискиот министер, САД се во опаѓање, но и покрај американската слабост сѐ уште се најголема светска сила и конфронтацијата меѓу Кина и САД нема да има победник. Од униполарност или апсолутна доминација на САД на светот, ќе се појави можност за мултиполарност, која ќе им даде простор на земји како Индија и многу други. Тоа и не би било новина, бидејќи во претходната или првата студена војна на двата блока на САД и СССР постоеше простор за трети земји. Дел од тој простор беше Движењето на неврзаните, а СФРЈ на Јосип Броз-Тито многу умешно го употребуваше просторот меѓу двата блока. Тоа што индискиот министер сега го посакува, веќе било правено од Тито, Насер и Нехру. Но, според Емануел Тод, колку повеќе се отвора простор за трети земји во мултиполарниот свет, толку повеќе ќе расте притисокот на САД врз сојузниците. Додека се гледа слабеење на САД, пример кои земји спроведуваат, а кои не спроведуваат санкции против Русија, тоа не се гледа во Европа и Јапонија. И тоа е очекувано, колку опаѓа моќта, толку да се зголемува притисокот за консолидација на својот блок. Според Емануел Тод, првите што ќе ја изгубат сета национална автономија ќе бидат (или веќе се) Англичаните и Австралијците. Интернетот создаде човечка интеракција на САД во англосферата со таков интензитет што нејзините академски, медиумски и уметнички елити се, така да се каже, припоени. „На европскиот континент сме донекаде заштитени со нашите национални јазици, но падот на нашата автономија е значителен и брз. Да се потсетиме на војната во Ирак, кога Ширак, Шредер и Путин одржаа заеднички антивоени прес-конференции“. За зголемување на притисокот врз сојузниците не мора да бараме примери во ЕУ, како во набавките на гас, примери има и во регионот. Деновиве со заедничка изјава се обратија високи дипломатски претставници на САД, кои наведуваат дека сега е време за основање Здружение на српски општини (ЗСО) во Косово. Претходно, Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар на САД, еден од гореспоменатите дипломати, имаше недипломатска изјава дека ЗСО мора да се дозволи, а ако тоа не го направи Албин Курти, премиерот на Косово, има кој да го направи тоа. Речиси истовремено Александар Вучиќ, претседателот на Србија, ѝ се обрати на нацијата, дека ќе го прифати франко-германскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, поради голем притисок и закани. Затоа што Србија не е СФРЈ, а ни Вучиќ е Тито, и мора да избере страна. Македонија има јасна стратегиска ориентација, и политички, културни, образовни, економски, трговски односи со ЕУ и САД. И Македонија е членка на НАТО. Една од ретките, ако не единствена работа што ја прави добро Владата на ДУИ и СДСМ е усогласеноста на надворешната политика на Македонија со таа на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија и воената помош на Украина. Но тоа е полесниот дел, поради истоветноста на интересите. Многу покомплициран е почетокот на преговорите со ЕУ поради сенката на билатералните односи со Бугарија. Во светло на последната негативна ескалација на односите со Бугарија, Македонија мора да бара внимателен баланс во своите национални интереси, наспроти слепото постапување на Владата. Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични...
Чествувањето на Делчев и македонскиот суверенитет и интегритет
Нова Македонија - пред 15 часа
Космополитискиот македонизам на Гоце Делчев е колосален: и етички, и морален, и алтруистички, и универзално вредносен, а истовремено и највисок- патриотски! Но ист таков пиетет и етика и се очекува да се оддаде кон него од сите оние што ќе дојдат (да се поклонат) на неговиот гроб во Скопје. Се очекува никој од нив ниту да помисли да ги сквернави сонот и делото на Гоце, во прв ред за слободна и независна Македонија. Се очекува секој што ќе му се поклони на Гоце да искаже почит за државата Македонија и за Македонците. На 4 февруари не смее да се погази цивилизациската вредност на македонската идеја на Гоце Делчев! Кон крајот на летото 2002 година, кога печатените медиуми беа сѐ уште во центарот на процесите на информирањето и сѐ уште постоеше интензивна навика за читање весници, или барем на трафика да се прочитаат ударните наслови, талкајќи по улиците на Кан (гратчето во Франција), од штандот со изложени весници како да врескаше со најголеми букви еден наслов: „Што ќе правите на 11 септември?“. Првото рефлексно прашање беше – „а зошто, па баш на 11 септември“, пред мигот кога самопрекорно ми се врати сеќавањето дека тогаш се навршуваше една година од терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк. Трагичен настан за кој е извесно дека го промени светот или барем свеста дека светот не е повеќе безбедно место за живеење. Главната поента на текстот во францускиот весник, во таа 2002 година, беше дека треба да се внимава на безбедноста, каде и да сте во светот на 11 септември, но насловот, како новинарски израз, ми остана во некоја потсвесна колекција на наслови за парафразирање. Веќе две-три седмици во Македонија, со развојот на настаните поврзани со одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, е создаден општествен амбиент во кој и приватните средби и дружења започнуваат со прашањето што ќе правите на 4 февруари. Општествената и меѓудржавна тензија за чествувањето на идеологот на самостојната македонска држава и македонска нација, Гоце Делчев, прерасна во сериозна безбедносна импликација по провокативната најава од една бугарска фондација за масовна организирана посета на вечното почивалиште на великанот во црквата „Свети Спас“ во Скопје, со однапред планирана провокативна иконографија што треба да го докаже неговиот „бугарски идентитет“. Револтот од таквата најава, во Македонија беше дополнително ескалиран и восприемен како долевање масло на оган на сите претходни провоцирачки национал-шовинистички манифестации од бугарски политичари, кои среде Скопје отворено го негираат македонскиот национален идентитет, па и територијалниот интегритет и суверенитет на земјата. Како своевиден условен, природен одбранбен рефлекс во Македонија се појавија иницијативи за чување/ бдеење на гробот на Делчев, што ја издигна ситуацијата на степен на сериозен безбедносен ризик. Но тука се роди уште една стапица, во низата замки плетени со мрежата на клаузули и алинеи од фамозниот Договор за добрососедство. Зар некој треба од странска држава, која во моментов не ни е баш во „добрососедски мод“, да ни донесе безбедносни сили и да спроведува „јавен ред и мир“ на наша територија, во контекст на сопствените законски прописи?! Луѓе, се сеќавате ли што значи тоа „сувереност“ и „суверенитет“? Имено, на почетокот на оваа седмица беше остварена средба меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и на Бугарија, во интерес на „заедничка контрола на ситуацијата со можни ризици од провокации“. Ама, ви се молам?! Оставете веќе заедничка историја, заедничко чествување, па сега и заедничка безбедносна контрола?! Една суверена држава со друга нема ништо ЗАЕДНИЧКО, по овие три основи. А башка што не само овие три, туку има уште најмалку триста триесет и три што се сопствени, свои, оригинални и ничии други. Во бугарските медиуми се изнесени и „понуди“ дека бугарското министерство за внатрешни работи може да обезбеди помош во полицајци (?!) за чествувањето на Гоце Делчев, на 4 февруари со Скопје, „ако има такво барање од македонското МВР“. Во понудата се нагласува дека Македонија, т.е. македонските безбедносни служби се одговорни за настанот, но и Бугарија можела да „обезбеди помош“ на македонска територија. Која небулоза, која ли замка, која ли смела провокација, уште пострашна од онаа со насилните групи од Бугарија индоктринирани да прават нереди?! Ова не е основа за сомневање и во добронамерноста на оваа понуда за „позајмување“ бугарски полицајци на македонска територија. Ова е материјален доказ зошто во македонското општество организираната (чествување) посета на бугарски граѓани на гробот на Делчев на секој начин, институционален и вонинституционален, се третира како атака со негирање на македонскиот државен интегритет и суверенитет. Во тензичниот амбиент создаден од провоцирачките изјави на бугарските политичари дека „Македонија е втора бугарска држава“, присуството на бугарски полицајци на местото на настанот (или на македонска територија на патот од граничните премини до Скопје) оценет како висок безбедносен ризик, не би придонело за создавање поповолна безбедносна перцепција за избегнување инциденти. Конечно, Македонија е суверена држава со свој безбедносен систем што треба да го обезбедува и да го гарантира територијалниот интегритет на земјата. И покрај сите отворени недобрососедски и недобронамерни изјави упатени од најавените гости од Бугарија за чествување на Гоце Делчев, македонските власти одлучија да не ја спречат нивната посета на 4 февруари во Скопје. Космополитискиот македонизам на Гоце Делчев е колосален: и етички, и морален, и алтруистички, и универзално вредносен, а истовремено и највисок- патриотски! Но ист таков пиетет и етика и се очекува да се оддаде кон него од сите оние што ќе дојдат (да се поклонат) на неговиот гроб во Скопје. Се очекува никој од нив ниту да помисли да ги сквернави сонот и делото на Гоце, во прв ред за слободна и независна Македонија. Се очекува секој што ќе му се поклони на Гоце да искаже почит за државата Македонија и за Македонците. На 4 февруари не смее да се погази цивилизациската вредност на македонската идеја на Гоце Делчев!...
Западот навлегува премногу длабоко во Украина
Нова Македонија - пред 15 часа
Панкај Мишра Започна предавничката нова ера во глобалната политика со свежи и драматични воени обврски на Европа и САД кон Украина. Треба брзо да ги препознаеме нејзините опасности, без самозалажување или еуфемизам. И покрај речиси една година сурови економски санкции, па дури и сериозни неуспеси на бојното поле, Русија се чини не е подготвена да преговара за крај на војната. Наместо тоа, таа одговори со мобилизирање дополнителни трупи и напаѓање на цивилната инфраструктура на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин само ќе ескалира дополнително, и уште посилно, како одговор на одлуката на Западот да испрати борбени тенкови во Украина. Во меѓувреме нема знаци дека значителен број Руси се налутиле или разочарале од одлуките на нивниот лидер. Се чини дека малкумина го оспоруваат неговото уверување дека морално декадентниот Запад се трупа против нивната земја. Нема докази ниту дека луѓето и владите на глобалниот југ, кои најмногу страдаат од економските последици од војната, решително се свртуваат против Путин, ниту дека поголемиот дел од светското население го гледа рускиот напад врз Украина како квалитативно различен од американската инвазија на Ирак. Во Индија, наводно сојузник на Западот, една неодамнешна анкета покажа дека повеќе испитаници ги обвинуваат НАТО или САД отколку Русија за војната во Украина. Не е ни јасно, во отсуство на јавна дебата, дека повеќето луѓе во западните земји поддржуваат продлабочување на нивната конфронтација со Русија. Всушност, едвај се бара нивното мислење. Германското население, остро поделено околу прашањето за испраќање тенкови „леопард 2“ во Украина, барем спроведе долга внатрешна дискусија. Владите на САД и Велика Британија едвај ги информираа своите граѓани пред да испратат понапредно оружје во конфликтот. Западните влади денес имаат корист од широк и главно неприкосновен консензус меѓу аналитичките центри и периодичните мејнстрим-списанија: поразот на Русија, ако не и целосна капитулација, е клучен за обезбедување на територијалниот интегритет и иднината на Украина како суверена нација. Ова можеби е правилно. Но секоја вера дека нашата политичка и медиумска елита ја претпоставува правилно и постапува мудро, треба да продолжи да седи непријатно со сеќавањата на нивните досиеја во последниве години. Сите големи земји во западната алијанса беа соучесници во воените крахови што опустошија цели региони на Азија, Блискиот Исток и Африка. Политичките лидери маршираа во лесно предвидливи катастрофи придружени со поддржувачки хор на медиуми, почнувајќи од „Фокс њуз“ до „Економист“, кои ги удавија или намерно делегитимизираа неистомисленички гласови. Има добра причина да се грижиме кога, сè уште неказнети за нивните катастрофални замешателства, многумина во западниот интелектуално-индустриски комплекс повторно навиваат за воена интервенција, овој пат против фанатичниот водач на земја со нуклеарно оружје. Уште полошо, ние другите не изгледаме доволно вознемирено од овој спектакл на елити што се склони кон грешки и повторно носат одлуки што ги менуваат историјата и географијата без соодветен демократски надзор. Во земјите каде што се случија политичките земјотреси во последните години, раседните линии меѓу владетелите и владеените лесно може повторно да се прошират. Како што умешно покажа Доналд Трамп, демагозите секогаш се подготвени да го искористат незадоволството со бескрајни, скапи и непобедливи војни. Иднината на Украина како демократија, исто така, станува понаоблачена кога ќе се земе предвид неодамнешната судбина на земјите опсипани со оружје и долари. Една од најкорумпираните земји во светот пред војната, Украина, изгледа подалеку од изгледите за чесна и одговорна елита. Во евентуалното сметководство на финансиските и моралните малверзации за време на војната, неодамнешниот скандал со функционери блиски до претседателот Володимир Зеленски најверојатно ќе се покаже како незначителен. Има премногу знаци дека потрагата по сојузници во она што всушност сега е војна на Западот против Русија влијае на политичкото и моралното расудување. Така, Индија рутински е претставена на Запад како противтежа на кинеските и руските автократи, дури и кога нејзината хинду врховистичка влада го интензивира нападот врз демократијата и земјата ги зголемува своите купувања на руска нафта. Преовладува бизарен заборав за двете светски војни, бидејќи, на широки овации на Запад, Германија повторно се вооружува и испраќа воен хардвер на своите стари полиња за убивање. Меѓу едноставните историски лекции што се занемаруваат е дека владите насекаде се склони да станат понепромислени, бидејќи воената ескалација почнува да изгледа како единствениот пат кон мирот. Водачите на Јапонија, уште еден милитаристички терор на 20 век, повторно ја вооружуваат својата земја во драматични размери, дури и по цена да го надуваат нејзиниот и онака извонреден фискален дефицит. Непотребно е да се додаде, јапонската влада не понуди детална сметка за ризиците вклучени во оваа милитаризација (од Кина и Русија, две земји со кои војуваше), а камоли да објасни како земја со сериозен недостиг од млади ќе ги пополни редовите на поголема и пософистицирана војска. Ваквите знаци на неодговорност се еднакво очигледни меѓу западните политички естаблишменти, кои се обидуваат да го прошират својот воен отпечаток во странство, иако се борат против економските кризи дома. Тие се најјасното предупредување што го имаме за подлабокиот и поопсежен пожар што претстои. Панкај Мишра (Авторот е колумнист во „Блумберг“)...
Гоце Делчев и времето на непредвидливо минато
Слободен Печат - пред 16 часа
Не е неизвесна иднината, неизвесно е минатото. Кога политиката ќе зачекори на теренот на историјата и ќе почне да ја толкува, пршти на сите страни, а последиците од таквиот ангажман се многу подолгорочни од нивниот краткорочен интерес. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Секоја ревизија има свое токсично зрачење. Секое присвојување на историјата и на нејзините протагонисти е гарантиран пат кон тензии. Дали Никола Тесла е сопственост на Србите затоа што е православен или ѝ припаѓа на Хрватска зашто таму е роден? Чиј е Иво Андриќ? Хрват, затоа што бил католик, Босанец зашто таму е роден, или Србин, зашто најголемиот дел од животот го поминал во Белград? Чиј е Гоце Делчев, со децении спорат Бугарите и Македонците и нивните историчари, кои се повикуваат на документите дека е „наш“. Спроти 4 февруари, 151-годишнината од раѓањето на великиот револуционер, расправата се заканува да го претвори чествувањето во манифестација од голем ризик, која уште повеќе би ги нарушила и онака тешките односи на двата соседа. Граѓаните на Куманово преку социјални мрежи беа повикани со камиони, трактори, автомобили и „други машини“ да го спречат поминувањето на Бугарите, кои во Скопје би се поклониле на гробот во црквата „Свети Спас“. „Да не им дозволиме на бугарските неонацисти да плукаат по споменикот на великанот Гоце Делчев“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ организира целодневно присуство на гробот за да биде блокирана „туѓата пропаганда“. Дојде време за реванш. Во октомври членовите на бугарската ВМРО во Благоевград, по отворањето на македонскиот културен клуб, спречија македонски активисти да положат цвеќе на споменикот на Делчев, чии посмртни останки беа пренесени од Бугарија во Скопје во 1947 година. „Недозволени“ инциденти Нема да бидат дозволени инциденти, порачаа во Скопје министрите за внатрешни работи на двете земји, но од кога тоа инцидентите се „дозволуваат“? Традиционално напнатите односи помеѓу Софија и Скопје повторно се враќаат на пат кон конфликтот поради дијаметрално спротивставено толкување на историјата. Официјалната бугарска историографија, а и дневната политика, тврдат дека македонската нација настанала и е родена по 1944 година, дека е изградена на потполно негирање на бугарскиот карактер. Додека ја оспоруваат македонската култура, „непостојните и лажните“ јазик и историја, шират страв дека „можеби ќе се обидат да го македонизираат пиринскиот крај“. Скопје возвраќа со обвинувања од историчари и политичари дека зад „негаторската политика“ на бугарските националисти се крие проект за асимилација, кој во себе носи опасни територијални претензии. „Понижувачки е да се говори за тоа дали Гоце Делчев бил Македонец“, како што еднаш кажа Елизабета Дамјаноска-Спасеновска. Тоа што Софија со вето во Европската Унија долго време го спречуваше отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија е само потврда за тие слабо прикриени амбиции. Односите нешто беа поправени откако Бугарија, под притисок од ЕУ, прифати да отстапи од ветото, но новиот раст на тензиите доаѓа во сенка на неодамнешниот инцидент, кога беше претепан секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид. Скопје смета дека случајот е затворен со итното заминување на министерот за надворешни работи во Софија. Бугарија го искористи инцидентот, какви што има насекаде кога се високи националните тензии, за веднаш да ги заостри до максимум односите. Ги запре меѓународните проекти со РСМ, го повика својот амбасадор на консултации, а претседателот Румен Радев од комесарот на ЕУ за проширување побара да покаже иницијатива за заштита на правата на македонските Бугари „во иста мера како што инсистирал на брзата интеграција на РСМ во ЕУ“. Во таков амбиент се приближува 4 февруари. Фондации од Бугарија организираат автобуси со кои се испраќаат оние што помалку се водени од желба да му изразат чест на Делчев, а повеќе со намера со своето присуство провокативно да потврдат дека тој е Бугарин. Премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, разговараа по телефон за да помине претстојниот јубилеј непречено. Во Скопје се најавени мерки за обезбедување на редот, но во случај сѐ да помине без инциденти нема да биде прекинато (зло)употребувањето на историјата во дневнополитички цели. Софија поставува стапица Гоце Делчев ѝ служи на Бугарија да ја прикаже РСМ пред Европејците како земја што не ги почитува правата на бугарските Македонци и која се потпира „на говорот на омраза и злосторства“. Попусто уверувањата од премиерот Ковачевски дека нема антибугарска хистерија и дека за постапките на поединци во Охрид не може да се обвинува државата. Софија сака ескалација. Таму ги има премногу оние што не можат да го преболат тоа што госпоѓата Урсула фон дер Лајен стави потпис на првата спогодба на Европската комисија со РСМ напишана на македонски јазик. Претседателот Румен Радев од комесарот Оливер Вархељ бара ЕУ да ја гарантира безбедноста на Бугарите – како да им се заканува холокауст. „Скопје да ги признае македонските Бугари, инаку нема да има ЕУ“, порачува поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев. Софија поставува стапица. Не би било добро Македонците со национализам да возвратат на потпалувачкиот бугарски национализам. Тоа само би ѝ нанесло штета на Северна Македонија, каде што секогаш тлее и албанскиот национализам. Да се сетиме на Арачиново. Закованоста во исправноста на сопствената историја и игнорирањето на фактографијата се најцврсти претпоставки на антимодерноста, која ги спречува вистинските интеграции во светско-историските текови. Колку е власта полоша толку е поголема шансата да се врати митски глорификуваното минато на нацијата. Затоа и Бугарија се сеќава на Делчев. Ако ѝ се приближите премногу на историјата, лесно можете да се изгорите, но тоа се чини не го спречува Балканот да живее во ера на непредвидливо минато. Комеморативните пејзажи постојано се менуваат, без оглед дали се работи за етосот на победата или за трагедијата на поразот. Синоптичката карта на регионот покажува дека темните облаци од минатото нема скоро да се повлечат. Авторот е новинар....
За глупоста
Република - пред 16 часа
Атанас Кирјаковски Глупоста е насекаде. Не може да се избега од нејзината сеприсутност – нејзината сенка е со нас дури и во најтемните облачни денови. Со неа гушнати, заедно гледаме како сонцето залева и како повторно изгрева следното утро. Си легнува со нас и тивко си потпевнува во доцните ноќни часови додека се превртуваме во креветот и се обидуваме да заспиеме држејќи го телефонот в раце – таа е неуморна, своеволна, тврдоглава, горделива и за наша несреќа – пресреќна. Во едно од највлијателните дела од ренесансниот период, генијалниот Еразмо Ротердамски – принцот на сите хуманисти, во својата „Пофалба на глупоста“ напишана во 1509 г. на сатиричен начин ја персонифицира и глорифицира истата. Таа самобендисано држи говор пред публика во кој тврди дека дека има боженствено потекло и се фали дека без неа човештвото не би постоело. Дека треба да сме ѝ благодарни. Начинот на којшто е прикажана и на којшто се однесува глупоста е токму начинот на кој се однесуваат глупавите луѓе. Во тоа е и сатирата и критиката на Еразмо. Глупавите луѓе најчесто се и бескрајно самоуверени и сигурни во тоа што го проповедат додека – според познатиот филозоф и логирач Бертранд Расел – паметните се полни со сомнеж и несигурност во себе. Затоа и глупоста најчесто владее и доминира. Похрабра е. Во современата смисла на зборот, глупоста ја сфаќаме како отсуство на интелигентно однесување, погрешно расудување, неможност за разбирање на комплексности или воопшто некаква неспособност за учење и прилагодување во дадена ситуација. Луѓето кои се однесуваат или пак размислуваат непромислено и брзоплето, без притоа да покажат одреден сензибилитет и свест за нерационалноста и деструктивноста на сопственото однесување – ги нарекуваме „глупави“. Но глупоста е далеку поинтересна и посуптилна од циркуларната дефиниција како отсуството на интелигенција. Сосема е возможно и натпросечно интелигентни луѓе да се однесуваат глупаво. Најдобар пример за тоа е покојниот технолошки гуру и милионер – Стив Џобс кој прерано почина од рак на панкреасот во 2011 г. Иако бил сосема рационален, прагматичен и прониклив во неговиот пристап во однос на развојот на епл уредите, овој вундеркинг истовремено верувал и во „магично размислување“ кое го менува светот. Бил посветен вегетаријанец и будист, цврсто верувајќи во алтернативна медицина и духовно лечење. Кога му бил дијагностициран ракот во операбилна фаза, Џобс одбил да се оперира верувајќи дека со билки, акупунктура, постење и овошје, плус тук-там дополнето со некаква си „духовност“ – ќе успее на „природен“ начин да го победи подмолниот убиец. Кога после една година болеста напреднала уште повеќе, кога сфатил дека таквото негово однесување нема никаков ефект врз ракот, конечно прифатил да се оперира – но веќе било предоцна. Како последен и очајнички обид, направил и пресадување на џигерот, но веќе деновите му биле одбројани. Прилично глупаво за еден таков натпросечно интелигентен могул, нели? Тоа што интелигентните луѓе може да се однесуваат и да веруваат во глупости, ја прави глупоста парадоксална. Но таа е парадоксална и во смисла на тоа дека секој обид некој да се „одглупави“ и сфати дека е глупав, мора да има одредена интелигенција и метакогнитивен капацитет, што не би го класифицирало како глупав на прво место, нели? Парадокс. Токму поради комплексноста на проблемот, глупоста мора да се разбере научно, мора да се сфати како предмет на психологијата и когнитивните науки, како нешто што треба внимателно да се дисекцира и разбере. Во таа насока, ќе се обидам да идентификувам неколку облици на глупоста во следните параграфи, разбрани и како причини за истата, односно можни извори од кои глупоста блика. Прво, луѓето често се глупави поради нивниот ограничен когнитивен капацитет. Со други зборови – едноставно биологијата толку им дала. Човекот е еден од најваријабилните животински видови и опсегот на когнитивниот капацитет е огромен, од луѓе коишто едвај разбираат 2 + 2 до вонсериски гении. Дури може да оди и дотаму да се заклучи дека глупоста е и намерно вградена особина на сите животински видови, вклучително и човекот, како дел нашиот когнитивен дизајн. На еволуцијата не ѝ е битно дали нешто е вистинито, таа не се мачи да мозга и да го разбере настанот во детали, интелектуално, туку на наједноставен и „глупав“ начин (хеуристика) одлучува за дадениот проблем. Во најголем дел од случаите таквото резонирање функционира, без разлика што не ја подразбира реалноста објективно. Пример за ова е резонирањето во однос на белите китови и нивната загрозеност – нашиот став најверојатно ќе се базира не врз тоа колку објективно тие се загрозени (ова бара мозгање, истражување и суптилно расудување), туку нашиот став повеќе ќе се базира на тоа колку нам ни изгледаат „слатки, интересни и привлечни“. Понатаму во истиот контекст, човекот и животните имаат развиено доминантно автоматизирани емотивни системи кои имаат за цел да мотивираат однесување без многу мозгање. Многу често прво чувствуваме па расудуваме за одредена појава. Автоматичноста на емоциите во најголем број од случаите, повторно, функционира во наша полза иако не може да се каже дека се нешто посебно „интелигентни“. Впрочем, секој заљубен маж или жена може да посведочи дека љубовта нѐ прави поглупави. Дополнително, нашата глупост произлегува и од интеракцијата меѓу комплексноста на природата и ограниченоста на нашите сетила. На пример, ние сме способни да восприемиме само фракција од целиот видлив електромагнетен спектрум на светлината (отприлика 400 до 700 нанометри бранова должина), што значи дека најголемиот дел од светлосната информација е недостапна за нас. Тоа по „дифолт“ нѐ прави глупави, бидејќи најголемиот дел од физичката реалност едноставно не можеме директно да го искусиме. И ова е само еден пример на комплексен физички елемент како што е светлината, а физичката реалноста се состои од безброј такви димензии. Светот едноставно е прекомплексен за нас и нашиот голем и импресивен, но сепак мал мозок. Скокајќи од атомскиот физички свет кон социјалниот, ние можеме да бидеме глупави и поради ужасните индоктринации со опојно глупави идеологии, вбризгани во нас уште од мали нозе или пак постојано и умешно повторувани низ разните форми на пропаганда. Човече, некои луѓе навистина веруваа дека за „Северна“ ќе има „бесплатно здравство во ЕУ“. Како длабоко социјален вид, под притисок на групата, многумина – и покрај нивниот нормален психосоцијален развој – ќе веруваат во небулози, манипулации и послужен булшит. Глупоста нема граници кога е мотивирана од приказни, наративи, замајувања и бесмислици. Неограничена е. Глупоста е со нас, во нас и над нас. Таа е братучетка на хаосот, сестра на ентропијата и честа мецена на човековото страдање. Најопасна е кога се манифестира во глупави луѓе со диспропорционална моќ во општеството. Токму затоа мора да ја почитуваме, разбереме и сфатиме – само така веројатно може и да ѝ одолееме. Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот. Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира....
Арсовска да се смени, не само од ЗЕЛС
Слободен Печат - пред 17 часа
За првпат од постоењето на Заедницата на единиците на локалната самоуправа сменет е нејзиниот претседател пред да му истече мандатот. Од 2005 година, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, прв човек на ова тело секогаш е градоначалникот на Град Скопје, а негова задача е да ги застапува интересите и да се залага за решавање на проблемите на сите општини во државава. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Данела Арсовска ја има „честа“ да биде првата – разрешена. Она што на други нивоа не може да ѝ се случи, односно не може да ја сменат ниту советниците ниту граѓаните до следните локални избори, го доживеа во ЗЕЛС, каде што промената се врши со едноставно гласање, при кое мнозинството одлучува. Дали ова ќе фрли темна дамка врз ЗЕЛС или не, како што коментираат некои експерти, времето ќе покаже, но во овој момент значајно е тоа дека градоначалничката, веројатно конечно стана свесна дека е заменлива и дека тврдоглавоста и арогантноста со која сака да „владее“ не се најдобриот пат кон успехот. Арсовска, односно во нејзино име Град Скопје, со молскавична брзина, додека јавноста сѐ уште не знаеше за разрешувањето, ги обвини градоначалниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ дека со здружени сили ја разрешиле и дека во случајов на дело се покажала коалицијата помеѓу овие две партии. И, се разбира, во соопштението не заборавија да кажат дека луѓето што се најзаслужни за ерозијата на македонското општество ја преземаат и контролата врз ЗЕЛС, како единствена национална асоцијација и непрофитна организација, затоа што не сакале луѓе со визија, вредни, чесни, независни и (се разбира) луѓе што работат само и само во интерес на јавноста. Дека постои некаква непринципиелна коалиција против актуелната градоначалничка, и покрај тоа што ниту еден човек од двете партии нема да признае, е повеќе од очигледно. Постои. Е сега, градоначалничката треба да се запраша со што заслужи сите да се свртат против неа. Оти не може сите да не чинат, само еден да е арен. Тој едниот треба да се обиде да ја види и пошироката слика, не само себеси. Од едногодишното претседавање на Арсовска со ЗЕЛС единствено што паметиме беше апелот за државна помош поради високите сметки за струја на општините, а потоа и заканата дека доколку Владата не им помогне на општините ќе следуваат сериозни чекори и радикализација (!?). Никогаш не разбравме со какви чекори се закануваше градоначалничката. Всушност, не само поврзано со ЗЕЛС, туку сето она што е белег на едногодишниот мандат на Арсовска како прва дама на Скопје се расправии со сите што не мислат како неа, закани со кривични пријави за кои не слушнавме никаква завршница, смени на директори од кои постојано е незадоволна, кавги со советници, со партии, со приватните превозници, обвинувања дека сите се против неа и против интересот на граѓаните. Ете, единствено Арсовска остана да го штити интересот на граѓаните, а тој благодат, за жал, скопјани не го чувствуваат. Но, ги чувствуваат, на пример, последиците од уништениот јавен превоз, оти градоначалничката, нели, штитејќи ги од нечистите и стари автобуси на приватниот превоз, ги остави и без нив (какви-такви). Советниците, пак, не ѝ одобрија пари да купува нови. И додека натискани како сардини се возат со автобусите на ЈСП, граѓаните мора да се многу среќни што некој се грижи за нивниот интерес. И оние што користат автомобили за превоз и тие се со полни души радости кога ќе се заглават по половина час во центарот додека бесконечно трае реконструкцијата на улицата кај Домот на пратениците. Никој не разбра ниту што се случува со тендерот за прочистителната станица откако го фати директорот на „Водовод“ со рачињата во медот, како што самата рече. Има ли некаква пријава и, уште повеќе, потврда од институциите за разрешница за сите нејзини досегашни јавно изнесени обвинувања кон одредени луѓе? А ги имаше… Можеби е време Арсовска да „смањи доживљај“ и конечно да се фати за работа, да соработува со советниците ( кои исто така се избор на граѓаните) и заедно да работат (сериозно) за граѓаните. Доста се закани, обвинувања, сензации, исправање кривини, терање правдини, правење драми. Скопјани избираа градоначалник, а не обвинител или ревизор. Арсовска има уште три години мандат, доволно време да се сменат односите и, колку што е можно, да се обидеме сите да излеземе од калта. И, конечно, да поработи на тоа Скопје да биде убав и модерен град, како што ветуваше....
Груевски: Македонското прашање може да се затвори само тогаш кога ќе е во корист на Македонија и на македонскиот народ
Опсервер - пред 1 ден
Состојба на патиштата...
Пари анализа: Дали растот на платите во администрацијата ќе донесе подобар живот од пред 5 години?
Точка - пред 1 ден
Претпоставките за новата пресметка, заедно со растот на минималната плата, кој според законската регулатива треба да се случи во март, се влезени и во Буџетот за 2023 година. Податоците покажуваат дека во сегашниот буџет за плати и надоместоци има речиси 27 милиони евра повеќе отколку што имаше во ребалансираниот буџет за 2022 година. Порталот Пари со расположливите бројки се обиде да го анализира животниот стандард на вработените во јавниот сектор ‒ дали тој се подобрил со растот на износот што се одделува за плати и надоместоци, земајќи го предвид и растот на трошоците за живот? Трошоците за плати и надоместоци од Буџетот за јавниот сектор од година во година се зголемуваат. Тое е и логично ако се земе предвид дека и нивните плати треба да растат. Според податоците од Регистарот на вработени во јавниот сектор, што го води Министерството за администрација и информатичко општество, бројката во последните 5 години се движи околу 132.000 вработени, и нема некои големи осцилации, за растот на трошоците да се припише на растот на бројот на вработените. Но, исто така, сите што се во јавен сектор не земаат плата од Централниот буџет. Податоците покажуваат дека пред 5 години се реализирани 428,5 милиони евра за плати и надоместоци од државната каса, а за годинава се планирани дури 138,6 милиони евра повеќе. Расходи во Буџетот за плати и надоместоци (во милиони евра) Забелешка: Од 2018 година, заклучно со 2021 година, расходите се реализирани според завршните сметки, за 2022 година (последен ребаланс) и за 2023 година се прикажани планираните износи Она што може да се заклучи од бројките е дека износот за плати и надоместоци од 2018 година (428,5 милиони евра) до годинешниов планиран расход (567,1 милион евра) се зголемил за 32,4 проценти. Од друга страна, калкулаторот на Државниот завод за статистика покажува дека во декември 2022 година, во однос на пред 5 години, инфлацијата е 28,95 проценти. Ако се земе предвид дека и годинава ќе има инфлација, тоа дополнително ќе го зголеми процентот на порастот на трошоците за живот во однос на оние со кои сме стартувале во 2018 година. Така, според овие податоци, иако се зголемиле трошоците за плати и надоместоци на јавната администрација, нивниот животен стандард нема да се подобри. Енормниот раст на инфлација што се случи во минатата година и кој ќе продолжи со забавено темпо годинава, ги „изеде“ парите, иако имало години кога имало поголем раст на расходите за плати од растот на инфлацијата.Целосниот текст прочитајте го на следниот ЛИНК....
Ахил, трговецот од Приштина
Либертас - пред 1 ден
Денес, на 151-годишнината од неговото раѓање, Гоце Делчев може да биде причина за сериозен меѓудржавен инцидент кој има потенцијал на подолг рок да ги замрзне бугарско-македонските односи. Ахил на старогрчки значи – без усни, е главен јунак во Илијадата и најголемиот старогрчки јунак во Тројанската војна. Во митологијата, Ахил најчесто е претставен како совршен човек кој верува во честа, не лаже, и убива само кога е во опасност. Тој се одликува со неизмерна сила, а неговата слаба точка е петата. Во екот на македонско-бугарската вербална војна, во која почнаа да се користат и физички пресметки и авиони за медицински транспорт, на 4-ти февруари треба да го одбележиме роденденот на нашиот великан Гоце Делчев. Најголемите патриоти ќе организираат херојска стража и цел ден ќе го чуваат гробот на Гоце од лутите македонски непријатели кои доаѓаат од Бугарија во Скопје да му се поклонат и да му оддадат почит на овој великан. Ние нема да дозволиме да му се поклонат и да му оддадат почит затоа што тие сметаат дека оддаваат почит на бугарскиот великан Гоце Делчев, а тоа нас нѝ навредува, затоа што ние сметаме дека тој не е бугарски, туку македонски великан. Гоце е Ахил, а Штип е Приштина. Така тој се потпишувал на многу од своите писма.. Така, во едно од своите писма од 8 Февруари 1896 година испратено до Никола Зографов во кое од него барал да му јави на Петар Попдимитров од с. Ветрен, Ќустендил, да испрати човек со два коња, Гоце се потпишал како Ахил, трговецот од Приштина. Ахил, трговецот од Приштина, денес, на 151-годишнината од неговото раѓање и 120 години по неговата смрт, може да биде причина за сериозен меѓудржавен инцидент кој има потенцијал на подолг рок да ги замрзне бугарско-македонските односи, да ја засили реторзионата политика и реторика и најблаго речено, на долг рок да го блокира европскиот пат на Македонија. Во услови на зовриена ситуација и со право креираниот револт во македонското општество, ќе се обидам да размислувам рационално, со цел да се избегне ситуација во која Гоце ќе стане причина за нова македонска трагедија. Дипломатска деескалација Нашата дипломатија мора да ги убеди своите бугарски колеги дека доаѓањето на Бугарите со организиран превоз за да оддадат почит на гробот на Гоце е дел од план на трет играч кој сака да ја оствари својата регионална геополитичка стратегија, креирајќи нетрпеливост, инциденти, вербална и политичка војна помеѓу Македонците и Бугарите. Крајната цел на овој трет играч е креирање на поделеност, внатре во НАТО-сојузот и ослабување на НАТО одвнатре, како и блокирање на патот за членство на Македонија во ЕУ, што потоа ќе биде искористено за креирање на меѓунационални тензии во Македонија, кои за крајна цел повторно ќе имаат поделеност и непријателство помеѓу НАТО-членки. Потребно е со истава или слична порака, притисок во овој правец да направат и нашите стратешки пријатели и сојузници, со цел и тие да бидат дел од планот за деескалација. Паралелно со ова нашите безбедносни служби, во соработка и координација со партнерските служби, треба да работат заедно со бугарските безбедносни служби во правец на разоткривање и демонтирање на планот на непријателските агентури, кои несомнено се силно инволвирани во креирање на оваа регионална нестабилност. Прв чекор може да биде креирање на заедничка безбедносно-разузнавачка група составена од оперативци кои немаат никаква поврзаност со поранешните комунистички безбедносни служби. Многупати јавно сум напишал и јавно сум изјавил дека никој не може двата милиони Македонци да ги убеди дека Гоце не е Македонец, ниту осумте милиони Бугари да ги убеди дека Гоце не е Бугарин. Ако е тоа така, и ако гледаме дека во тек е безбедносно-политичка операција која има за цел преку подгревање на македонско-бугарска вербална војна да постигне регионална дестабилизација, па покрај косовско-српскиот спор, истовремено, високо на агендата да го постави и македонско-бугарскиот спор, мора, евроатлантски ориентираните политички и безбедносни структури во Македонија и Бугарија да најдат начин како да не дозволат Македонија и Бугарија да бидат вовлечени во оваа регионална пресметка, но истовремено и да спречат креирање на проблеми во НАТО сојузот, одвнатре. Балкански хорор-филм Психологија на масата ни покажала дека може со малку труд и со многу искуство во вакви работи, роденденот на Гоце да се претвори во балкански хорор филм. Затоа треба да се најде начин Македонците роденденот на Гоце Делчев да го слават во Македонија, а Бугарите да го слават во Бугарија. Оваа година, нема клима, за ништо друго. Воедно, во овој момент не смее да се остават работите на случајност, од причина што оние што не ѝ мислат добро ниту на Македонија ниту на Бугарија, а уште помалку на НАТО и Европската Унија, тоа нема да го остават на случајност. Затоа сега, како никогаш претходно, потребно е сите политички партии и политичари кои искрено, а не само декларативно, се залагаат за евроатлантска Македонија и евроатлантска Бугарија да се воздржат од запалива реторика, да делуваат сојузнички и наместо емотивно, да делуваат рационално. Денес тоа изгледа тешко, но верувајте, ако вака продолжиме, утре ќе биде уште потешко. Ќе објавам еден дел од писмо кое Гоце го испратил до Ефрем Каранов од Ќустендил на 17 октомври 1895 година, за кој не знам дали е претходно некогаш јавно објавен кај нас. „Дали му поверува на милоста на неговите зборови, кои ги кажа писмено и усно на Г. Иванов (од Виница, кој бил раководител на револуционерниот комитет во Виница, м.з): Ќе кренеме востание, па штом се развиори знамето, тогаш Русија, о славна Русија, во моментот ќе изврши инвазија на Македонија и еве ти, ние сме ослободени. Така ли мисли тој, така ли мислите и вие, па најпосле така ли треба да се воспитуваат востаниците? Обидете се да ја искорените оваа слабост (очекуваната помош од рускиот тиранин)… Работете, работете г-да, но малку повеќе да е во согласност со разумот“. Никола Тодоров Извор: дв...
ВМРО-ДПМНЕ ги активираше партиските парамилиции
Слободен Печат - пред 1 ден
ВМРО-ДМНТР (демантирана) продолжува да шири хистерија, лаги и фантазмагории и да прогнозира армагедон. Ќе сме се изгубиле како Македонци ако го изгубиме ликот и делото на Гоце Делчев. Затоа тоа Патриотскиот институт на 4 февруари се организира херојска стража на гробoт на македонскиот револуционерен херој Гоце Делчев. ВМРО-ДПМНЕ да ти била браникот на македонштината и патриотизмот затоа што „власта со нејзината попуслива политика предизвика негација на македонската историја, јазик и култура“. Јас не знам како се брани „македонштината и патриотизмот“ ако ги браниш со непочитување на македонскиот јазик, па наместо „попустливост“ пишуваш „попусливост“. Или со апсолутно несоодветната употреба на именката „македонштина“, на што предупредува и Блаже Конески затоа што, како што пишува тој во неговата „Граматика на македонскиот јазик“ (стр. 251), невнимателното изведување именки со наставката „-штина“ во некои случаи добива негативна и презрива конотација како што се будалштина, магарштина, ветроштина. Македонската историја не се брани со лаги, а лага е тоа што го изјави Мицкоски дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1977 година, а со лаги не се брани ниту македонската култура бидејќи, нели, не е културно да се лаже. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Не е првпат ВМРО-ДМНТР да ги активира партиските парамилиции и останатите параформации. Освен парадата што ја прават овие љубитeли на „косплеј“ секоја година со Илинденскиот марш, последен пат беа придвижени во 2008 година кога по наредба на тогашниот генерален секретар Мартин Протоѓер добија задача да ги дисциплинираат локалните партиски моќници и да ја следат работата на општинските партиски функционери и да спречуваат создавање локални шерифи. Овој „спорт“ на ВМРО-ДПМНЕ за внатрешна контрола по примерот на историските тројки за елиминација на предавниците од крајот на 19 и почетокот на дваесеттиот век, сега го издигаат на 2.0 ниво и на 4 февруари ги повикаа херојските стражи, во што поголем број да дојдат пред црквата „Св. Спас“ во Скопје од 07:00 часот наутро. Тројките на историското ВМРО за елиминирање на предавниците функционираа во време кога Македонците немаа своја држава и, следствено, немале државни институции за јавен ред и мир, за безбедност и владеење на правото… Но, да не заборавиме, во традицијата на ВМРО-ДМНТР е да формира паралелни параинституции кога се во опозиција, а кога се на власт да си прават држава според партиските потреби, односно да ја „заробат“. Затоа како најдобар одговор на овие „производи“ на „фармите на хаосот“ на ВМРО-ДМНТР, дојде најавата за средбата на македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега Иван Демерџиев за да се договорат заедничките активности што двете земји ќе ги преземат за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари – денот на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. На ова претходеше телефонскиот разговор на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и техничкиот премиер на Бугарија Галаб Донев. Двајцата се согласиле дека во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, двете држави ќе го дадат својот придонес за мирно и безбедно чествување на празникот, и дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе ги нарушат договорените протоколи, ќе бидат соодветно санкционирани и во Скопје и во Софија. Тоа е начинот на кој се разговара и на кој се организираат настаните за нормализирање на ситуациите кога тие се доведени до екстремна поларизација како што се случи со односите на релацијата Скопје – Софија. На тоа повикаа и нашите партнери ЕУ и САД, кои порачаа дека е од критична важност разговорите да се смират, лидерите од двете страни на границата да дискутираат смирено и рационално за да не биде запрен, па дури ни одложен, напредокот на нашата земја кон ЕУ. Токму затоа ВМРО-ДМНТР треба да ја преземе одговорноста и да се откаже од екстремниот популизам и од навиката да генерира дополнителна криза што секогаш во центарот на вниманието ги има партиските наместо државните интереси. Авторот е новинар...
Каде се кријат руските шпиони во Македонија?
Слободен Печат - пред 1 ден
Контурите на меѓународната политика по завршувањето на војната во Украина веќе се наѕираат. Западот, кому му припаѓаме и ние, ќе се врати на старата политика на containment (ограничување) на руското влијание во рамките на руската држава. Како таа ќе изгледа територијално, допрва ќе дознаеме. Се разбира, под претпоставка да не дојде до реализирање на нуклеарната закана која, како бумеранг, му се врати на Путин. Имено, сојузничкиот одговор на руската закана беше дека, без разлика на цената, Западот ќе ја поддржи Украина со оружје со кое би се поразила војската на агресорот. Откриен е и планот на сојузниците дека во случај на употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина, Америка ќе интервенира со конвенционално оружје, уништувајќи ги воените сили на руската армија на територијата на Украина. Кажано е и дека НАТО нема да посегне по нуклеарно оружје, па одлуката останува на Путин. Такви, страшни, се дилемите на меѓународната политика: мора да се ризикува нуклеарна војна за да се избегне таквата војна. Во таа застрашувачка сфера на човековото живеење, слабоста секогаш била покана за агресија. Линиите на одбрана и напад во оваа војна веќе се исцртани. Одговорот на Америка на руската уцена со употреба на нуклеарно оружје е дека тоа е глупост, зашто би значела крај на човештвото, ама дека е спремна и на таква војна. Каде е нашата држава во оваа приказна? Не треба да бркаме шпиони по улици за да докажеме дека постои руско влијание во Македонија. Да се сведе тоа влијание на протерани дипломати од земјата, значи да не се разбере ситуацијата во која е државата. Новата геополитика е основниот извор на руското влијание секаде во светот, па и во Македонија. Ние, членките на НАТО, сме, безмалку во војна со Русија. Се врати и логиката на Студената војна кога она што беше добро за едниот блок беше лошо за другиот. Ако за двата сојуза, НАТО и ЕУ, е добро пријателство меѓу Македонија и Бугарија и брзо членство на Македонија во ЕУ, за Русија тоа е лошо. Да се слабее сојузот на демократските држави е од егзистенцијална важност на автократскиот режим во Москва. Да се слабее автократскиот режим во Москва е од егзистенцијално значење за демократските држави. What they do, you undo (Она што тие ќе го направат, растурете го), е пораката до дипломатите. Како? Како што ќе овозможат условите. Во многубројните меѓународни организации ќе гласате против нив. Дома, ако дел од населението е проруски настроено, тоа треба да се негува на секој можен начин. Ако цената на популарноста е дистанцирање од Охридскиот, Преспанскиот и од Договорот со Бугарија, вреди да се плати. Ако треба, ќе се праќаат мешани сигнали од Москва за поддршка и на Македонија и на Бугарија за историските теми, но никако и поддршка во нивното надминување. И не треба да бркаме руски шпиони по улици за да докажеме руско влијание во Македонија. Сè се врти околу моќта и влијанието во меѓународната политика. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Авторот е професор...
„Просветлување“ со Мајли
Нова Македонија - пред 1 ден
Весна Дамчевска Нема ништо револуционерно во лигавите стихови од „Flowers“ на Мајли Сајрус, како што, на пример, имаше кога Мадона го објави албумот „Еротика“, со кој помогна да се демистифицира сексот во поп-културата и ја скандализира пуританска Америка, соблазнувајќи ги пристојните граѓани на својата татковина. Ако веќе правиме некаква паралела со примери од музичката мејнстрим поп-сцена, актуелниов пример нема ама баш никакво културолошко значење Можам сама да си купам цвеќе, можам сама да си го напишам името во песок…уу, ууу бејби… Се фаќам како си ја потпевнувам по дома песнава на Мајли, непосредно по пазарењето долу во супермаркетот, каде што веројатно одеше во заднина на радио. Песнава вреска буквално од секое ќоше, невиден хит, подоцна читам, особено кај жените. Ја нарекуваат дури химна на женската самостојност и сила?! Ја препорачуваат и разни „коучови“ за самогрижа и женска самосвест, велат ја издигнувала свеста за грижата за себе. Дури имала и терапевтско дејство. Се чудам како ич не ми текна на ова, додека како здодевна мува ми зуеше во глава, инаетливо заглавена во моите професионално деформирани, неселективни уши, приемливи за сѐ и сешто. Решавам наместо да пеам, со мојов лош слух и уште полоши гласовни можности, да седнам и да подистражам малку, којзнае, можеби ќе има материјалче за мојата редовна колумна, која оди двапати месечно, доволно динамичен распоред за да се каже нешто паметно, особено ако работиш од дома и социјалниот живот ти е сведен на нула, а еднакво пропорционално со тоа и инспирацијата. Сепак, ова тон време да си зборуваш со себе со часови (како што пее Мајли во „Flowers“) си има и добра страна, како на пример да се позанимаваш со некои популарни феномени, кои во нормални околности не би ти паднале во око. Еве до што ме доведе моето мало истражување. Некои „длабоко освестени“ (жени) по светските и домашни портали и социјални мрежи велат дека песната на Мајли Сајрус отворала длабоко филозофски прашања, како тие за индивидуалноста наспроти заедништвото и откажувањето од првото во име на второто итн., па се редат коментари од типот: песната е мало потсетување за тоа дека љубовта кон себе е најважна, вчера си купив мимози… И некаде при крајот на еден пост на оваа тема коментар на моја пријателка и поранешна колешка (која, патем, носи име на едно цвеќе) што конечно ја фаќа поентата: „Ако се чекаше на Мајли да нѐ потсети, мав ни е работата!“ Нема ништо револуционерно ниту во видеото во кое навежбаната Мајли самозадоволно танцува на жешкиот калифорниски рид. Напротив. Уште еден стереотип за женската сила, која секако не се крие во припениот секси златен фустан на Сен Лорен. Уште помалку во машкиот костум што го носи на крајот од видеото, а чија симболика само го потврдува закоравениот стереотип дека „мажите се силни, а жените кревки“. Оттука, „Цвеќињата“ на Мајли Сајрус не излегуваат од патријархалната матрица во која често (несвесно) запаѓаат и оние што против неа се бунтуваат Е, сега вака. Лесно певливите стихови на „Flowers“ се очаен крик на изневерена и напуштена жена (таквите се во мода, особено откако по разводот Адел го објави својот албум „30“), тие се сѐ освен химна или ода на женската сила, чие најголемо достигнување не е да танцуваш сама со себе, ниту сама да си купиш цвеќе (особено не ако потоа го ставиш во ваза на убаво уредена трпеза, со внимателно приготвен ручек, во беспрекорно исчистен стан, по часови поминати во кујна). Женските самосвест и интегритет најмалку зависат од статусот, ако ги поседувате, тие постојат независно од тоа дали имате партнер или не, или дали партнерот ве изневерил со 14 жени и ве напуштил за конечно да сфатите дека треба да имате „љубов кон себеси“. Оттука, нема ништо револуционерно во овие лигави стихови, како што, на пример, имаше кога Мадона го објави албумот „Еротика“, со кој помогна да се демистифицира сексот во поп-културата и ја скандализира пуританска Америка, соблазнувајќи ги пристојните граѓани на својата татковина. Ако веќе правиме некаква паралела со примери од музичката мејнстрим поп-сцена, актуелниов пример нема ама баш никакво културолошко значење. Нема ништо револуционерно ниту во видеото во кое навежбаната Мајли самозадоволно танцува на жешкиот калифорниски рид. Напротив. Уште еден стереотип за женската сила, која секако не се крие во припениот секси златен фустан на Сен Лорен. Уште помалку во машкиот костум што го носи на крајот од видеото, а чија симболика само го потврдува закоравениот стереотип дека „мажите се силни, а жените кревки“. Песната на Мајли со ништо не го заслужува епитетот „химна на женската сила“ (можеби нејзината интенција и воопшто не била таква), но секако е феномен тоа што илјадници жени препознаа такво значење во овие стихови, феномен што единствено можам да го објаснам со тоа дека сѐ уште сме заглавени во традицијата, која на жените им нуди само две главни слики, онаа на слатката тапа Снежана и лошата луда Кралица. И ништо друго помеѓу. Како сѐ уште да се прпелкаме, со некои исклучоци, во стариот поредок… Оттука, „Цвеќињата“ на Мајли Сајрус не излегуваат од патријархалната матрица во која често (несвесно) запаѓаат и оние што против неа се бунтуваат....
Влијанието на аерозагадувањето врз мозокот
Нова Македонија - пред 1 ден
Нада Поп -Јорданова Сведоци сме на големото аерозагадување, кое не е актуелно само во овој момент туку со години се споменува како фактор што на нашите граѓани (особено на скопјани) им го загорчува живеењето. Постојано пишуваме, алармираме, се жалиме, но како да не се презема ништо, барем така тоа го чувствуваме ние – обичните граѓани и страдалници! Аерозагадувањето го чинат хемикалии или тврди честички во воздухот, кои може да бидат штетни за луѓето, животните и растенијата. Тие исто така може да ги оштетуваат и градежните објекти. Полутантите во воздухот имаат разни форми: гасовити, солидни честички или водени капки. Загадувањето на воздухот во атмосферата настанува на разни начини. Ваквото загадување најмногу го произведуваат токму самите луѓе, преку производствата во фабриките, користењето автомобили, авиони или користењето разни аеросоли. Исто така, пушењето се смета за голем фактор во аерозагадувањето. Сите овие извори поврзани со човечката активност се нарекуваат антропогени. Друг вид загадувачи се нарекуваат природни и доаѓаат главно од вулканските активности. Најголемо е аерозагадувањето во големите градови, каде што емисиите од разни извори се концентрирани. Понекогаш планините и високите згради превенираат ширење на аерозагадувањето, па тоа во вид на облак го затемнува воздухот и тогаш се нарекува смог. Всушност, зборот смог доаѓа од комбинирање на англиските зборови – пушење (смок) и магла (фог). Како најзагадени светски градови се наведуваат Карачи, Њу Делхи, Пекинг, Лима и Каиро. Но оваа листа постојано се менува, така што и Скопје, Тетово и други наши градови беа цитирани во врвот на загадените во последниов месец. Да биде попрецизно, аерозагадувањето е навистина глобален проблем, но сепак не е в ред нашата земја да се вбројува во првите десетина по количеството на измерени ПМ10 честички! Аерозагадувањето има краткорочни, но и долгорочни ефекти врз здравјето на луѓето. Краткорочните ефекти се главно во форма на пневмонии и бронхитис, но исто така се можни и иритација на носот, грлото, очите или кожата. Долгорочните ефекти траат целиот животен век, а можат дури да предизвикаат и смрт. Тука се набројуваат срцеви заболувања, белодробниот рак, емфиземот итн. Аерозагадувањето може да ги оштети нервите, бубрезите, црниот дроб и други органи. Особено подложни на штетните ефекти од аерозагадувањето се децата и оние возрасни со намален имунолошки систем на одбрана. Се смета дека годишно околу 2,5 милиони луѓе низ светот умираат како последица токму од аерозагадувањето. Како што спомнав погоре, вообичаено се концентрираме на влијанието на аерозагадувањето врз дишните органи, особено на функцијата на белите дробови, но, еве, загадувањето на воздухот се потврди како штетно и за еден друг важен човечки орган – мозокот. На крајот на јануари 2023 излезе во печат уште една нова студија, работена во Универзитетот на Британска Колумбија, за влијанието на аерозагадувањето врз мозокот. Потврдено е дека вообичаеното ниво на полуција само по потекло од сообраќајот ја оштетува мозочната функција во многу краток период од изложеност – само по неколку часа. Поточно, два часа по изложување на честички испуштени од согорување на дизел-гориво се намалуваат мозочната функционална конективност, мерка што покажува како разни делови на мозокот комуницираат еден со друг. Оваа студија дава јасна евиденција за луѓето, преку контролиран експеримент, но слично се однесува и за другиот жив свет. Со години се сметаше дека мозокот е можеби некако заштитен од штетните ефекти на аерозагадувањето, но токму оваа студија, која е можеби прва во светот, го покажува сосема спротивното: постои сигурна поврзаност помеѓу аерозагадувањето и когнитивната функција. Имено, во направениот експеримент здрави возрасни индивидуи биле изложени на супстанции што настануваат со согорување дизел, групирани во една група, и други (контролна група) изложени на филтриран воздух во лабораториски услови. Мозочната функција била мерена пред и по изложувањето, со користење функционална магнетна резонанца. Анализирани биле промените во мрежата на стандардниот режим на мозокот (brain’s default mode network- DMN), мозочен регион што е важен за меморијата и за внатрешните мисловни процеси. Функционалната магнетна резонанца покажала дека луѓето изложени на отпадот од дизел-согорувањето имале намалена функционална поврзаност во широки делови токму на овој регион, споредено со оние што биле изложени на филтриран воздух. Познато е дека токму растројствата кај оваа неврална мрежа се асоцирани со намалена когнитивна способност и појава на симптоми на депресија, па сосема е јасно зошто загаденоста на воздухот како резултат на сообраќајот ја оштетува токму оваа регија и таа станува нефункционална. Со оглед дека овие промени може да бидат долгорочни, авторите на студијата нагласуваат дека луѓето би требало да се свесни за воздухот што го вдишуваат и да преземат чекори за намалување на сопственото експонирање на ваков потенцијално штетен загаден воздух. Во таа насока, треба да се внимава прозорците на автомобилите да бидат затворени, особено кога возилото се наоѓа во заглавен сообраќаен метеж. Исто така, возачите треба да бидат сигурни дека филтерот во автомобилот што го користат е добро функционален. Најдобро е, наместо во автомобил, дистанците да ги поминуваме со пешачење или со велосипед. Освен ваквите штетни последици врз мозокот, авторите на студијата сметаат дека аерозагадувањето целосно го загрозува човечкото здравје и дури во иднина ќе можат да се откриваат штетните последици од овие дејствувања. Слични штетни последици настануваат и од горењето дрва, феномен што особено е присутен во нашиов регион, од пушењето итн. Затоа, со зголемување на инциденцата на невродегенеративни заболувања неопходно е повеќе внимание да им се дава на јавно-здравствените мерки и посебно да се активираат креаторите на политиките. Всушност, процесот на глобалното затоплување претставува околински феномен причинет токму од природното и антропогеното загадување на воздухот. Овој феномен се огледа преку зголемување на температурата на океаните и воздухот на целата Земјина топка, а особено поради зголемените стакленички гасови во атмосферата – јагленороден диоксид, природни гасови, гасови ослободени со согорување фосилни горива. Поради овие причини, уште во 1997 година е потпишан меѓународен договор, наречен Протоколот од Кјото, во кој 183 земји се согласиле да работат врз намалувањето на емисиите на јаглеродниот диоксид. Сепак, најголемиот загадувач, САД, не е потписник на овој протокол....
Давос 2023: Од големо ресетирање до голема фрагментација
Нова Македонија - пред 1 ден
Корнелиу Пивариу По повеќе од половина век од првото издание на Светскиот економски форум (СЕФ), неговото 53-то издание во 2023 година повторно обедини важен дел од личностите од политичките, економските, финансиските, медиумските и други области. Се сеќавам дека на СЕФ во Давос 2020 година, неговиот основач Клаус Шваб проповедаше „Големо ресетирање“. Оваа година тема беше „Соработка во фрагментиран свет“, со што барем делумно го признаваше неуспехот на собирот од 2020 година. Всушност, собирот се одржа во заднината на случувањата обележани со песимизам, меѓу кои го споменуваме падот на акциите на глобалните пазари на крајот на 2022 година за речиси 20 отсто, додека вкупната загуба на пазарите изнесува 30 трилиони долари, што е најголем пад од 2008 година. Предвидувањата и за 2023 година не се оптимистички бидејќи се оценува пад на глобалниот раст обележан со инфлација, натамошна нестабилност на пазарите во заднина на конфликти што не се склони да еволуираат кон решение со преговори. Главните теми на форумот беа: борбата против глобалното затоплување и климатските промени, конфликтот во Украина и економските нееднаквости. Сметаме дека станува сѐ поочигледно дека собирот во Давос се стреми кон остварување на сопствената агенда за 21 век, бидејќи темите изнесени како благородни цели, всушност, кријат други интереси. Ако зборуваме за економска нееднаквост, веруваме дека секој собир во Давос констатира продлабочување на нееднаквостите. Таков пример е фактот што само во периодот април-јули 2020 година, богатството на речиси 2.200 милијардери во светот се зголеми за 27,5 отсто. Според јавните податоци на Кредит свис, помеѓу декември 2019 и декември 2021 година, од новосоздадените 42 трилиони долари во глобалната економија, 26 трилиони долари (63 отсто) им припаѓаат на најбогатите 1 отсто од светската популација, додека другите 16 трилиони долари (37 отсто) им припаѓаат на другите 99 отсто. Од 1995 година до сега, богатството на најбогатите луѓе во светот се зголемувало за 6-9 отсто годишно (најмалку двапати во однос на светскиот просечен раст), со услов во 2020 година да биде многу поголемо, како што споменавме погоре. Што се однесува до борбата против глобалното затоплување и климатските промени, ја изразуваме нашата неподготвеност во однос на вистинската загриженост во врска со тоа за што Грета Тумберг беше прогласена за икона. Како беше избрана за симбол на помалку загаден свет? Според истражувањето на Оксфам, издадено на 8 ноември 2022 година, годишното загадување што го произведува еден милијардер е милион пати поголемо од она што го произведува лицето што припаѓа на 90 отсто од најсиромашните луѓе во светот. Што се крие зад изјавата дека говедата предизвикуваат значително зголемување на емисиите на ЦО2. Што ќе успее да направи Европската Унија ако ги намали емисиите на јаглерод како што предложи, кога тоа претставува мал процент од глобалното загадување? Не мислиме дека тоа ќе биде пример за следење. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во неговите забелешки во Давос оцени дека „фрустрацијата и гневот поради морално банкротиран финансиски систем во кој системските нееднаквости ги засилуваат општествените нееднаквости… се соочуваме со најголемите нивоа на геополитичка поделеност и недоверба во генерациите“. Во однос на конфликтот во Украина, помала е веројатноста тој да заврши во 2023 година, но се надеваме дека би можеле да се создадат услови мировните преговори да започнат во втората половина на годината. Со оглед на тоа дека војната е успешната индустрија на нашето време, треба да очекуваме големите корпорации што произведуваат оружје исто така да ги бараат придобивките. Војната во Украина беше предизвикана од грешката на Русија во процената во однос на домашната ситуација во Украина и нејзиниот влог на бледата реакција на Европската Унија и на САД. Конфликтот во Украина е повеќе од политички конфликт, повеќе од конфликт во кој доминираат економските интереси и на подлабоко ниво има антрополошки димензии. Што носи иднината? Клаус Шваб и елитите што се собираат годишно во Давос ќе продолжат да ги следат нивните интереси додека не се создаде противтежа на овие интереси. Засега гледаме како големите корпорации ја потчинуваат државата преку нивните различни структури. Гледаме како државното богатство, природните ресурси итн. одат во сопственост на корпорации во сопственост на неколку луѓе. Романија, за жал, е очигледен пример во овој поглед. Но глобализмот повеќе не е толку монолитен како што изгледаше пред десет години. Доказ за тоа е реакцијата на Елон Маск бидејќи не беше поканет во Давос. Се чини дека суверенизмот е тренд што почнува да се развива на глобално ниво. Сѐ уште не е јасно до каде ќе напредува. Треба повеќе да се грижиме за образованието со поголем акцент на хуманистичките студии. Разликите меѓу технолошкиот напредок и социјалната совест се зголемија толку многу што може да предизвикаат катаклизмични настани. Авторот Корнелиу Пивариуе е член на Советодавниот одбор на ИФИМЕС...
Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено
Слободен Печат - пред 1 ден
Можеме ли на Бугарите што ќе дојдат на четврти февруари за да го одбележат роденденот на Гоце Делчев во Скопје да им одржиме една лекција за културно однесување? Да ги пречекаме учтиво, достоинствено, воздржано и студено. Тоа би била најсилната засрамувачка „шлаканица“ што треба да им ја удриме на јавна сцена не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој. Сите знаеме зошто баш сега наеднаш им текна да дојдат како неканети гости. Не е за арно. Освен некои бугарски политичари при официјални посети на Македонија и ретки бугарски туристи што се поклониле пред великанот Делчев, никогаш од Бугарија немало ниту една организирана посета. Затоа непоканетите гости што најавуваат „инвазија“ на Скопје на четврти февруари не може поинаку да се прифатат освен како провокација на која треба да наседнат не само некои граѓани, туку и политички партии, македонски и бугарски, кои во таа игра и манипулација со чувствата на граѓаните гледаат добри предизборни поени. Нивните веќе најавени активности, иако се прикажуваат како самоорганизирани, можат лесно да излезат од контрола и да предизвикаат трагични последици. Што подраматични настани на граничните премини, на патиштата и во Скопје, толку повеќе штета во односите меѓу двете земји, кои по инцидентот во Охрид со физичкиот напад на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ се крена на ниво на закана со војна. Не може да се игнорира, а ни целосно да се контролира опасноста ако во едни вакви напрегнати моменти се замешаат и разузнавачки служби на други земји што имаат и тоа каков голем интерес за дестабилизација на Балканот. Ако вандалскиот напад на македонскиот Бугарин во Охрид Христијан Пендиков предизвика студена војна, иако веднаш се уапсени напаѓачите, тогаш, некој божем заталкан истрел од огнено оружје на професионален разузнавач може да ја погоди најтрагичната мета и да предизвика многу потешки последици во односите меѓу двете земји, кои најмногу ќе ѝ наштетат на Македонија. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Патриотски екскурзии можат да го запалат бурето барут Воопшто не е време на овој четврти февруари за вакви политички, партиски и балканско-патриотски екскурзии и „свечени“ пречеци, кои колку и да е големо обезбедувањето, можат да го запалат краткиот фитил на бурето барут. Исто така, сега не е времето да се потсетуваме на немили настани од пред повеќе години, но треба да се каже како лошо искуство дека не така одамна кога Македонците од Бугарија и од Македонија одеа на Пирин да му оддадат почит на Јане Сандански повеќепати беа претепувани не само од „самоорганизирани“ параполициски служби, туку и директно од бугарската полиција. По секој таков настан, она малку што беше постигнувано со повеќе годишни напори на културен, научен и деловен план брзо беше уништувано на голема радост на оние што никогаш не сакаат да има добри односи меѓу Бугарија и Македонија. Имајќи ги предвид овие болни искуства и сѐ она што ѝ се случува на Македонија со бугарските блокади и вета, ако веќе не може да се одбегне со фанфари најавуваната посета на светилиштето каде што е саркофагот на Гоце Делчев – црквата Св. Спас во центарот на Скопје, тогаш најдобрата работа што може да се направи е да се покаже граѓанска воздржаност, игнорирање на евентуалните провокации и целосно запазување на редот и мирот со почитување на сите правила при посетата на ова македонско светилиште. Црквата Св. Спас, како и сите светилишта и мавзолеи во светот, има свое работно време, ред и строги правила на однесување на посетителите. Малото дворче каде што се наоѓа саркофагот на Гоце Делчев не може да прими повеќе од 15-20 луѓе во исто време. На 4 февруари нема да дојдат само „гости“ од Бугарија, туку и од Македонија, кои сакаат да му оддадат почит на Гоце Делчев. Во зависност од бројноста на официјалните делегации што не чекаат на ред, туку влегуваат со посебен протокол, можно е да се создадат долги редици на граѓани и „блиски“ запаливи средби. Ова ли е културен натпревар меѓу народите? Би било полезно на бугарските граѓани при влезот во Македонија тие денови да им се даде една брошура, или флаер за значењето на оваа црква, но и за работното време на црквата која е под заштита на државата, за правилата на однесување при посетата, со напомена дека секое отстапување и нарушување на редот и мирот, ќе бидат строго санкционирани. Така е секаде во светот. Ја имав таа можност да посетам повеќе мавзолеи, светилишта, музеи, цркви и џамии каде се наоѓаат моштите на значајни историски личности. За сите нив заедничка карактеристика е тишината и атмосферата на пиетет кон личноста и неговото почивалиште. Така, во сабота, на 4 февруари, треба да биде и во дворчето на црквата „Св. Спас“, но и пред неа, во редиците граѓани од Македонија и од Бугарија кои ќе дојдат да му оддадат почит на Гоце Делчев, чија големина и значење ги надминува границите и на Македонија и на Бугарија. Секој скандал на овој ден, или немил настан, би бил голем срам, дијаметрално спротивен на една општопозната мисла што му се припишува на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. За голема жал на цивилизираните луѓе и на голема радост на милитантните националисти и шовинисти, менливи и минорни политичари чии имиња се забораваат веднаш по мандатот, аманетот на Гоце Делчев во двете соседни држави, Македонија и Бугарија, кои го сметаат великанот за свој, натпреварот не се одвива на културно поле, туку на полето на омразата и блокадите. Сѐ уште, и по 151 година од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт, денес, и во третата декада на 21 век, секој обид за добри и пријателски односи меѓу Бугарите и Македонците завршува со победа на силите што влечат назад. Од една страна, посилната, сѐ уште тегне накај 1878 година и го сонува неостварениот сон од Сан Стефано, денешен Јешиљќој, безмалку среде Истанбул. Само таа промена на историјата и на географијата и 145-годишната реалност на непостоен договор, без да се навлегува во други историски факти, јасно ја кажува големината на будалштината која може да се негува со векови во лулката на национализмот која прави пустош во главите на луѓето. Од другата страна, пак, послабата, со истата силина на националистички вознес квази патриотските сили успешно со децении ја одржуваат улогата на „ем шуто, ем боде“, секогаш на штета на шутото. Авторот е новинар...
Прерано е за глобален оптимизам
Независен - пред 1 ден
Прерано е за глобален оптимизам Тешко е да се поврзе радосното расположение на многу деловни лидери со неизвесноста предизвикана од војната во Украина Кенет Рогоф 01/02/2023 09:15 Многумина од оние кои присуствуваа на овогодинешниот состанок на Светскиот економски форум во Давос беа импресионирани од веселото расположение на присутните извршни директори. Тешко беше да се помири оптимизмот на овие деловни лидери со краткорочната и долгорочната економска несигурност предизвикана од војната во Украина. Секако, постојат основи за внимателен оптимизам, како што е пресвртот на Кина од 180 степени на нејзината драконска стратегија за нулта-ковид. Наскоро, земјата би можела да забележи огромен бран на „одмазднички трошења“, поттикнати од затворената побарувачка од потрошувачите кои поминаа голем дел од изминатите три години заклучени и сега имаат заштеда од еквивалент на билиони долари за трошење. Многумина ги положија своите надежи за глобално закрепнување на ова сценарио, надевајќи се дека кинеските купувачи можат да го поттикнат растот и да ја вратат цената на нафтата до 100 долари за барел. Но, без оглед на тоа што се случува во Кина, Индија продолжува да ужива силен раст, потпомогнат од купувањето на руска нафта со попуст. Европејците, од своја страна, изгледаат воодушевени од пресигурните прогнози дека економијата на континентот нема да падне во рецесија во 2023 година – или барем не лоша. Дури и Италија ги ревидираше нагоре своите проценки за раст и сега се очекува да порасне за 0,6% оваа година. Имајќи предвид дека климатските промени се на врвот на агендата на политиката на Европската унија, иронично е што се чини дека глобалното затоплување ја спаси Европа од недостигот на гас и скоковите на цените што ги предвидуваа многу аналитичари. Многу Европејци, исто така, може да тврдат дека САД се повеќе изложени на ризик од значителна рецесија, имајќи предвид дека целосниот ефект од агресивното зголемување на каматните стапки на Федералните резерви ќе се почувствува до крајот на оваа година. Тие би биле половина во право, бидејќи на САД ќе им треба здрава доза на среќа за да се намали инфлацијата до целта на ФЕД од 2% без голем пад. Во исто време, европските креатори на политики изгледаат исплашени дека субвенциите за чиста енергија вклучени во американскиот Закон за намалување на инфлацијата ќе ги исфрлат многу потребните инвестиции од континентот. Но, каков и да е економскиот раст што ќе го искусат овие земји зависи од војната во Украина. Без крај на повидок, војната може сериозно да ја дестабилизира глобалната економија, предизвикувајќи краткорочни и долгорочни нарушувања. На пример, да претпоставиме дека рускиот претседател Владимир Путин станува доволно исцрпен и очаен за да користи нуклеарно оружје на бојното поле. Во тој случај, сите облози се исклучени, а падот на глобалната берза би бил сосема сигурен. Но, веројатниот одговор на Кина останува многу помалку јасен. Доколку кинескиот претседател Ши Џинпинг го осуди Путин за користење нуклеарно оружје, но во исто време продолжи да купува руска нафта и стоки, Западот ќе биде принуден да воведе секундарни санкции за земјите што ја овозможуваат руската воена машина – што значи, Индија и Кина. Иако е тешко да се квантифицираат долгорочните ефекти на растот од денешните засилени геополитички тензии, Меѓународниот монетарен фонд проценува дека деглобализацијата би можела да го намали глобалниот БДП за 7%, можеби уште повеќе ако се комбинира со технолошко раздвојување. Нето-нула транзиција, веќе херкуловски предизвик, ќе биде многу потешко да се постигне во фрагментирана глобална економија. Во меѓувреме, трошоците за одбрана, кои многумина веќе очекуваа да се зголемат за најмалку 1% од глобалниот БДП во следните десет години, веројатно дополнително ќе се зголемат. Додека американскиот претседател Џо Бајден постојано вели дека нема да ја започне Третата светска војна поради Украина, втората студена војна, која изгледа многу поверојатна, исто така би била ужасна, дури и ако го отфрлиме растечкиот ризик од регионални нуклеарни војни и нуклеарен тероризам. Што и да мислиме за придобивките од глобализацијата, ќе пропуштиме една од нејзините примарни придобивки: меѓународната стабилност. Украинскиот народ разбирливо сака да ги врати своите граници пред инвазијата и да добие гаранции од НАТО за идна безбедност и стотици милијарди долари помош за обнова, како и да покрене обвиненија за воени злосторства против Путин и неговите компањони. Тие очигледно нема да бидат заплашени од нуклеарните закани на Путин. Но, неподготвеноста на Германија да ѝ обезбеди на Украина модерни тенкови сугерира дека на западните лидери, генерално, им е непријатно со изгледите НАТО директно да се вклучи во војна со Русија. Планот на Западот, барем засега, се чини дека е да ѝ испорача на Украина доволно опрема за да ѝ помогне да врати дел од нејзината територија (но не толку многу за Путин да удри), или барем да доведе до ќор-сокак. Иако економските санкции се клучен дел од западната стратегија, би било крајно наивно да се мисли дека санкциите сами по себе можат да ја завршат војната. Единственото место каде санкциите помогнаа да се промени режимот во модерното време е Јужна Африка во 1980-тите и раните 1990-ти. Тогаш, светот беше главно обединет против јужноафриканскиот апартхејд. Но, тоа не е случај со војната во Украина. Руската инвазија предизвика инфлациски скок што го погоди целиот свет. Но, во овој момент, ескалацијата најверојатно ќе има дефлациски ефект на краток рок, бидејќи потрошувачите и пазарите ќе паничат. И долгорочните изгледи за раст не изгледаат ветувачки, бидејќи балканизацијата на глобалната економија најверојатно ќе ја влоши неизвесноста. Сигурно е можно (иако малку веројатно) режимот на Путин да пукне и кој и да го наследи да бара мир. Исто така, можно е Русија да се држи до својот план за повторна колонизација на Украина и дека на крајот ќе стане де факто кинеска економска колонија. Има многу други можни исходи, но предвременото враќање на мирот во Европа сè уште не е еден од нив. Светските бизнис лидери можеби заборавија на Украина, но нема да можат да ја игнорираат. (Кенет Рогоф е професор по економија и јавна политика на Универзитетот Харвард. Тој беше главен економист на ММФ од 2001-03. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) Поврзани содржини Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“ 29/01/2023 15:01 Каде е оној мој колега Николај Милков од Букурешт? 28/01/2023 09:01 Месечарење на планината на мегазаканите 26/01/2023 09:01 Од каде се идеите за влада на широка коалиција? 25/01/2023 09:01 Соочување со реалноста во Србија и во Македонија 24/01/2023 16:01 До кога ќе наседнуваме на евтините бугарски сценарија? 23/01/2023 16:01 Низ руското огледало 18/01/2023 15:01 Некогаш тоа беше најдобрата професија на светот 17/01/2023 22:01 Најчитани Земјата прими радиосигнал испратен од галаксија која е оддалечена 9 милијарди светлосни години 27/01/2023 11:10 Вибер воведува две нови опции кои секојдневно ќе ги користите 26/01/2023 20:40 На 45 години почина Ени Вершинг, позната по серијата „24“ 30/01/2023 08:17 Каде е оној мој колега Николај Милков од Букурешт? 28/01/2023 09:30 Извор од ЕУ: Македонија реагираше навремено и соодветно за инцидентот во Охрид 26/01/2023 13:47 Како изгледа животот на минус 50: Романец веќе 17 години живее во најстудениот дел од светот 27/01/2023 14:06...
„Тргни-застани“ бизнис меѓу Скопје и Софија
Слободен Печат - пред 1 ден
Не помина ни еден месец од оптимистичките прогнози за достигнување една милијарда евра во македонско-бугарската размена, а веќе стигна суптилната закана од бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков дека може да бидат суспендирани заедничките проекти со Македонија. Економските односи меѓу двата соседи низ годиниве варираат од куртоазна љубезност до намерна запоставеност, но инцидентот „Пендиков“, ја подигна затегнатоста на повисоко ниво со најавите дека е можно Бугарија да го врати ветото?! „Цинизам е да се дискутира за проекти за еколошка патека во Македонија, додека Пендиков лежи во болница. Може да стопираме и други меѓувладини проекти“, ќе рече Милков пред бугарските пратеници. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Кога лани во декември на македонско-бугарскиот бизнис-форум во Скопје се пофалија дека има можност за уште поголема економска соработка, шефовите на дипломатиите на двете земји заборавија колку малку треба да се срушат посакуваните проекции. Од потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година досега, бизнисмените се обидуваат да ја занемарат политиката. И тоа, повеќе или помалку, им успева. Последните статистички податоци ја издигнаа Бугарија како петти по големина трговски партнер на Македонија. За 11 месеци, лани, размената меѓу двете земји достигнала 950 милиони евра, што е за 42,2 отсто повеќе од истиот период во 2021 година. Притоа, увозот од Бугарија во Македонија растел многу повеќе отколку извозот кон нашиот источен сосед. Релативниот мир на политички план се покажува и низ податокот дека во последниве две години, размената е речиси удвоена. Добри се и податоците за инвестициите од Бугарија во Македонија, кои во 2021 година стасале до речиси 250 милиони евра. Активни се и македонските компании во Бугарија, каде што исто така има инвестиции, претежно во прехранбената индустрија и туризмот. Речиси секоја порака на европските функционери кога е во прашање нашата интеграција во ЕУ, почнува и завршува со совет дека е најважна соработката со соседите. Но неколкуте стотина километри што нè делат со Бугарија, не може да се поминат речиси три децении. Да, за пругата станува збор. Во земјава не остана ниту еден позначаен функционер, кој во својата колекција нема фотографија покрај камен-темелник на овој дел од Коридорот 8. Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија. Автопатот до бугарската граница е, исто така, приказна за себе, а онака како што почнаа, така и завршија напорите за поголем економски пробив и со воспоставување на авиолинијата меѓу Софија и Скопје. Авиоповрзувањето меѓу двете земји беше со краток здив, наводно поради економски причини. Дали и инфраструктурните проекти ќе станат колатерална штета на влошените политички односи? Дотолку повеќе што нè очекува изградбата на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, а за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија, веќе се затвора финансиската конструкција и изградбата се планира да заврши до 2029 година. Со заем од Светска банка се работи на проектот за надградба и развој на патната делница Ранковце – Крива Паланка, а со средства од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ и на патната делница Крива Паланка – Деве Баир. Бизнисмените апелираат политиката да се тргне настрана, особено во време на светска економско-енергетска криза. Затоа и не е добра изјавата на бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов дека Македонија добива гас единствено преку Бугарија. Во контекст на енергетиката, Бугарија подолг период како да става „песок во запчаникот“ на земјава во приклучувањето на терминалот Александрополис, кој би ни го диверзифицирал снабдувањето со природен гас. Светот во 21 век ги брише границите, особено економските. А наместо со источниот сосед да поттикнуваме нови можности за соработка, некој упорно се труди да не ги препознае и да ги употреби бизнисите за да ги оствари своите политички цели. Говорејќи пред 150 македонски и бугарски бизнисмени во Скопје, министерот Милков рече дека позитивните тенденции во нашите билатерални односи, особено во економските односи не се воопшто малку, но за жал тие како да остануваат малку настрана од фокусот на општеството. Да се надеваме дека економската соработка ќе остане имуна на притисоците и дури можеби ќе остане последниот мост, кој ќе ги држи двете страни на иста „бранова должина“....
ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ стави вето на Македонија!?
Слободен Печат - пред 2 дена
Војната помеѓу Русија и Украина влегува во критична фаза. Западните земји сега се спремни таму да испратат најсофистицирано оружје. Германија веќе донесе одлука за испраќање најмодерни тенкови „леопард-2“ на Украинците, кои заедно со мобилните хаубици и оклопни возила „гепард“ и „мардер“, ќе бидат спремни за мајската контраофанзива. Исто така, Американците освен тенкови „М1 Абрамс“ и многубројни противвоздушни системи, сега размислуваат да испратат и модерни авиони „Ф-16“! Разврската се очекува да се случи во текот на оваа година. Паралелно, западните земји силно се спротивставуваат и на хибридната војна што Русија со години ја води во одделни региони во светот, вклучително и на Западен Балкан. Добриот познавач на геополитиката Ерик Ратфелдер предупредува дека во моментот Западниот Балкан се наоѓа на ептен тенок мраз поради хибридни напади од Москва, од кои некои земји тешко може да настрадаат. Тука, мала Македонија со големите проблеми (дел од нив самата ги продуцира), е во најголема опасност споредена со соседите. Дури и Црна Гора, која има големо српско население, изгледа поимуна од нас, оти и во турбулентни состојби таа не отстапува од евроатлантската агенда. А тука едни академици веќе нашле алтернатива! Таквите лоши игри многу скапо може да ја чинат државата. Едни наши политичари сè повеќе, свесно или несвесно, потпаѓаат под влијание на една вешта руска местенка (поддржана од одделни проруски елементи тука и во Бугарија), која има за цел да ја дестабилизира државата. Тие политичари познати по бојкотирањето ум и разум, сè уште му кумуваат на лошото, за потоа самите да заглават во опасна мрежа сплетена од невидливи центри, кои не сакаат Македонија да ја гледаат како држава. Режимот на Путин подолг период е фокусиран кон прелевање на војната тука, првин како хибридна, а потоа како вистинска, со цел дефокусирање! И тука секој што покажува слики во воени униформи или чизми од минатото, не само што докажува дека не знае ништо друго, туку со тоа директно ја помага Москва во нејзините пеколни намери за регионот. Ние како што изгледа навикнати сме со болеста и не сакаме да оздравиме. За опасноста од дестабилизирање на регионот зборуваат и многубројни светски безбедносни аналитички центри. Во својата анализа објавена во „Форин афеарс“, Тимоти Лис јасно предупредува на сериозна опасност по мирот во Балканот. Тој заклучува дека можната дестабилизација на регионот само НАТО може да ја спречи. Тука се и многу други предупредувања, какви што се анализите од светскиот лидер по геополитиката „Стратфор“, кој наведува дека мирот во балканскиот регион е пред војнички отстрел. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Вучиќ сепак е лидер! Тоа сите го гледаат, освен тие што садат тикви со ѓаволот. А ѓаволот никогаш не доаѓа со страшно лице, остри заби и со огнена стрела, туку со сè што душа ни посакува. За жал, кај нас, многу луѓе, дури и од академската фела настојуваат да нè убедат дека токму најопасниот отров е најдобриот лек. Тивкиот бојкот на Собранието е муниција за една таква хибридна војна, а попречувањето на уставните измени се артилерија во рацете на тие што ја водат таквата опасно војна. Тука не помага криењето зад реториката – „и ние сме за НАТО и ЕУ, ама без уцени и губење на идентитетот“! Никој нема да ја оправда логиката дека нема да ја премине реката само поради тоа што мостот не му се допаѓа! Уште помалку, ако гледаат дека ние цело време сакаме мостот да го урнеме! А секој знае дека мостовите служат за поминување, а не за уривање. Но, кај нас сè е можно, ако ве поддржуваат медиуми кои оправдано заслужуваат награда по име „Гебелс“! Дефинитивно најмоќната сила на светот ги легна на брашно Вучиќ и Курти. Со тоа се урива главниот штаб на овдешната хибридна војна. Наредниве недели или месеци ќе следува потпишување на договорот. Вучиќ веројатно се обидел да купува време за да види како ќе се одвиваат работите во Украина, но кога видел дека на повидок е катастрофа за една поранешна империја, тој ја свртел плочата. А Курти, како опозиционер, фрлаше чадни бомби во Собранието на Косово против тогашната власт, која како компромис сакаше да ја прифати „Заедницата на српските општини“, а сега како добро момче ќе си седне убаво да си ја заврши домашната задача! Таа работа ја турка токму таа невидлива сила што целото косовско раководство ја прати во Хаг, оти со коруптивни дејства ја хранеше опасната дестабилизација на регионот. А кај нас од Месечината се гледа кој ја храни руската намера за дестабилизиција на Балканот. Тие не може да разберат дека неодамнешната анкета на ИРИ првенствено е наменета за вмровското водство. Ако сè уште не го разбрале тоа, подобро е да се поздрават со политиката, оти одамна се веќе поздравени со логиката. Нивниот ум сè уште не сака да се реxабилитира од тоа што со години на ѓаволот му граделе куќа. Никој веќе не може да предвиди што ќе се случи ако некој се осуди да ги попречи уставните измени! Што е најчудно, токму промените во Уставот се во полза на државата, пред сè. Првин, со тоа се признава постоење два различни народа. Второ, тие се наши граѓани што не смееме да ги дискриминираме поради лошите меѓудржавни односи. Рубља-патриоти Пред неколку години Бугарија направи голема грешка и сега, еве две години, е без влада и над три милијарди евра европски пари има загубено поради глупостите што ги направи во однос на Македонија! Сега нека му ја мисли тој што сака да блокира уставни измени, со помисла дека тоа ќе го прави штом ќе дојде на власт! Тој филм нема да го види, оти веројатно, ако во текот на летото не се смени Уставот, ќе следат други комбинации, така што ВМРО-ДПМНЕ пак ќе остане на суво. А допрва претстои разврска за многу работи што лично ќе ги засегаат лидерите на одделни политички партии. А потоа ќе биде доцна кога некој ќе му намигнува некому со престој во Будимпешта. ВМРО-ДПМНЕ хистерично предупредува за наредно бугарско вето! А тоа веќе го нема оти самата ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ стави вето на Македонија со нејзините постапки. Најмногу што се противат на уставните измени се токму најголемите бугарски националисти и руските служби. Секој од свои причини. Тоа што тие би го сонувале, ВМРО-ДПМНЕ би го исполнила. Аргументот дека Бугарите пак ќе ни ставаат вето е рамно на тотално незнаење. Сега воопшто нема да има гласање ако не ја завршиме задачата. Така што, самата ВМРО си става вето на државата. А кога би се одвивало се нормално, веројатно Бугарите нема да постават друго вето, оти некој ги има фатено за опашката. Оваа партија мора да расчисти со тоа – дали е за ЕУ или за рускиот свет! Многу „рубља-патриоти“ го знаат одговорот и затоа сме тука каде што сме! Не верувам дека долго време целиот нормален свет ќе се растрча за да нè одврати од намерата да ја запалиме сопствената куќа! Никој не може трајно некого со фаталистички чип во главата да го спречи да скокне во празен базен! Ама последиците ќе бидат од лична природа. Со вакво водство на ВМРО-ДПМНЕ не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно e да исчезна и ова сонце што го имаме. И мајката, ако силно ја прегрнуваме, можеме да ја задавиме! Авторот е аналитичар...
Пет прашања до Владата по повод годишнината
Слободен Печат - пред 2 дена
1. Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд. Во образложението на решението со кое се отфрла нашата иницијатива, а кое, впрочем, го добивме година дена по поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд елаборираше дека една од причините е тоа дека здравјето на луѓето е определувачко за да не се прифати иницијативата. На тоа, впрочем, не се повикува ниту законското решение, плус еден куп исклучоци што покажуваат дека здравјето на тие луѓе не е важно. Зарем ова не ѝ пречи на Владата во градењето правна држава да мора да биде одбранета и со вака нелогични квалификации?! Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber 2. Согласни сме околу барањето да ги зголемиме квотите за увоз на работна сила. Но, имаме едно просто прашање: што е со нашите вундеркиндзи што ги испративме на државна сметка на најпрестижните универзитети, а кои никако да се вратат и да ѝ помогнат на државата. Каде се тие сега и за што се потрошени 150 милиони денари годишно, т. е. 1,5 милијарди денари за 10 години? Па, нели заеднички на сите ни е обврската да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста ако сакаме економски развој!? Некој ќе рече дека увозот на работна сила подразбира дреари, тесари, заварувачи, но не е лошо да се провери бројката на издадени дозволи за странски менаџери, а потоа да се објави како стојат работите на овој план. 3. Постои ли во оваа држава поим ОДГОВОРНОСТ за доцнењето на инфраструктурните проекти? Сигурен сум дека во овие изминати 50-ина години потрошените пари за одржување на планинските превои ќе исфинансираа тунели низ целата држава, а да не зборувам за тешкотиите што ги имаат камионџиите што превезуваат стока за бизнисот и за жртвите и опасностите што демнат на секој чекор. 4. Нели се договоривме за даночен календар заради предвидливост на билансите на компаниите?! Ако се договоривме, тогаш треба да го почитуваме тоа. Ние не сме сами за себе, тука имаме и 200 странски компании и многу други странски капитални инвестиции за кои ова е нормална работа. 5. Бидејќи од минатата година почнавме да славиме годишнини, немојте оваа година да прославуваме 12 години од иницијативата за промена на член 218 од Законот за извршување или 10 години од иницијативата за воведување холдинг-друштва или 7 години од иницијативата за зголемување на контролниот праг за преземање акционерски друштва или 5 години од барањето за промена на методологијата за пресметка на придонесите за пензиско-инвалидско осигурување. Донесете ги прво овие закони, па потоа, не почитувајќи го даночниот календар, предлагајте нови закони. П.С. Имавме и имаме успешни заеднички проекти: зголемување на конкурентноста со ревидирање на царинските стоки; зголемување на финансиската поддршка за компаниите што инвестираат и кои воведуваат иновации; допрецизирање на списокот за непризнавање трошоци за даночни цели на данокот на добивка; овозможување доброволно регистрирање ДДВ во кој било период од годината, како и навремено враќање на ДДВ. Овде може да се споменат и соработката во решавањето на проблемите произлезени од енергетската криза, регионалните иницијативи, како и беспоговорната комуникација на сите нивоа, што значи дека Владата секогаш беше отворена за соработка. Не дека ние не знаеме оти Владата е одговорна за целокупниот живот во државата, но во тоа милје бизнисот мора да има посебно место поради бројките, приходите и поради кохезивноста во своето работење. Владата е наш партнер и овие прашања ги поставуваме најдобронамерно, без никакви калкулации, зашто само во услови на консензус може да се најде излез од кризите и да се постигнат позитивни економски резултати. Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија...
Непокор
Либертас - пред 2 дена
Почитувани читатели, во изминатите години секоја седмица редовно пишувам колумни на тема поврзана со стечајот на Еуростандард банка. За сите читатели, кои ги читаат моите колумни, недвосмислено и таксативно беа наведени сите пропусти кои системот во Република Македонија ги направи во моментот кога банката беше однесена во стечај. Народна банка е олицетворение на вакво криминално зло кога дозволи на ваков начин стечајна постапка која во ниеден момент не требаше да заврши на начин на кој таа го стори. Таа во своето работење прескокна процедури со кои требаше да биде консолидирана банката, а тоа се: 1. Вонредните мерки, што во превод значи изречување на казни на членовите на Управен и надзорен одбор и нивно отповикување од функциите кои тие ги извршуваа. 2.Ја прескокна процедурата за воведување администрација во банката, со можност банката да закрепне и продолжи со работа. 3. Стратешкиот партнер, кој беше спремен да ја докапитализира банката , не беше примен ниту на еден разговор , полни 3 месеци пред објавувањето на стечајот на ден 12 август 2020 година. Сериозноста на стратешкиот партнер беше потврдена и од страна на Народна банка дека ги поседува сите перформанси барани од Народна банка за негово влегување во капиталната структура на Еуростандард банка. 4.Вонредната состојба која траеше цели 97 дена при одземена лиценца на Еуростандард банка да работи со правни и физички лица, а со додатна одлука на Техничката Влада на РМ ѝ беше одземено и правото за присилна наплата на доспеани побарувања. Стечајот на Еуростандард банка е обзнаен веднаш по завршувањето на вонредната состојба, по завршените предвремени парламентарни избори и неформирано Собрание и Влада на Република Македонија. Со прости зборови, банката е однесена во стечај кога во Македонија владее БЕЗВЛАСТИЕ. 5. И на крајот, на кол конференција одржана на 7 август 2020 година меѓу вицегувернерите на Народна банка и Надзорниот одбор на Еуростандард банка, беше даден термин за докапитализација на банката од 2,4 милиони евра до 14 август 2020 година. Банката е однесена во стечај на 12 август 2020 година, два дена пред истекот на договорениот термин за докапитализација на банката! Сите горе споменати факти, денеска стојат само во моите колумни, додека институциите на прогон како Обвинителство, Финансиска полиција, Судство и додатно Собранието на Република Македонија, како единствен овластен орган за контрола на работењето на Народна банка, молчат. Борбата против организираниот криминал и корупција, како најголемо општествено зло на Република Македонија, до ден денешен е само формализам и флоскули. Присуството на организираниот криминал и корупција во Македонија е многу јасен. Извештајот на ЕУ од 2022 година како и перманентниот притисок на Стејт Департментот кон Македонија јасно говорат дека актуелната Влада на Република Македонија, вклучително и партиите од опозиција, немаат намера да се справат со оваа девијантна појава. Заклучувам дека македонската политичка сцена нема желба за справување со ова зло. Во животот секогаш сум се водел да бидам чесен, праведен и добронамерен кон моите сограѓани и мојата држава. Нема да дозволам ниту една институција или поединец да ми го извалка името, како ни моето семејство. Во мојата борба за вистината ќе бидам упорен до крај и ќе ги користам сите алатки кои ми стојат на располагање за решавање на ова зло во рамките на законите кои владеат во Република Македонија. Непокорот е мојот порив да истраам во моите зацртани цели. За жал, не сум единствениот граѓанин во Република Македонија со кого системот си поиграл, но би сакал да бидам последен. Трифун Костовски...
Македонија учествуваше во финалето на Светското ракометно првенство
Нова Македонија - пред 2 дена
Спортот број еден во Македонија во неделата имаше финалисти, откако Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, нашите најдобри ракометни судии, ја делеа правдата на најзначајниот меч, тој за светската титула. Одличното судење, без грешка, не е новост за една од најдобрите ракометни судиски двојки во светот, а мечот беше како круна на нивната досегашна кариера, во која суделе и финалиња на ЕП и на ЛОИ и на многу други значајни натпревари на континентално и светско ниво. Големо е признанието, во секоја професија, да се биде во светскиот врв, а во случајов македонски судии беа одбрани да судат натпревар на највисоко планетарно ниво. Тоа е само уште една потврда дека и Македонија има капацитет и квалитет, а токму поради квалитетот се заслужува едно вакво високо признание. Тоа, истовремено, е и потврда дека само со упорна работа, со посветеност, одрекување, вложување во себе… може да се достигнат и светските врвови. На секое поле. Токму тоа треба да ни биде мотив, на сите нивоа да работиме повеќе на себе, на надградување, оти и настапот на македонските финалисти на годинашното Светско првенство е доказ дека можеме, дека со посветеност, со многу труд во тоа во што сме добри, во тоа што го сакаме, можеме да добиеме и светски признанија Македонската ракометна репрезентација е на 27-то место на Светското првенство што се одигра овој месец. Сега следуваат анализи од сите задолжени, реално, трезвено, педантно, професионално, но и етички и морално да се анализира како понатаму. Дека потфрливме, тоа е вистина. Дека тешко потфрливме, тоа е факт. Добрата страна е што таа речиси е пласирана на Европското првенство в година, а со тоа потоа и малку полесен е патот за пласман на следниот планетарен шампионат, за одржување на континуитетот, кој особено ќе биде важен, оти и во спортот може да се напредува само ако се учи во континуитет, само ако се натпреварува со подобрите од себе. Спортот број еден во Македонија, сепак, во неделата имаше финалисти, откако Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, нашите најдобри ракометни судии, ја делеа правдата на најзначајниот меч, тој за светската титула. Одличното судење, без грешка, не е новост за една од најдобрите ракометни судиски двојки во светот, според неподелените оцени на ракометните стручњаци, а мечот на ова Светско првенство беше како круна на нивната досегашна кариера, во која суделе на многу значајни натпревари и на европски првенства (финале на ЕП 2020, полуфинале на ЕП 2018 и 2022, меч за трето место на ЕП 2016), но и на летни олимписки игри (финале во 2021 година на ЛОИ 2020) и во Лигата на шампионите… Големо е признанието, во секоја професија, да се биде во светскиот врв, а во случајов македонски судии беа одбрани да судат натпревар на највисоко планетарно ниво. Тоа е само уште една потврда дека и Македонија има капацитет и квалитет, а токму поради квалитетот се заслужува едно вакво високо признание. Тоа, истовремено, е и потврда дека само со упорна работа, со посветеност, одрекување, вложување во себе… може да се достигнат и светските врвови. На секое поле. Токму тоа треба да ни биде мотив на сите нивоа да работиме повеќе на себе, на надградување, оти и настапот на македонските финалисти на годинашното Светско првенство е доказ дека можеме, дека со посветеност, со многу труд во тоа во што сме добри, во тоа што го сакаме, можеме да добиеме и светски признанија. Но само ако се тргне со идејата за достигнување на врвот во која било област, ќе има и врвен резултат. Само за неколку часа во неделата, на два краја на светот, спортски мегаѕвезди, во поединечен и во екипен спорт, ја посочија главната состојка во нивните успеси – сонувањето. Новак Ѓоковиќ испиша нови историски страници во тенисот, а репрезентацијата на Данска достигна нови височини во ракометот. „Сонувајте големи нешта, затоа што можете да ги остварите“, рече Ѓоковиќ, а Микел Хансен, репрезентативец на Данска, изјави: „Оваа ситуација во која се наоѓаме е нешто за што можеш да сонуваш само кога си дете. Сонувате да ја претставувате вашата земја на големите турнири“. Секако, нивната секојдневна работа, негувањето на талентот, максималниот професионализам, самодисциплината… се заслужни за нивните успеси, но сѐ почна многу пред тоа. Со сонувањето. Секој јануари уживаме во натпреварите на Македонија, а за одржување на тој ритам клучот е во клубовите, во нивните школи и академии, и токму таму треба да биде фокусот. Конкурентноста се потпира на продукцијата. За од по победничките патеки мора да се работи, но методолошки, искуствено, не со наметнување сила и авторитет без основа. Сите спортски и други успеси се должат на постојано вложување труд, долгорочни цели и стратегија…, но пред сѐ за висок дострел прво треба да се сонува за највисоката цел, затоа што само така може да се стигне далеку, како Начевски, Николов, Ѓоковиќ, Данска, Мароко, Лестер, македонската кошаркарска репрезентација во 2011 година, македонската ракометна селекција во 2012 година, младата фудбалска и младата ракометна репрезентација во 2017 година, Дејан Георгиевски во 2021 година… Сонот, секако, далеку од тоа дека е доволен сам по себе. Тој е составен од идеја, стратегија, упорност, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување…, и само таков ќе понесе кон успесите, признанијата, медалите… Во примерите на Начевски и Николов, на Ѓоковиќ и на Данска…, има уште пораки, а тоа е дека и по толку години успеси секогаш се наоѓа мотив за повеќе работа, за нови достигнувања, за нови рекорди, за нови победи… Многу славни луѓе посочиле некои насоки за достигнување успех, па, така, легендарниот американски бејзбол-играч Томи Ласорда изјавил „разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, Теодор Рузвелт, поранешен претседател на САД, пак, рекол: „Верувај дека можеш и веќе си на половина пат дотаму“, а за сонувањето, амбициозноста, приодот кон работата, одлучноста, вербата во себе, невозможното-возможното… Владимир Богоевски, славниот македонски одбојкар, кој своевремено играше и за Реал Мадрид, пак, рекол: „Ќе играв за Реал и да бев фудбалер или кошаркар“. Сон. Работа. Посветеност. Успех. Нема пократок пат. [email protected]...
Чувајте го јазикот, Симјановски
Нова Македонија - пред 2 дена
Аљоша Симјановски Македонскиот јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење на долгата историска оска. И не е тоа загрозување само странска, од странски јазик. Во вртежот на политичките превирања на нашиот мајчин јазик му e скусена негата во јавниот простор и во извесна смисла и грижата за него од државата. На повидок е и изработката на предлог-закон за грижа за македонскиот јазик во практиката во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот. Се предвидува и инспекторат во кој ќе бидат вработени инспектори за македонски јазик и кои ќе дејствуваат на терен, ќе ја следат состојбата секаде каде што според законот треба да се применува македонскиот стандарден јазик со неговото кирилско писмо. Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е историја, традиција, обичаи, наследство, идентитетска инфраструктура…Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот. „Негувај го македонскиот јазик, побарај лектор – здружение на лектори на Македонија“ беше текстoт испишан на билборд што го прочитав во една пригода стоејќи простум во градскиот метеж од перцепции, при што со доза на блага иронија, резигнација и горчина, сам со себе си разговарав и се прекорував. Вака ли се штити идентитетот, се чува и негува јазикот, со билборди, со летоци… Го враќам филмот години наназад. „Чувајте го јазикот, Симјановски, тој ќе ве чува Вас“. Така говореше Милчин Постариот во една дискусија по повод употребата на жаргонот во филмската конверзација. Конкретно, дебатата беше по повод премиерата на мојот игран проект, ТВ-филмот „Пикасо“, кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше реализиран во продукција на МТВ и беше прикажан во ударниот драмски термин на тогашната Југословенска радио-телевизија. Како автор на сценариото и режијата сметав, а и така направив, за поголема уверливост во одразот на скопското милје, јунаците во дијалозите да комуницираат на „скопски“. „Филмот е убав, Симјановски, но задача на вас авторите е будно да внимавате на јазикот, особено во уметничкото творештво, да го негувате и доизградувате, бидејќи тој е вашата легитимација“. Ги доживеав овие зборови како комплимент, но и како благ прекор, кој и ден-денес ми одѕвонува во сеќавањата. Како одминуваат годините сѐ повеќе ја чувствувам важноста на пораката на почитуваниот голем артист, интелектуалец, педагог Илија Милчин и неговите заложби за македонскиот говор и правоговор и учество во културната автономија во Пиринскиот дел на Македонија. „Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на којшто зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа, во ноември 1900, во Софија. Така почнува финалната сцена на ТВ-драмата „Премиера“, за која сценариото го пишувавме заедно со почитуваниот Милан Банов, истражувајќи и прегледувајќи за таа цел многубројни архиви, фотографии на македонски дејци, документи, сведоштва, врз кои ги создаваме сцените на премиерата на македонскиот јазик во драмската уметност. Човекот со куфер што доаѓа од Пловдив да присуствува на премиерата на „Македонска крвава свадба“ беше една од ролјите што ги толкуваше почитуваниот актер Илија Милчин. Во една пригода, по повод извесни драмски чествувања во салонот на Славјанска беседа во Софија, присуствував на драмски фестивал на кој беше прикажана македонската пиеса „Дунек“, со Владимир Ангеловски во главната ролја. В миг за време на пиесата, повторно го чув далечното ехо на зборовите на Ковачев и Сарафов. Јазикот на кој зборуваат и пишуваат поколенијата, овој пат повторно како пред повеќе од сто години, слободно одекнуваше на сцената. В миг повторно како да ги осознав длабоката смисла и важноста на пиесата „Македонска крвава свадба“. Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за кратко време изоде голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа. Законот за употребата на македонскиот јазик („Сл. весник“ 5/98) пропишува занимање – лектор, кој е единствен овластен да се грижи за правилна употреба на стандардниот јазик. Според членот 7 од Законот: „Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од членот 5 став 1 од овој закон (називи, реклами, плакати, упатства на лекови, меѓународни договори, текстови за масовна комуникација) што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“. Во метежот пред лелекот на билбордот во близината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се потсетив на завештанието на почитуваниот и скромен професор, поет, научник, татко на македонскиот јазик и правопис Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Овие зборови во ова бурно време како да го добиваат своето полно значење. Заложбите за неговиот опстој денес одново силно се интензивираат. Незапирливо продолжува македонското „да се биде или не“ и во сферата на писмото и правоговорот. Овие скромни редови ги посветувам и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби и со мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци политичари, кои облечени во овчи одежди, кои дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените, невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие. Аљоша Симјановски...
Новата светска економија
Нова Македонија - пред 2 дена
Џефри Д. Сакс Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии што можат да го нарушат светот доколку не бидат соодветно користени и контролирани. Ја започнувам оваа нова серија на колумни во новата година и со нов почеток за Бразил преку инаугурацијата на претседателот Лула да Силва. Неговите добронамерници излегоа на улиците низ целата земја и беа оживување на надежта за Бразил по четиригодишното катастрофално владеење на неговиот десничарски претходник Жаир Болсонаро, кој, во пресрет на инаугурацијата на Лула, побегна од Бразил на Флорида. Болсонаро остави зад себе толпа што дивееше низ државните објекти пред да биде уапсена, и тоа во голем број, од страна на полицијата. Тактиката на толпата нема да го спречи претседателот Лула, ниту ќе има долгорочно влијание врз САД, каде што беа оневозможени сличните активности на Доналд Трамп, кои беа организирани на 6 јануари 2021 година. И во двата случаја, политичарите демагози ги користеа социјалните мрежи за да разбудат толпа, а исто така во двата случаја толпата беше „задушена“ во еден ден. Вистинското прашање, според мене, не е толпата, туку посуштинските промени во светот што генерираат растечки тензии во светската политика и економија. Длабоките промени не можат и нема да бидат спречени од толпи. Вистинскиот предизвик е да ги разбереме овие суштински промени за да можеме да управуваме со нив за општото добро. Токму таквото разбирање е целта на пишувањето на моите колумни во иднина. Најголемите превирања се од геополитичка природа. Ние веќе не живееме во свет во кој водечката улога ја имаат САД, ниту пак во свет што е поделен меѓу САД и нивниот ривал Кина. Ние сме веќе дел од еден мултиполарен свет, во кој секој регион си има свои проблеми, а и своја улога во глобалната политика. Ниту една земја и ниту еден регион повеќе не може да ја одреди судбината на другите. Станува збор за сложена и „бучна“ средина, при што ниту една земја, регион или сојуз не се во можност да влијаат на другите. Една од причините зошто враќањето на Лула да Силва на претседателската функција е толку значајно е фактот што Бразил ќе биде клучен регионален и глобален актер во годините што следуваат. Лула да Силва тесно ќе соработува со прогресивните претседатели во Чиле, Колумбија, Аргентина и во други места од Јужна Америка. Бразил, исто така, ќе претседава со Г20 во 2024 година, што е дел од четиригодишниот период во кој големите економии во развој претседаваат со Г20 (Индонезија во 2022 година, Индија во 2023 година и Јужна Африка во 2025 година). Управувањето со мултиполарен свет е исполнето со тешкотии. Итно ни е потребно повеќе дијалог со другите земји и притоа е неопходно да излеземе од рамките на едноставната пропаганда што ја пласираат нашите сопствени држави. Тука, во западните земји, секојдневно сме бомбардирани со смешни официјални наративи, од кои повеќето потекнуваат од Вашингтон: дека Русија е олицетворение на чисто зло, дека Кина е најголемата закана за светот и дека само НАТО може да нè спаси. Овие наивни приказни, кои се бесконечен наратив на американскиот Стејт департмент, се голема пречка за решавањето на глобалните проблеми. Тие нè заробуваат во лажни размислувања, па дури и во војни што никогаш не требало да се случат и кои морало да завршат со преговори наместо со ескалација. Кога ќе ја прифатиме реалноста на постоење на мултиполарен свет, ние конечно ќе можеме да ги решиме проблемите што досега не успеавме да ги дофатиме. Прво, ќе разбереме дека воените сојузи како што е НАТО не даваат одговори на вистинските предизвици со кои се соочуваме. Воените сојузи се, всушност, опасен анахронизам, а не вистински извор на национална или регионална безбедност. На крајот од краиштата, обидот на САД да го прошират НАТО во Грузија и Украина доведе до војните во Грузија (во 2010 година) и во Украина (од 2014-та до денес). Ниту бомбардирањето на НАТО на Белград во 1999 година, ниту петнаесетгодишната неуспешна мисија во Авганистан, ниту бомбардирањето на Либија во 2011 година не постигнаа некакви реални цели. Кина исто така не е онаа сериозна закана како што денес се прикажува како таква во западните земји. САД се преправаат дека сè уште живееме во свет што е предводен од САД и дека Кина е опасен претендент што мора да биде запрен. Но реалноста е поинаква. Кина е древна цивилизација со 1,4 милијарда луѓе (речиси секој петти човек во светот), која исто така има за цел висок животен стандард и технолошка извонредност. Ние ќе успееме да ги решиме нашите глобални проблеми не преку залуден обид да ја „задржиме“ Кина, туку со тргување, соработка и преку економски натпревар со Кина. Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии што можат да го нарушат светот доколку не бидат соодветно користени и контролирани. Бразил е епицентарот на еколошкиот предизвик. Дали е можно да се спаси Амазон во кој се наоѓаат половина од сите дождовни шуми во светот? Лула да Силва дојде на власт со ветување дека ќе го направи токму тоа. Тој ги освои гласовите на сојузните бразилски држави од регионот на Амазон. На глобално ниво, Европа е предводник кога станува збор за животната средина, и тоа преку Европскиот зелен договор. Главната геополитичка можност на Европа е да ги поттикне другите региони, вклучувајќи ги и Африканската Унија, Кина, Индија, Америка и другите, да донесат свои зелени договори. Тоа ќе биде многу подобра задача за Европа отколку проширување на НАТО, водењето бескрајна војна во Украина или соочувањето со Кина. Бразил е исто така епицентар на нееднаквост – во него имаме највисок степен на нееднаквост во светски рамки. Таквата нееднаквост првично е создадена поради европскиот империјализам, кој ги потисна домородните народи и пороби милиони Африканци. Нивните потомци и понатаму ја плаќаат цената за тоа. Лула да Силва повикува на социјална правда, а тоа е исто така и наш глобален повик, по изминати векови со расна и социјална неправда. Бразил, исто така, може да биде епицентар на новите технологии, на пример лидер во новата биоекономија во која чудата на биолошката разновидност на Амазон и Бразил повеќе не се уништуваат за повеќе сточарски ранчови, туку за производство на нови лекови што спасуваат животи, за прехранбени производи (како што е асаи, кој сега го има низ целиот свет) или напредни биогорива за целите на зелен авиотранспорт. Технолошките промени се можеби најтемелниот двигател на глобалните промени. Нам ни се потребни новите технологии за да можеме да се соочиме со кризата на климатски промени, со гладот, образованието и здравствената заштита. Сепак, ние ги трпиме последиците од новите дигитални технологии во случаи кога истите тие се злоупотребуваат, како на пример за мобилизирањето толпи или беспилотни летала или дронови за убивање во Украина. Можно е исто така и вирусот што предизвикува ковид-19 да бил создаден од напредна технологија (сè уште не знаеме дали е така). Секојдневно се соочуваме со попречувања и нееднаквости што се предизвикани од вештачката интелигенција, роботиката и брзото менување на работните места. Спојувањето на глобалните промени, нарушувањата и опасностите е на зачудувачки големо ниво. Решенијата се во разбирањето, соработката и решавањето на проблемите. Целта на оваа колумна, во месеците што следуваат, ќе биде подобро разбирање на економијата на новиот свет. (Республика.еду.мк)...
Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено
Либертас - пред 2 дена
Можеме ли на Бугарите што ќе дојдат на четврти февруари, да го одбележат роденденот на Гоце Делчев во Скопје, да им одржиме една лекција за културно однесување? Да ги пречекаме учтиво, достоинствено, воздржано и студено. Тоа би била најсилната засрамувачка „шлаканица“ што треба да им ја удриме на јавна сцена не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој. Сите знаеме зошто баш сега наеднаш им текна да дојдат како неканети гости. Не е за арно. Освен некои бугарски политичари при официјални посети на Македонија и ретки бугарски туристи кои се поклониле пред великнатот Делчев, никогаш од Бугарија немало ниту една организирана посета. Затоа непоканетите гости кои најавуваат „инвазија“ на Скопје на четврти февруари не може поинаку да се прифатат освен како провокација на која треба да наседнат не само некои граѓани, туку и политички партии, македонски и бугарски, кои во таа игра и манипулација со чувствата на граѓаните гледаат добри предизборни поени. Нивните веќе најавени активности, иако се прикажуваат како самоорганизирани, можат лесно да излезат од контрола и да предизвикаат трагични последици. Што подраматични настани на граничните премини, на патиштата и во Скопје, толку повеќе штета во односите меѓу двете земји кои по инцидентот во Охрид со физичкиот напад на секретарат на бугарскиот клуб Цар Борис Трети се крена на ниво на закана со војна. Не може да се игнорира, а ни целосно да се контролира опасноста ако во едни вакви напрегнати моменти се замешаат и разузнувачки служби на други земји кои имаат и тоа каков голем интерес за дестабилизација на Балканот. Ако вандалскиот напад на македонскиот Бугарин во Охрид, Христијан Пендиков предизвика студена војна, иако веднаш се уапсени напаѓачите, тогаш, некој божем заталкан истрел од огнено оружје на професионален разузнавач може да ја погоди најтрагичната мета и да предизвика многу потешки последици воодносите меѓу двете земјикои најмногу ќе ѝ наштетат на Македонија. Патриотски екскурзии можат да го запалат бурето барут Воопшто не е време на овој четврти февруари за вакви политички, партиски и балканско патриотски екскурзии и „свечени“ пречеци, кои колку и да е големо обезбедувањето можат да го запалат краткиот фитил на бурето барут. Исто така, сега не е времето да се потсетуваме на немили настани од пред повеќе години, но треба да се каже како лошо искуство дека не така одамна кога Македонците од Бугарија и од Македонија одеа на Пирин да му оддадат почит на Јане Сандански повеќепати беа претепувани не само од „самоорганизирани“ параполициски служби, туку и директно од бугарската полиција. После секој таков настан она малку што беше постигнувано со повеќе годишни напори на културен, научен и деловен план брзо беше уништувано на голема радост на оние кои никогаш не сакаат да има добри односи меѓу Бугарија и Македонија. Имајќи ги предвид овие болни искуства и сѐ она што ѝ се случува на Македонија со бугарските блокади и вета, ако веќе не може да се одбегне со фанфари најавуваната посета на светилиштето каде е саркофагот на Гоце Делчев – црквата Св. Спас во центарот на Скопје, тогаш најдобрата работа што може да се направи е да се покаже граѓанска воздржаност, игнорирање на евентуалните провокации и целосно запазување на редот и мирот со почитување на сите правила при посетата на ова македонско светилиште. Црквата Св. Спас, како и сите светилишта и мавзолеи во светот, има свое работно време, ред и строги правила на однесување на посетителите. Малото дворче каде што се наоѓа саркофагот наГоце Делчев не може да прими повеќе од 15-20 луѓе во исто време. На 4 февруари нема да дојдат само „гости“ од Бугарија, туку и од Македонија кои сакаат да му оддадат почит на Гоце Делчев. Во зависност од бројноста на официјалните делегации кои не чекаат на ред, туку влегуваат со посебен протокол, можно е да се создадат долги редици на граѓани и „блиски“ запаливи средби. Ова ли е културен натпревар меѓу народите? Би било полезно на бугарските граѓани при влезот во Македонија тие денови да им се даде една брошура, или флаер за значењето на оваа црква, но и за работното време на црквата која е под заштита на државата, за правилата на однесување при посетата со напомена дека секое отстапување и нарушување на редот и мирот ќе бидат строго санкционирани. Така е секаде во светот. Ја имав таа можност да посетам повеќе мавзолеи, светилишта, музеи, цркви и џамии каде се наоѓаат моштите на значајни историски личности. За сите нив заедничка карактеристика е тишината и атмосферата на пиетет кон личноста и неговото почивалиште. Така, во сабота, на 4-ти февруари, треба да биде и во дворчето на црквата Св. Спас, но и пред неа, во редиците граѓани од Македонија и од Бугарија кои ќе дојдат да му оддадат почит на Гоце Делчев, чија големина и значење ги надминува границите и на Македонија и на Бугарија. Секој скандал на овој ден, или немил настан би бил голем срам, дијаметрално спротивен на една општо позната мисла која му се припишува на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. За голема жал на цивилизираните луѓе и на голема радост на милитантните националисти и шовинисти, менливи и минорни политичари чии имиња се забораваат веднаш по мандатот, аманетот на Гоце Делчев во двете соседни држави, Македонија и Бугарија, кои го сметаат великанот за свој, натпреварот не се одвива на културно поле, туку на полето на омразата и блокадите. Сѐ уште, и по 151 година од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт, денес, и во третата декада на 21 век, секој обид за добри и пријателски односи меѓу Бугарите и Македонците завршува со победа на силите што влечат назад. Од една страна, посилната, сѐ уште тегне накај 1878 година и го сонува неостварениот сон од Сан Стефано, денешен Јешиљќој, безмалку среде Истанбул. Само таа промена на историјата и на географијата и 145-годишната реалност на непостоечки договор, без да се навлегува во други историски факти, јасно ја кажува големината на будалштината која може да се негува со векови во лулката на национализмот која прави пустош во главите на луѓето. Од другата страна, пак, послабата, со истата силина на националистички вознес квази патриотските сили успешно со децении ја одржуваат улогата на „ем шуто ем боде“, секогаш на штета на шутото. Ерол Ризаов Извор: дв...
Новиот светски поредок: нелојална коалиција
Слободен Печат - пред 2 дена
Како што најавивме, во оваа дебата ќе се осврнеме на таборот на предизвикувачите во геостратегиската трка за тронот во новиот светски поредок. Тоа се Русија, Кина и Иран како највлијателни предизвикувачи на либералната доминација предводена од САД и колективните проекти НАТО и ЕУ како дел од проектот за колективна безбедност со унилатерална доминација. Во таа насока, како што во минатиот број се посветивме на слабостите што постојат во либералниот свет особено околу единството, би рекле дека од спротивната перспектива, онаа либералната, речиси и да не може да се зборува за единство кај авторитарните предизвикувачи. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Критиките што се обидуваат да го разберат овој виртуелен сојуз најмногу се фокусираат врз разликите во културата. Дел одат и понатаму подвлекувајќи дека станува збор за различни идеологии кои, иако се авторитарни, имаат сосема поинаков пристап кон вредносните системи, имаат различна религиска гравитација, различни цели, но и различни непријатели. Конечно, Кина и Русија пред сè, ова е помалку важно за Иран, иако на свој начин ги искористија придобивките од либералниот пазар и светот на правила и принципи доминиран од либералните лидери, имаат различна архитектура, која е дизајнирана за лични интереси, без разлика на наративот за „вин-вин“ или за заедничко добро за сите. Од друга страна, една од најголемите критики на оваа нова оска, како што некои лути критичари ја гледаат, се фејк продуктите што ги нудат покриени под превезот на манипулативната пропаганда, која ја пласираат. Со оглед на тоа што рековме дека анализата, за да биде соодветна, ќе ја направиме во контекст на војната во Украина, сите овие параметри (иако има и други) ќе ги анализираме во тој контекст. За „мудрувањето“ кое очекувано ќе следува од оние што нема да се согласат со овие ставови (и што, за волја на вистината, е добро за јавната реч и дебата) ова можеби и е најбитната реченица што треба да ја земат предвид пред да беседат со „општи бројки во дебата што бара прецизност до трета, ако не и до четврта децимала“. Да тргнеме по ред. Во клучната битка што се води за Украина, оската засега е во слободен пад. Првичните планови за брза победа, за инсталација на режим по мерка на Русија и за пркос на Западот со сила, пропаднаа. Следуваше редефинирање на целите со други офанзиви и со фокус на нова крајна цел. Митот за руската моќ, според критичарите, издиша како балон. На виделина излегоа сите слабости од катастрофалното командување, проблеми со комуникациите, логистиката, чудната доктрина и тактика на терен, па сè до сериозни проблеми со борбените системи што требаше да бидат закана за западната воена моќ. Европа покажа дека може да биде солидарна и дека преку различноста и различните ставови да стане посилна. Критиките подвлекуваат и дека Украина е новата гробница за Русија, по која како што се распадна СССР после Авганистан, Руската Федерација ќе биде минато. „Денацификацијата“ на Украина засега не оди по планот, а Западот покажа дека е способен бргу да најде алтернатива за наводната неизбежна зависност од руските енергенси. Истото се случува и со кинеската технолошка доминација. Економските санкции (иако не до крај) во комбинација со останатите инструменти на моќ етапно ја изолираат оската и втурнуваат кон неизбежна коалиција, ама од затворен вид. Тоа значи дека тие сега треба да се свртат едни кон други, што иако во прв момент може да биде решение на средни и долгорочни планови според анализите на критичарите може да е кобно, најмногу поради еднообразноста и различните интерпретации и пристапи кон ист проблем. Последното оди на конто на разликите што ги посочивме. Сите тројца јавачи на оската предизвикувачи имаат различни вредносни системи. Од псевдоиндивидуализам во Русија (каде што олигарсите се сметаат за надмена класа и со презир гледаат кон пониските од нив, па дури и кон оние кои ги гледаат за сојузници или тврдат дека им се тоа) до колективизмот во Кина кој е различен од догматизмот во Иран. Во сите три режими лојалноста кон системот е императив и тука можеби е и клучот на ранливоста на оската. Во Русија таа е присутна додека е присутен Путин. После него прашање е што ќе следува (што, за волја на вистината, е прашање и за светскиот мир, но за тоа во друга пригода). Во Кина овој детерминизам е лажен. Кси, кој и самиот е дете на родители што страдале од партијата и биле прогонети поради неговиот татко, израснал во лидер што сее страв затоа што му се може додека му се може. Ако во Втората светска војна неспоредливо мал број Руси станале соработници со нацистите, кај Кина приказната е поинаква. Речиси повеќе од еден милион Кинези биле колаборационисти со Јапонија. Поентата е дека Кина има традиција каде што масите поради незадоволството од пресијата на владејачката класа се склони кон соединување со силите што надвладуваат. Во практика, не одете подалеку, сетете се на парадата на Пелоси минатата година кога целата таа моќ што Кина требаше да ја испорача се стопи за миг. Кина мораше да го собере стомакот да го запре здивот и да чека Пелоси да се слика, да покаже кој е газда во регионот, па да почне со воените вежби. Според критичарите, само два носачи на авиони на САД, кои беа во близина, беа доволни да ја одвратат Кина од каков било потег. Анализите за теренот околу Тајван, како и за тоа дека досега кинеската воена моќ не била тестирана никаде во практика, се дополнителен аргумент што оди против контото на предизвикувачите. Дополнително, Украина според овие ставови, ѝ направи поголем проблем на Кина одошто услуга. Сега фокусот за одбрана на Тајван, јакнењето на коалицијата во регионот против Кина предводена од САД и секако милитаризација на Јапонија – историски „були“ на Кина, речиси немаше да се случат ако не беше Украина. Според други пак, Украина ги попречи плановите за пиететно освојување на Тајван со револуција однатре, бидејќи го подигна алармот кај сојузниците за опасноста од Кина, но и го засили моралот на Тајван за истрајност против потенцијалниот агресор. Иран сам по себе има сериозен проблем поради различните етникуми, но и поради внатрешната револуција која почнува да ги кине „шевовите на тиранијата“. Дури и детерминизмот е различен. Иран, кој требаше да биде регионален хегемон, е полн со слабости, кои во посериозна смисла го тресат уште од 2010 година. По нападот „стакснет“ врз нуклеарната програма и враќањето на истата декади назад, Иран го тресат само скандали. Внатрешната револуција за правата на жените, која странично го обедини светот и го засили либералниот аргумент против режимот, е критична ранливост за режимот во Иран. Конечно, улогата на регионалните ривали или бунтовници против нивната регионална хегемонија на секој од овие режими е сериозен параметар, кој треба да се земе предвид во играта во која се впуштија. Сите овие мали предизвикувачи на регионалните авторитарни хегемони имаат кредит во либералниот свет предводен од САД, кој досега ревносно покажа дека, кога е во прашање егзистенционалната битка со предизвикувачите, либералните вредности може да се погазат. Понижувањата на Иран од страна на Израел од Осирак во 1981 година, преку Стукснет нападите кулминираа со последната прошетка на израелските натрапници покрај „моќната“, ама заспана противвоздушна одбрана на Иран за време на викендот, парчосувајќи ги воено-индустриските капацитети на Иран. Ставено во контекст на Украина тоа е удар и за Русија поради набавките, било тоа да е синхронизирано или не со Америка. Од друга страна, јакнењето на Азербејџан, кој од 2016 година е најголем консумент на опрема од Израел и кој маестрално го искористи моментот да си го земе тоа што смета дека е негово од Ерменија, е уште еден доказ дека Русија, не само во лицето на Украина туку и кај другите регионални играчи на Кавказот, го нема главниот збор. Низата скандали од Јужна Америка преку Фиџи и дел од африканските земји кои ја стресоа навидум пиететната економска дипломатија на „Патот на свилата“ на конто на забрзаната диверзификација на зависноста на пазарот и на производството од Кина, со новиот договор кој предвидува нова архитектура во синџирот на снабдување во современите технологии, независно дали се поврзани или не, се уште еден длабок удар (или народски речено, удар зад ридот). Поинаку кажано, според критиките, либералниот свет покажува како мудро се пресекуваат изворите што се критични потхранувачи на режимите со цел да се задуши изворот што ги воздигна. Последното е со цел „кога ќе пукне тапанот“ да се знае кој е кој. За улогата на Турција, пак, за која Иран е извор на зло и која и покрај критиките за нејзината авторитарност, ќе добие нова пратка на Ф16 авиони, не станува ни збор. Тоа, пак, само по себе ја наметнува улогата на оние неутралните актери во оваа цела компетиција. Тоа се земјите од Голфскиот Залив, јужноамериканските и африканските гиганти, кои може да имаат одлучувачка улога во трката по тронот во новиот светски поредок. Токму ним ќе им се посветиме во следната дебата. (Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)...
Бесмисленоста на бугарските блокади и опструкции
Курир - пред 3 дена
Ова што се случува изминатите две три години, ја доживува сопствената кулминација. Дури и во самата Бугарија, пратеникот и поранешен министер Даниел Лорер на едно телевизиско интервју говореше за апсурдноста на ова кое се случува. „Господинот кој што беше нападнат во Македонија не е бугарски граѓанин. Бугарија треба да ги заштити своите граѓани. Тој е македонски граѓанин кој што се опишува како човек со бугарска самосвест. Меѓутоа, еден од тие кои го нападнаа е бугарски граѓанин. Зошто не зборуваме за него? Затоа што тој има бугарско државјанство“, изјави бугарскиот пратеник. Секако, одма се удри по него од дел од бугарската јавност, велејќи се дека тој не е лојален на бугарштината затоа што бил евреин. Но, парадоксот останува. Тепачот, а не жртвата бил Бугарин. Со пасош, со документи, со се. Овој вториот според податоците кои излегоа, испаѓа дека е Бугарин по професија. Официјална Софија повторно наседна. Хистеријата која се манифестира е потврда за она што јас и многумина подолго го зборуваме: Бугарија е во ситуација во која тоне нивниот концепт на граѓанска држава, сличен на оној на Грција, каде што не прифаќа и не признава јазик и етничка припадност, поразлична од онаа, државната. Ваквиот ретрограден однос, за жал, Европската унија само формално го санкционира. Таа преку своите институции ги регистрира недоследностите, ги опоменува, и останува на тоа, на статус кво. Токму ваквото попустливо однесување и кон Бугарија, и кон Грција, кои се полноправни членки на ЕУ, прави овие држави да останат ригидни, тврди и затупени во ултра национализмот, и да без оглед на забавениот ЕУ интегративен процес на Македонија, но и Албанија, да сфатат дека сепак овие земји се членки во НАТО и секоја своевидна агресија, макар и преку накаква специјална војна е сепак загрозување на нивниот интегритет. Имено, Бугарија сериозно притиска да се бугаризира македонското население во Албанија, а Грција покрај маките со нас, си има мака со прифаќање и на Албанците во Грција. Од денешна гледна точка, цената која ја плативме за нашата НАТО интеграција е преголема. Си го дадовме уставното име, искривоколчиме идентитетот, сатанизиравме институциите, едноставно заглибивме длабоко во една своевидна кал, во која ќе се заглавени долго. Но самото НАТО членство, мислам дека е од помош што досега сите надворешни, но и внатрешно роварења се „тампонирани“, а верувам дека наскоро и ќе бидат во корен сосечени. Балканската историја, и сите оние преврати и територијални претензии, размена на население и се што е состојба во изминатите 150 години мора да се гледаат низ контекстите во кои истите се случувале, а не само врз некаква документација и квази фактографија. Македонецот се борел и ќе се бори за својата слобода, за своите правдини, за својата држава, макар била мала и не во границите во кои ја гледал. Негирањето на името, јазикот, идентитетот и самоопределбата може да ја прават само фашисти и ксенофобни држави и народи. Самото Европска унија, но и севкупната меѓународна заедница тоа не смее да го дозволи. Македонското прашање мора да се крене повторно и на ниво на Обединетите нации. Таа организација постои токму за да ги заштити помалите од поголемите. Македонија мора да поведе силна офанзива штитејќи ги сопствените национални интереси, и за тоа ќе мора да има општа поддршка и консензус и во македонското Собрание. Тие кои на ова нема да се согласат, ризикуваат за секогаш да бидат на ѕидот на срамот како национални предавници. Зад ваков консензус не смее да има етничка, партиска или верска поделба. Изминатите неколку години се покажа што значи да се има килави лидери во власта и пратеници без интегритет кои гласајќи слепо, не’ не одведоа напред, туку не заглавија во неизвесност. Да, придобивки безбедносни од членството во НАТО, претпоставувам дека има. Но, начинот на кој сето тоа се изведе, отстапките кои се направија, денес не доведоа во потчинета ситуација од која ќе се потребни години за да се извлечеме. Не смееме да си дозволиме никогаш повеќе да не водат ликови наречени според плашливи животни (зајаци и мисирки), оние за кои народот е стока, а на странските лидери им се обраќаат со „љубави“, и оние кои велат дека биле репресирани, а цел живот се под државна капа и од државата добиле се, па дури и фенирање. На Македонија и е потребно прво етничко, а потоа и национално обединување. Обединување зад идеја, зад кауза, зад државното знаме. Да, токму она знаме на кое сите му наоѓаат мана, знаме кое е креирано од еден од нај неомилените ликови на јавноста, токму под тоа знаме, треба да се сплоти севкупниот народ, и да им наметне на политичките партии визија и црвени линии во кои мора да се движат ако сакаат поддршка. Тоа е единствениот начин да Македонија стане функционална држава, но и нешто од загубеното било кога врати. Нам не ни треба ЕУ за живееме подобро. Ни требаат ЕУ стандарди, но и дел општествени норми за да го кренеме нивото на живеење и сеопштата култура. Не ни треба квази национализам, туку функционален патриотизам. А ова со Бугарија ќе пројде. Историјата е сурова, и секогаш се повторува, а Бугарите се традиционални лузери и секогаш се на погрешната страна. Ќе го издржиме и ова, а од истото ќе излеземе само посилни. Бродот кој тоне е кај нив, две години се без Влада. Го сакаат Гоце, е прават се спротивно од максимата на Гоце за: „Светот како поле за културен натпревар меѓу народите!“. Гоце е Македонија, затоа и „си дојде“ дома, на слободна македонска земја во 1946 година, како што и самиот сакал. Александар Ристевски...
Аман Али, не нè брани! – Пишува Роберт Димитриевски
Express - пред 3 дена
„Јас сум бил, сум и секогаш ќе бидам ангажиран во одбрана на каузата на нашите сограѓани Македонци, нивниот идентитет, јазик и култура“. Да го кажеше ова некој друг, а не Али Ахмети, можеби Македонците ќе му поверуваа. Ама Али?! Неверојатно! „Да чују, да не верују“, би рекле кумановци. Освен што своевремено преку ноќ го промовираа во борец за човекови права (на Албанците), лидерот на ДУИ да ти бил загрижен и за македонската кауза, бе?! Ни повеќе, ни помалку. Фино. Останува уште самиот да појасни кога ја бранел? Во 2001 година, кога терористичката ОНА што ја командуваше тој уби 75 припадници на македонските безбедносни сили и рани неколку пати по толку? Воен конфликт во кој настрадаа и цивили Македонци, од кои 12 се киднапирани/исчезнати, а околу 600 и ден-денес се водат како внатрешно раселени лица. Да не зборуваме за ѕверството на неговите соборци кај Вејце, за тепањето и испишувањето со остар предмет врз грбовите на работниците на „Маврово“, за држењето на Куманово среде лето без вода. И тогаш ли Али ја бранеше каузата на Македонците? Или можеби кога низ западниот дел од Македонија почнаа да никнуваат како печурки по дожд споменици на балистички соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, одговорни за злоставувањето и ликвидирањето на цивилното македонско население, но и на македонските партизани. Каузата на Македонците ли ја бранеше Ахмети при промената на името на државата, за која гласаа и тој лично, и целата негова партија, иако дури и значителен број од неговите сонародници не беа ентузијасти за такво нешто, за што зборува одзивот од само 36,9 проценти на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година? Во интерес на Македонците ли е новата територијална реорганизација на земјата по претходниот референдум од 2004 година, со која Струга и Кичево од доминантно македонски станаа општини со мнозинство Албанци, Скопје двојазично, а ДУИ на Ахмети и тогаш беше во власта? Идентитетот ли на своите сограѓани Македонци отсекогаш го бранел Али кога ги пишуваа коминикеата на ОНА, во кои ги именуваа како „Славомакедонци“ што окупирале албански територии? Или го одбрани со Преспанскиот договор, кој ги дефинира како нешто поинакво од нивните сонародници во Егејска Македонија? Богами, и македонскиот јазик го „одбрани“ почесниов доктор на науки, откако со помош на неговиот пулен Артан Груби, со европско знаменце и наспроти укажувањата од цела армија експерти протуркаа двојазичност на целата територија на државата, дури и во средини во кои нема и никогаш не живеел ниту еден Албанец. Плус, го „одбрани“ Али јазикот на Македонците и со ратификацијата на договорот од Нивици, според кој таков се зборува само во границите на државава, небаре нивните сонародници надвор од неа зборуваат урду или свахили. Ја бранел Ахмети и културата на „милите“ му комшии Македонци?! Веројатно мисли на тоа кога министер од ДУИ ќе додели средства за некое дете да испее „хвалоспев“ за УЧК или ќе дозволи фудбалски хулигани да дивеат во Македонскиот народен театар, а ќе „заборави“ да поддржи манифестација што ја негува македонската култура… Конечно, вечниот лидер на партијата произлезена од организацијата составена од „убијци и криминалци“, според тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, си мисли дека ја брани македонската кауза со одењето на „бакни рака“ кај Рама и со исполнувањето моноетнички тирански платформи. Или кога втеруваат некадарници од ДУИ во јавната администрација врз основа на лажни, напумпани бројки од фаличен попис. Море, не ќе да е до толку неопитен. Уште помалку наивен. Како што не се наивни ни тие на кои им нуди божем светла иднина со зборовите: „Овој фронт е помош што го забрзува нашиот пат кон ЕУ, кој мобилизира кон уставни измени. Овој фронт мора да работи и за нашите македонски сограѓани“. Видоа Македонците како Ахмети ги „штити“ нивниот идентитет, јазик, култура и кауза сите овие 22 години откога не се симнува од македонската (политичка) сцена, па оттаму и нивната порака до него не може да биде друга освен: „Аман Али, не нè брани!“....
Егејското бегалско наследство и отвореноста за светот
Либертас - пред 3 дена
Егејското бегалското наследство не е само копнежот по напуштеното „дома“, туку и отвореноста за светот. Таа потекнуваше од силниот стремеж на егејските бегалци еден ден да се обединат со роднините кои војната ги беше однела на сите страни на светот. Затоа светот за детето во некогашното егејско гето во Југославија не беше само застрашувачки голем, поради далечината која го делеше од роднините. Тој му се причинуваше и како многу мал, затоа што најдалечните места беа дел од неговото секојдневие, од животните приказни на роднините. Така е веројатно кај сите бегалци во светот. Тие се секогаш подготвени да заминат на друго место. Оти кога еднаш ќе се напушти татковината, во која останале само гробовите на предците, потрагата по тоа „дома“, во кое тагата ќе замре, никогаш не завршува. На егејското бегалско наследство му припаѓа и отвореноста за светот, затоа што луѓето родени во егејските фамилии имаа многу рано допир со странските јазици. Во егејскиот круг на животот често имаше луѓе кои зборуваа грчки, полски, романски или руски. Тоа кај некои од родените во егејските фамилии во Југославија трајно ја всади љубопитноста за големиот свет, но и отвореноста за други култури. Зашто зад секој туѓ збор, изговорен од блискиот роднина, кој неколку години поминал во егзил во друга земја, детето во егејското гето си замислуваше чудесни светови. И си посакуваше еден ден да ги запознае тие непознати земји за кои раскажуваа роднините, кога се вратија кај своите во Скопје. Постојано размислувам за тоа кога денес во моето секојдневие разговарам со украински бегалци. Сепак, светот за нив денес ја нема таа таинственост, како во педесеттите за мене, кога писмата од Австралија до Скопје патуваа еден месец. Затоа што денес модерната комуникација им дозволува на сегашните бегалцисекој ден преку ZOOM или Face Тime да ги „гледаат“ своите ближни, заминати во егзил во различни земји. Светот, пак, за моите роднини значеше бескрајна далечина. Светот значеше болка и тага, бесконечно чекање повторно да ги видат најблиските. Магијата на непознатото Кога се одлучив да пишувам за оваа тема, одеднаш, среде зима, за миг се најдов во претоплата скопска ноќ во доцните педесетти во Скопје. Го видов блесокот на ѕвезденото небо врз егејското гето близу Автокоманда. Тоа беа горештите летни ноќи, во кои никој не можеше да спие во прегреаните одајчиња бегалски. Затоа и децата смееја да останат будни. И понекогаш, надвор, под ѕвезденото небо, да ги гледаат руските цртани бајки! Нашите први комшии, штотуку доселената егејска фамилија од Ташкент во Скопје, со себе беа донеле кинопроектор. Во таквите скопски тропски ноќи, кога сите соседи бдееја, чекајќи да залади за да си легнат, доселеникот од Ташкент ненадејно го поставуваше кинопроекторот среде двор. Тогаш децата и возрасните набрзина изнесуваа столчиња. Ги редеа во неколку редови, седнуваа, и за миг дворот стануваше летно кино. Затоа што спикерот ја раскажуваше приказната на руски, жената на соседот стоеше крај публиката и преведуваше на македонски. Тоа беше само еден од начините за егејските деца да ја доживеат магијата на странските јазици, магијата на туѓото и непознатото. Впрочем, во моето егејско секојдневие често можеше да се чуе романски или полски. Многу од нашите егејски роднини и пријатели војната ги беше однела најнапред во Советскиот Сојуз, во Полска и во Романија. Кога по некоја година, со помош на Црвениот крст, роднините од Источна Европа почнаа да се прибираат на „купче“, што на костурскиот дијалект на моите баби значење „заедно“, во Скопје, тие ги донесоа со себе и тамошните јазици. Така тие јазици станаа дел од нашето егејско бегалско наследство. Помладите двајца браќа и сестрата на мајка ми, кои од 1948-та до 1955 беа во детски дом во Романија, кога дојдоа во Скопје често се криеја во одајчето на баба ми. И си шепотеа нешто скришно меѓу себе. Скришно ми звучеше мене, на петгодишното девојче, непознатиот јазик на кој мрмореа. Дека освен нашиот мајчин јазик постојат и други јазици научив многу рано од обичајот на татко ми и мајка ми, секогаш кога сакаа да си кажат нешто скришно од децата, да зборуваат на грчки. Меѓутоа романскиот јазик на вујко ми и тетка ми за мене немаше име. Затоа беше смешен, како што беше смешно кога ние децата глумевме дека зборуваме англиски. Како куфери… Кон крајот на педесеттите многу наши егејски роднини тргнаа на долгиот пат преку океанот, во Америка и во Австралија. За да се соберат „на купче“ со таткото и сопругот, кој уште од Грција заминал на печалба. Тие планови се правеа со години. Тажни беа тие планови, зашто во светот се заминуваше со брод, на долго патување преку океанот. Уште потажно беше што сите знаевме дека тие роднини нема никогаш повеќе да ги видиме. Никогаш повторно не го видов вујко ми што замина 1956-тата во Австралија. Притоа, немаше ниту една од роднинските фамилии што успеа да се собере „на купче“ во новото „дома“, преку океанот или во Скопје. Впрочем најскапоценото „дома“ беше тоа напуштеното во Граѓанската војна, во Егејска Македонија. Тоа кое беше изгубено засекогаш. Таму беа останати понекогаш родителите на тие кои како деца беа однесени во детските домови во Источна Европа. Од татковата фамилија „зад границата“ беа останале фамилиите на најстариот брат и на двете сестри. Од мајкината фамилија „дома“, во Егејска Македонија остана само сестрата на дедо ми и нејзиниот син. Тој во Граѓанската војна беше регрутиран во грчката армија. Со нив се видовме дури кон крајот на шеесеттите, кога нѐ посетија во Скопје. Затоа што животот ги „тркалаше“ моите егејски роднини како куфери од држава во држава, сите постојано стравуваа од тоа да не им се случи повторно некој од тие што се „на купче“ во Македонија, да се „распади“ во светот. И, сепак, денес од сите страни на светот ми се јавуваат луѓе со егејско потекло. Луѓе како мене, родени во Југославија или во земјите од Источна Европа, пораснати во македонските егејски гета. Ќерката на најдобрата пријателка на мајка ми од младоста во Бапчор, живее одамна во Шпанија, како што јас живеам веќе неколку децении во Германија. Нашите мајки, додека беа живи, во Скопје се среќаваа за да си ја раскажуваат тагата по своите ќерки, заминати во светот. Така, како што моите егејски баби си ги раскажуваа една на друга писмата од синовите заминати во Австралија и Америка. Нашето егејското наследство е и способноста совршено да се интегрираме во новата средина. Да го прифатиме туѓиот јазик со сето срце, за да стане нашиот втор мајчин јазик. Затоа што ние, егејските деца, никогаш не го заборавивме восхитот за туѓите јазици, додека во егејското гето во Скопје ги слушавме нашите тетки и вујковци како си шепотат скришно важни нешта на еден по малку смешен јазик. Kица Колбе извор: ДВ...
Пет прашања до Владата по повод годишнината
Нетпрес - пред 3 дена
Колумна на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија Започнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд. Во образложението на решението со кое се отфрла нашата иницијатива, а кое, впрочем, го добивме година дена по поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд елаборираше дека една од причините е тоа дека здравјето на луѓето е определувачко за да не се прифати иницијативата. На тоа, впрочем, не се повикува ниту законското решение, плус еден куп исклучоци кои покажуваат дека здравјето на тие луѓе не е важно. Зарем ова не и пречи на Владата во градењето правна држава да мора да биде одбранета и со вака нелогични квалификации?! Согласни сме околу барањето да ги зголемиме квотите за увоз на работна сила. Но имаме едно просто прашање: што е со нашите вундеркиндзи кои ги испративме на државна сметка на најпрестижните универзитети, а кои никако да се вратат и да и помогнат на државата. Каде се тие сега и за што се потрошени 150 милиони денари годишно, т. е. 1,5 милијарди денари за 10 години? Па нели заеднички на сите ни е обврската да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста ако сакаме економски развој!? Некој ќе рече дека увозот на работна сила подразбира дреари, тесари, заварувачи, но не е лошо да се провери бројката на издадени дозволи за странски менаџери, а потоа да се објави како стојат работите на овој план. Постои ли во оваа држава поим ОДГОВОРНОСТ за доцнењето на инфраструктурните проекти? Сигурен сум дека во овие изминати 50-ина година потрошените пари за одржување на планинските превои ќе исфинансираа тунели низ целата држава, а да не зборувам за тешкотиите што ги имаат камионџиите кои превезуваат стока за бизнисот и за жртвите и опасностите кои демнеат на секој чекор. Нели се договоривме за даночен календар заради предвидливост на билансите на компаниите?! Ако се договоривме, тогаш треба да го почитуваме тоа. Ние не сме сами за себе, тука имаме и 200 странски компании и многу други странски капитални инвестиции за кои ова е нормална работа. Бидејќи од минатата година почнавме да славиме годишнини, немојте оваа година да прославуваме 12 години од иницијативата за промена на член 218 од Законот за извршување или 10 години од иницијативата за воведување холдинг-друштва или 7 години од иницијативата за зголемување на контролниот праг за преземање акционерски друштва или 5 години од барањето за промена на методологијата за пресметка на придонесите за пензиско-инвалидско осигурување. Донесете ги прво овие закони, па потоа, непочитувајќи го даночниот календар, предлагајте нови закони. П.С. Имавме и имаме успешни заеднички проекти: зголемување на конкурентноста со ревидирање на царинските стоки; зголемување на финансиската поддршка за компаниите кои инвестираат и кои воведуваат иновации; допрецизирање на листата за непризнавање трошоци за даночни цели на данокот на добивка; овозможување доброволно регистрирање ДДВ во кој било период од годината, како и навремено враќање на ДДВ. Овде може да се споменат и соработката во решавањето на проблемите произлезени од енергетската криза, регионалните иницијативи, како и беспоговорната комуникација на сите нивоа, што значи дека Владата секогаш беше отворена за соработка. Не дека ние не знаеме оти Владата е одговорна за целокупниот живот во државата, но во тоа милје бизнисот мора да има посебно место поради бројките, приходите и поради кохезивноста во своето работење. Владата е наш партнер и овие прашања ги поставуваме најдобронамерно, без никакви калкулации, зашто само во услови на консензус може да се најде излез од кризите и да се постигнат позитивни економски резултати. Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење....
Каде се кријат руските шпиони во Македонија?
Либертас - пред 3 дена
Контурите на меѓународната политика по завршувањето на војната во Украина веќе се назираат. Западот, кому му припаѓаме и ние, ќе се врати на старата политика на containment (ограничување) на руското влијание во рамките на руската држава. Како таа ќе изгледа територијално, допрва ќе дознаеме. Се разбора, под претпоставка да не дојде до реализирање на нуклеарната закана која, како бумеранг, му се врати на Путин. Имено, сојузничкиот одговор на руската закана беше дека, без разлика на цената, Западот ќе ја поддржи Украина со оружје со кое би се поразила војската на агресорот. Откриен е и планот на сојузниците дека во случај на употреба на тактичко нукллеарно оружје во Украина, Америка ќе интервенира со конвенционално оружје, уништувајќи ги воените сили на руската армија на територијата на Украина. Кажано е и дека НАТО сојузот нема да посегне по нуклеарно оружје, па одлуката останува на Путин. Такви,страшни , се дилемите на меѓународната политика: мора да се ризикува нуклеарна војна за да се избегне таквата војна. Во таа застрашувачка сфера на човековото живеење, слабоста секогаш била покана за агресија. Линиите на одбрана и напад во оваа војна, веќе се исцртани. Одговорот на Америка на руската уцена со употреба на нуклеарно оружје е дека тоа е глупост, зашто би значела крај на човештвото, ама дека е спремна и на таква војна. Каде е нашата држава во оваа приказна? Не треба да бркаме шпиони по улици за да докажеме дека постои руско влијание во Македонија. Да се сведе тоа влијание на протерани дипломати од земјата, значи да не се рабере ситуацијата во која е државата. Новата геополитика е основниот извор на руското влијание секаде во светот, па и во Македонија. Ние, членките на НАТО, сме, безмалку во војна со Русија.Се врати и логиката на Студената војна кога она што беше добро за едниот блок беше лошо за другиот. Ако за двата сојузи, НАТО и ЕУ, е добро пријателство меѓу Македонија и Бугарија и брзо членство на Македонија во ЕУ, за Русија тоа е лошо. Да се слабее сојузот на демократските држави е од егзистенцијална важност на автократскиот режим во Москва. Да се слабее автократскиот режим во Москва е од егзистенцијално значење за демократските држави.What they do, you undo (Она што тие ќе го направат, растурете го), е пораката до дипломатите. Како? Како што ќе овозможат условите. Во бројните меѓународни организации ќе гласате против нив. Дома, ако дел од населението е проруски настроено, тоа треба да се негува на секој можен начин. Ако цената на популарноста е дистанцирање од Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, вреди да се плати. Ако треба, ќе се праќаат мешани сигнали од Москва за подршка и на Македонија и на Бугарија за историските теми, но никако и поддршка во нивното надминување. И не треба да бркаме руски шпиони по улици за да докажеме руско влијание во Македонија. Се се врти околу моќта и влијанието во меѓународната политика. Денко Малески...
Новак го победи Новак
Слободен Печат - пред 3 дена
Ха-ха, ви реков. Ние создадовме чудовиште, напиша Ник Кирјос на социјалната мрежа Твитер, обраќајќи им се на своите сонародници, откако Новак Ѓоковиќ победи на Отвореното првенство во тенис на Австралија. Колку и да претерал, единствениот на тој континент, кој лани, во јануари, застана во одбрана на својот колега, остана доследен, а не е далеку ни од вистината, со оглед на тоа низ што сè помина и што сè преброди Србинот, на и надвор од теренот. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber „Казнетиот“ се врати на местото на злосторот – арената „Род Лејвер“, поприштето на незаборавната епопеја против Рафаел Надал (пет часа и 53 минути) за да покаже дека и невакциниран е неуништлив. Иако освои грен-слем и лани, на Вимблдон, големото (воз)враќање во Мелбурн е позначајно, затоа што е негов Рубикон. Нужна психотерапија за да останат потиснати траумите од дисквалификацијата на САД опен 2021, ланските притвор и депортација од Австралија, забраната за настапи во САД во 2022, непресметувањето на АТП-поените од Вимблдон… Неколкукратен е триумфот. Не само поради маичките со 10-ки (колку што има титули во Австралија), поради „22-ката“ на победничката тренерка (израмнување на рекордот на Надал по бројот на грен-слем титули), Ѓоковиќ треба да облече дресови со уште многу бројки по кои е единствен во историјата на машкиот тенис. На пример, со 374 (ја почна неговата 374. недела на врвот на АТП-листата), или 93 (бројот на АТП-титули), односно 37 (АТП Мастерс 1.000 трофеи), па 9 (единствен со победи на сите девет „Мастерс 1.000“ турнири), 28 – рекордна низа без пораз во Мелбурн… Се израмни и со Роџер Федерер и според освоени АТП Мастерс-финалиња (6). Најдобар е и во директните дуели со Надал (30-29) и Федерер (27-23), има највисок процент на победи (83,5 отсто, односно 1.043 победи од 1.249 натпревари)… И покрај веројатно најголемиот во светот на тенисот физички, ментален, но и техничко-тактички капацитет што го поседува, и покрај восхитувачкиот однос кон сопственото тело и здравје и одржувањето на способноста да игра максимално и на таа возраст, овој пат најтешко на Ѓоковиќ му беше да се победи самиот себеси, кога веќе немаше достоен противник на теренот, бидејќи на седум натпревари загуби само еден сет. Требаше „25-годишниот“ Новак да ги совлада ограниченостите на 35-годишното тело, односно да ги држи под контрола повредите што доаѓаат со возраста и интензитетот на напорите. Сосредоточениот Новак на арената требаше да биде посилен од оптоварениот Новак поради случувањата надвор од теренот (по фотографијата на неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ со навивачи со руски ознаки). Самоуверениот Новак требаше да го надвладее колебливото „второ јас“ притиснато од недовербата во неговата повреда, од судиите што опоменуваат и гледачите што дофрлаат кога не треба, од сè што може да го исфрли од баланс. За да остане доминантен од основната тениска линија од каде суверено владее деценија и пол. Не случајно големиот Матс Виландер рече дека сите што се сомневаа во повредата на Новак, дополнително го „хранеа“ за да ги извлече натчовечките напори длабоко од себе и да возврати со ритерни во негов стил. Сега е уште посилен, и повторно е орен, како да е на почетокот! Џон Мекинро му прогнозира дека ќе додаде уште најмалку три грен-слем титули во портфолиото. Кирјос е уште поголем оптимист – 28! Во таа битка Ѓоковиќ тргнува од пол-позицијата, односно од врвот на АТП-листата. „Менаџментот на бесот“ и матрицата со која ги контролира дури и непредвидените сенешта, менталната самоисцрпувачка битка заврши со – емотивен колапс, како што самиот го нарече. Крешендото на емотивното празнење, по карањето на тренерот, пцостите кон непристојни навивачи, поплаките кон судиите, дојде на крајот, кога менталниот оклоп се растопи во солзи, кога тешкото менгеме во главата го спушти на топлото мајчино рамо. Уследи плач и липање кој, го увери спортскиот свет дека чудовиштето, суперчовекот, „машината“ Ѓоковиќ е сепак – само човек!...
Азески: Пет прашања до Владата по повод годишнината
Опсервер - пред 3 дена
Романот „Зашеметен“ од Лукас Берфус објавен од издавачот Или-Или...
А националниот договор за економијата?
Нова Македонија - пред 3 дена
Носењето нов економски договор што ќе биде прифатен од сите партии во земјата, поддржан ако е потребно и како резолуција во Собранието, треба да содржи неколку главни точки. Тие ќе се однесуваат на длабоки структурни промени во стопанството, реформски зафати во економијата, во законодавството поврзано со стопанството, односот на државата кон стопанските производствени субјекти, кон инвестициите, енергетиката, сивата економија и корупцијата, пазарот на трудот… Една внатрешна и една надворешна политичка тема го обележаа првиот месец од годинава, која, според сите досегашни прогнози, треба да биде година на многубројни предизвици што решително треба да бидат решени, а се исправени долго пред Македонија, посебно на економски план. Но ако денот се познава по утрото, тогаш е сосема извесно дека јануари воопшто не ни носи добри прогнози за оваа 2023 година. Гледано за Македонија, тоа никако не треба да значи дека ќе се помириме со уште една пропуштена година, во која решавањето на економските проблеми ќе биде (о)ставено во втор план. Затоа, со време предупредуваме и алармираме за економска мобилизација, паралелно со политичката. Можеби економската како приоритетна! Со месеци претходно, целото внимание и енергија на сите политички фактори се насочени кон тоа дали една мала и минорна партија ќе влезе во владината коалиција. На македонските граѓани им се „сервира“ привидно значајна дилема дали некоја партија ќе се согласела да прифати некое „министерство за бурек“ или министерство за здравство. И сето тоа во името на некаква нова „коалиција за Европа“! Надворешната тема, која секојдневно ја имаме на домашната политичка трпеза, е уште поневеројатна, а се однесува за „продолжување на добрососедските односи“ со земја во која тамошните државни водства се обидуваат нивната негаторска политика кон македонскиот народ и јазик да ни ја префрлат на наш македонски терен!? Навистина еден автодефокус, со што приоритетите како намерно да ги туркаме настрана, а прашањата со кои може да се забавува јавноста ги подигаме на ниво на поп-култура со „игри и леб“, за „Мирна Босна (читај: Македонија)?! Имено, во Македонија со години не се менува партиската парламентарна реторика, во која преовладуваа политичко-партиски, етнички и лични интереси. Трите децении од нашата независност беа потрошени во постојано менување на Уставот и во секакви договори каде што пред меѓународната јавност демонстриравме попустливост, еластичност, флексибилност и сѐ друго од нас што беше побарано за да отстапиме чекор и чекор и чекор поназад. И сето тоа на наша штета: со донесувањето на договорите од Охрид и од Преспа, а сега и во спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. И за сето тоа да нѐ убедуваат дека е за наше добро: дека со тоа превенираме војна, со попустливоста превенираме политички надворешни и внатрешни кризи, дека со попустливоста авансираме во европски интеграции, кои само што не дошле за нас. Па, ништо од тоа, и пак нонстоп сме под некакви „контролирани и хибридни напади“, постојано сме во политичко- институционални кризи и покрај нашата „фалена флексибилност и попустливост… Чекор по чекор, губиме сѐ!“ А за носењето на договорот за подобрување на националната економија, кој претставува највисок приоритет за македонските граѓани, никогаш не постоеше доволно интересирање кај сите досегашни влади во Македонија. Парламентарната расправа меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата за економските политики на Македонија кратко траеше за време на носењето на државниот буџет, но таа беше мотивирана главно од „локал-патриотизмот“, кога секој пратеник бараше да се одобрат средства за изградба на некој пат, водовод или детска градинка. Никој не ја гледаше големата слика за развој на домашната економија, која ќе донесе(ше) поголеми можности за поттикнување на приватните инвестиции, што ќе го спречеше масовниот одлив на граѓаните од Македонија. Носењето нов економски договор што ќе биде прифатен од сите партии во земјата, поддржан ако е потребно и како резолуција во Собранието, треба да содржи неколку главни точки. Тие ќе се однесуваат на длабоки структурни промени на стопанството, реформски зафати во економијата, во законодавството поврзано со стопанството, односот на државата кон стопанските производствени субјекти, кон инвестициите, енергетиката, сивата економија и корупцијата, пазарот на трудот… Токму за последново, во врска со пазарот на трудот, деновиве имаше интересна полемика. Некои аналитичари, како „шлаг на горчливата торта на стопанството“, згора на сѐ го издвоија проблемот со недостигот од работници. И повторно истиот одговор: За негово надминување е потребно да се постигне општ консензус меѓу Владата, бизнисмените и синдикалните организации… Веќе видено и чуено. И повторно, парцијален приод на решавање. А да се обидевме интегрално?! Подобрувањето на понудата на работна сила преку увоз на работници, веќе одамна се применува во поразвиените земји, а од пред неколку години во земјите од регионот, но тоа носи многу неизвесности за малите и посиромашни економии, како што е и Македонија. Тоа што недостига во овој момент се посериозните анализи со интегрален приод, за сите прашања во пакет и со мобилизација на севкупните општествени потенцијали, ама во функција на националната економија! За спроведувањето на структурните промени во македонската економија и за подигнување на продуктивноста, потребен е подолг временски период. Засега, овие прашања се само во сферата на научните дебати, а не треба да е така. Стопанските комори се вклучуваат, но институциите сѐ уште се политички оптоварени. Енергијата им се исцрпува непотребно со однадвор наметнати проблеми, при што се губи јасната визија за креирање на економските политики, во кој правец треба да се развива Македонија. Секое одложување на решавањето на овие прашања ќе значи неповратно изгубено време и ќе ја остави Македонија таму каде што и сега се наоѓа, на последните места во однос на постигнатиот стопански развој, растот на животниот стандард на граѓаните и економскиот одржлив просперитет воопшто....
Вистиномерите
Нова Македонија - пред 3 дена
Како да не е доволно што слободата на мислата и нејзиното јавно искажување (преку различни форми на изразување) одамна се ограничени и вкалапени во една генерална матрица од која не смее да се отстапи, туку тоталитарното општество воспоставува и „чувари“ и механизми на надзор над непослушните. Кога велам „тоталитарно општество“ на ум имам многу поширока категорија од македонскиот примерок. Но за да се справиме со Големиот брат, секој од нас мора да започне со справување со неговите помали браќа и сестри на локално/национално ниво. Затоа и за тема на оваа колумна го земам примерот на т.н. вистиномер. Мнозина ме убедуваа дека е подобро да ги игнорираме, да не им се придава значење, но јас мислам дека нивните „заслуги“ и улога во целата пропагандна машинерија мора да се разголува одново и одново. Онака како што тие мислат дека го фатиле Големиот брат за брада, па добиле привилегија да денунцираат, поткажуваат и етикетираат… – и ние имаме што да кажеме за нивната неславна мисија. Точно е дека тие го прават тоа со т.н. грантови (финансиски средства стасани однадвор, од западните и најчесто американските, британските или други европски центри). За разлика од нив, нашата борба за слобода не смее да биде искомпромитирана и поттикната од желба за профит. Дури, би рекла, ни желбата за одмазда (враќање мило за драго) или повредената суета немаат место во оваа „пресметка“ со „Нив“. Кога некој, како Најчевска и нејзините, ќе ме посочат мене, Венко или Трајче (главно поради наводно ширење дезинформации, руска или српска пропаганда), тоа е показна вежба, шиканирање на влијателни личности, кои треба да послужат за пример на помалку одважните. Ние сме само случајно згодни примероци за отстрел. Целта сте сите вие што неретко се препознавате во нашите мисли, зборови, акции. Одамна знам дека колумните, па и фејсбук-профилот, редовно ми ги преведуваат и следат. Да бев „препишувач“ (како што вели Најче) немаше да се арчат на мене, ама пусти страв… Иако долги години, активистката ме имаше блокирано на Фејсбук и ме олајуваше зад грб, сега ја симнала забраната. Ме следи во чекор. Замислете! Сум споделила статија од (српски) портал, па инсинуира што сум сакала да кажам меѓу редови и какви политички и идеолошки склоности негувам и сл. За таквите не е битен контекстот, не е битно ни можеби присутното иронизирање или цинизам – за неа сè што ќе види напишано е Вистина! Според нејзиното гледање на вистината. За мониторингот врз мене дознав случајно: имам поставено алерт кога името ми се спомнува, па Гугл ме информира и ми дава линк до статијата. Ете, не сум знаела дека нашите вистиномери ги преведуваат на три јазици записниците на своите „полицајци на мислата“: македонски, албански и англиски (за донаторите и за „меџународната“ да знаат каков олош има во она што не е Северна). Убедена сум дека повеќето читатели знаат на што мислам и се запознаени. Некогаш по социјалните мрежи ги нарекуваат проверувачи на факти, а во Македонија функционира мрежа „Вистиномер“, финансирана од најмалку две моќни американски фондации (озлогласената НЕД, онаа што стои зад секоја смена на режим, е едната од нив). Вистината е една од централните категории и концепти не само на филозофијата (далеку пред познатиот дијалог меѓу Протагора и Сократ) туку и на голем број други научни дисциплини. Па и оние што не се многу навлезени во таа дебата знаат барем толку дека тоа е сложен поим. Вистината никогаш не е еднозначна – и покрај она широко распространето мислење дека „вистината е само една и непроменлива“. На пример, Птоломеевиот систем бил апсолутна вистина додека не бил урнат; исто како што расната теорија беше (или уште е) вистина за некои општества. Оскар Вајлд ќе каже: „Вистината е ретко чиста и никогаш едноставна“. Ние што се занимаваме со транзициска правда, а во тој контекст и со кажување на вистината (truth telling) знаеме дека во една заедница, општество или поголема група може да коегзистираат повеќе вистини за еден настан. Со повеќеслојна дефиниција на вистината оперираше и јужноафриканската Комисија на вистината и помирувањето. Впрочем, кога и не би постоеле различни видувања на нештата, а би се наметнала една зацементирана и бранета Вистина (го големо В и не нужно заснована на факти), стварноста би била многу едноставна – и погрешна. Бидејќи веднаш се поставува прашањето: за чија вистина зборуваме? Кој е тој авторитет што одлучува која верзија на настаните ќе ја сметаме за веродостојна? Затоа остануваат неодговорени, или се предмет на континуирана дебата, прашањата како на пример кој е победникот во Втората светска војна, дали се САД демократија, дали УЧК во 2001 година беше ослободителна армија или сторител на воени злосторства (или и двете)? Дали да ја прифатиме вистината на Асанж или онаа не неговите џелати? Размислете и погледнете наоколу колку „вистини“ ќе откриете за Преспанскиот договор – или за историските комисии, за Гоце, за бугарската окупација, за ВМРО, за балистите итн. Нашава полиција на мислите е токму онаа од Орвеловата „1984“ – тоа им е работа, за неа се платени. Тие не се филозофи, тие се чувари на „вистината“ како што ја создале нивните господари и донатори на грантови. Тие се размилеле по социјалните мрежи, по порталите, телевизиите и сл. за да ги откриваат и казнуваат/клеветат неправоверните, вештер(к)ите, непријателите на Западот, НАТО и ЕУ. Нив не ги интересира ни контекст на кажаното/напишаното, ниту подлабоката суштина. Јок! Ним им треба плен, злосторник, „лажго“ што може да ги урне темелите на нивната кршлива (божем) Вистина. Им треба покажување со прст на луѓе што размислуваат со своја глава, а кои на тој начин ја доведуваат во прашање цврстината на Ѕидот на Вистината изграден во некој вашингтонски или бриселски центар на моќ. Бидејќи, како што велеше Орвел, во време на општа измама (која ни ја пласираат како единствена Вистина) кажувањето (инаквата) вистина е револуционерен чин. Токму затоа, иако се колнат дека нивната Вистина е онаа „вистинската“ и единствено можната и прифатливата, а сепак умираат од страв дека тоа што го проповедаат е полно со пукнатини и дека секој инаков аргумент може да ја стори парампарче. Сте се прашале ли зошто баш во земји како нашата се истураат милиони за (наводна) битка со дезинформации, т.н. фејк-њуз или ширење руска/кинеска/марсовска пропаганда, според која, Западот не е она што се претставува. Податоците од Стејт департментот од декември 2022 година покажуваат колку пари се вложени од САД во поддршка на земји „ранливи на влијание и агресија на Руската Федерација“ на кои „им недостигаат економски капацитети за ефикасно да возвратат“. Македонија се наоѓа на третото место на таа ранг-листа, а минатата година биле вложени 67,4 милиони долари. Со други зборови, освен поддршката за медиуми, тука се и проекти (како Вистиномер) со мисија да „возвратат“ или да помогнат во слабеењето на „руското влијание“. Ваквата хајка против оние што случајно добиле награда за книжевно дело од Руската Федерација, кои имале научна соработка, или (како мене) не се согласиле со палење на Достоевски како начин на борба против руската инвазија во Украина е единствен начин да најдат „руско влијание“ и да си ги одработат парите. Бидејќи, добро ви се познати два факта: прво, Русите се „тапа“ кога станува збор за јавна дипломатија, пропаганда или медиумско влијание, а второ – Македонците баш и немаат видено нешто арно од таа земја (патем, Бугарите се мека на пренесување руски вести, ама вистиномерите кај нас гонат „мразачи на Бугари“). Скенирањето на секое „сомнително лице“ треба да докаже дека се будни, агилни и вешти во разоткривањето. Вистински балкански шпиони! Патем, во едно скорешно интервју дури и американската амбасадорка, размавтана со повеќето „црни листи“, укажа дека би било згодно кога граѓаните будно би следеле кои луѓе би заслужиле да бидат казнети од камшикарот. Црната листа на вистиномерите не е поразлична од онаа што ја направија соработниците на Зеленски, а на која се најдоа некои извонредни ликови, како професорите Џон Мершајмер и Јан Оберг (меѓу другите). Е сега, она што го кажува Бујар Османи за потреба од нова специјална обвинителка што ќе гони за говор на омраза против Бугарите/Бугарија, си добива соодветно место во контекстот и мозаикот на Македонија во која мора да доминира една (антимакедонска) вистина. Колозова откри дека критиката за корумпираноста на ДУИ (воените злосторства им ги заборавија сите) било знак на албанофобија. Така, сега е забрането и да се каже нешто против силувањето на Бугарија, Грција и сите други што ни се редат. Ако на тоа се надоврзат и нежните „снегулки“ (разбудените и самоосвестените со нов етнички, расен, полов или асексуален идентитет), тогаш излегува дека што и да кажеш, некој ќе се најде навреден. На будалата не смееш да ѝ кажеш дека е будала, туку евентуално дека „кога умот се делел, тој/таа бил некако заобиколен“. Конечно, ако тие тврдат дека се свештеници на Вистината, па и ние можеме да си запееме: „Има само една вистина, има една Македонија!“. Колку да видат дека вистината, како и стапот има два краја....